Замрзна Моклишко Езеро кај Ваташа

39

Замрзна Моклишкото Езеро кај кавадаречкото село Ваташа, кое се создало во 1956 година, при уривање на ридот „Градот” во месноста Моклиште.

Мирослав Нерков, доктор во Итна медицинска помош Кавадарци, голем љубител на природата и планинарењето, изјави за МИА дека езерото со својата убавина привлекува посетители во секое годишно време, па и на овие минусни температури, кога е замрзната неговата површина.

– Ние неколкумина денеска решивме да уживаме во природните богатства
на овој крај. Од браната Моклиште до езерото одевме два часа пешки во двата правца. Ретките сончеви зраци уште повеќе го збогатија нашето доживување на езерото во јануари – додаде тој.

Нерков нагласи дека, како доктор, го радува фактот што се повеќе кавадарчани, слободното време го поминуваат во природа.

– Особено овие, речиси две години на пандемија од коронавирус, кога, луѓе од различни возрасти, се повеќе внимание посветуваат на посета на места од околината. Места за кои можеби и не знаеле, а заслужуваат да бидат видени – нагласи Нерков.