Започнати активностите за одбележување на 100 години од постоење на Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово

31

Со свечено отворање и повеќе настани вчера во Тетово започнаа активностите за одбележување на 100 години од постоењето на Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“. Во Спомен куќата на Јовановци при Музејот на тетовскиот крај се одржаа три активности.

– Во рамки на одбележувањето на јубилејот 100 години од постоењето на Здружението активностите започнаа со промоција на дигиталната форма на книгата „Тетовски песни од 1872 година“ со настап на групата Серенада и презентирање на дел од песните во споменатото дело. Го промовиравме алманахот на песни „Мајски латици-1“ каде се застапени 30 поети, при што награди добија најдобрите песни во категорија на деца, младинци и возрасни. Воедно плакети добија сите застапени поети. На крај промовиран беше алманахот на афоризми и карикатура „Насмевки-1“ каде се застапени 15 автори со 500 афоризми и карикатури, информираше Милорад Ѓорѓевски, претседател на Здружението.

 

Активностите продолжуваат на 17 мај вторник, кога во 11 часот во населбата Два Бреста ќе биде положено цвеќе пред споменикот на патронот Иљо Антески-Смок. Од 18.30 часот вечерта во Музејот на тетовскиот крај ќе биде отворена изложба на фотографии по повод стогодишниот јубилеј.

Потоа до 24 мај продолжуваат настани како концерти, промоции на книги, фолклорен фестивал како и дефиле на фолклорни групи каде покрај домаќините, ќе гостуваат ансамбли од повеќе градови како и од Албанија и Србија.

Здружението за култура и уметност „Иљо Антески-Смок“ од Тетово е формирано во 1922 под името „Бинички“ кое во 1947 година е преименувано со сегашниот назив.