Замина визионерот, духовниот водач и таткото на Европскиот универзитет, проф. д-р Бојо Андрески

Во чест на прерано починатиот проф. д-р Бојо Андрески, вчера, на Европскиот универзитет – Скопје, се одржа комеморативна седница, на која членовите од семејството, пријателите, роднините и бројни личности од јавниот и политичкиот живот му одадоа последна почит на неговиот лик и дело. Проф. д-р Бојо Андрески почина во петокот, на 13 ноември, а покрај тоа што ќе остане запаметен како основоположник на приватното високо образование во Македонија и сопственик на првиот приватен универзитет во земјава Европски универзитет Скопје, тој  остави печат и во многу други области во општествениот и политичкиот живот во земјава.

202

Во чест на прерано починатиот проф. д-р Бојо Андрески, вчера, на Европскиот универзитет – Скопје, се одржа комеморативна седница, на која членовите од семејството, пријателите, роднините и бројни личности од јавниот и политичкиот живот му одадоа последна почит на неговиот лик и дело. Проф. д-р Бојо Андрески почина во петокот, на 13 ноември, а покрај тоа што ќе остане запаметен како основоположник на приватното високо образование во Македонија и сопственик на првиот приватен универзитет во земјава Европски универзитет Скопје, тој  остави печат и во многу други области во општествениот и политичкиот живот во државата.

Пред присутните на комеморативната седница, прв од проф. д-р. Бојо Андрески, се прости проф. д-р Владо Ванковски, ректор на Европскиот универзитет, Скопје кој говореше за нивните заеднички спомени и за неговото визионерство.

– Го изгубивме основоположникот на Европскиот универзитет, го изгубивме визионерот, го изгубивме нашиот духовен водач, а јас го изгубив својот пријател. Проф. д-р Бојо Андрески беше голем визионер пред 6-7 години нè собра во овој амфитеатар со многу слики и слајдови за отворање на меѓународен универзитет и да нè убеди дека странските студенти ни се единствена шанса за развој на универзитетот. Половина се смешкаа, половина беа скептични, а еве го одговорот – Бојо бил во право. Со Андрески ме поврзуваат посебни спомени од Софија, Ниш, Галичник и Бистра. Многу ќе ми недостигаш без разлика на сите напори што ќе мора да ги направиме за да функционира Универзитетот и да оди напред, истакна Ванковски и додаде дека таков духовен водач, визионер и човек со широки погледи нема меѓу нас. Загубата на Бојо е многу голема загуба за семејството, за Европски универзитет, за сите нас. Почивај во мир.

Проф. д-р Бојо Андрески беше познат и признат стопанственик, научник, професор, патриот, активист… Повеќе од три децении беше активно присутен во јавниот живот на државата со своите импресивни достигнувања и со својот енергичен ангажман во повеќе сфери на животот, а најмногу во образованието, медиумите, хуманитарните акции, со своите добротворни дела и за помладите и за повозрасните. Беше активен и во политичкиот живот. Проф. д-р Бојо Андрески е основоположник на приватното високо образование во Република Македонија, односно на Европскиот универзитет – Скопје, во чии рамки е Факултетот за стоматологија и Универзитетскиот стоматолошки клинички центар, кој го носи неговото име.

Неговата ќерка, проф. д-р Билјана Богдановска-Андреска, која пред присутните не можеше да ја сокрие тагата и болката за нејзиниот татко, со солзи во очите ќе каже дека од неговиот татко го добила целото внимание, љубов, радост и приврзаност и се трудела никогаш да не го разочара во неговите очекувања.

-Не сакав никогаш да те разочарам во ништо, сакав секогаш да бидеш задоволен и горд на мене. Ти секогаш беше столбот на нашето семејство, главниот двигател на сите работи, визионер, човек кој живееше пред времето. Ти секогаш имаше челична волја и неуморен дух и никогаш не се откажуваше од она што ќе го намислиш. Твојата изразена храброст, истрајност, упорност и посветеност, ги донесе сите твои професионални достигнувања и ни овозможи не само нам, како твое семејство, туку и на луѓето околу тебе да имаат угледен и достоинствен живот. Ти беше човек кој кога одеше напред сакаше сите околу тебе да ги повлечеш напред и да им помогнеш. Грижата и твојата несебичност за сите луѓе околу тебе се најпрепознатливи за тебе. Се гордеам на твоите дела, благородна мисија, на твојата хуманост, чесност и посветеност кон семејството. Се надевам дека сите заедно ќе успееме да ги продолжиме и надградиме твоите дела. Почивај во мир, рече проф. д-р Билјана Богдановска-Андреска.

Многу колеги, соработници и пријатели на социјалните мрежи( комеморацијата се емитуваше преку ЗУМ програмата) се простија од прерано починатиот проф. д-р Бојо Андрески и рекоа дека ќе продолжат по патот кој тој го трасираше, ќе го вратат сјајот на Европскиот универзитет и ќе го подигнат на уште повисоко ниво.

-Многумина од вас ме споредуваа со мојот татко како негова копија, но јас со гордост ќе кажам, да јас сум негова копија, но копијата никогаш нема да биде добра како оригиналот. За него беше предизвик секој нов ден. Сите кои сме собрани во неговиот храм на знаењето го познаваме многу добро и знаеме дека беше и дека ќе биде во нашите срца и мисли. Човекот со најголемо срце, човекот кој неуморно помагаше на сите, човекот кој секогаш беше на страната на студентите, човекот кој секогаш беше принципиелен и постојано насмеан и среќен. Ние, неговите деца, ќе се обидеме да бидеме сложни и единствени и да ја испочитуваме неговата желба и визија за да го продолжиме патот и заеднички да тргнеме во борба за нашиот универзитет да стане еден од најпрестижните во светот, а Универзитетскиот клинички центар да биде уште подобар. Ќе успееме, рече во својот проштален говор неговата ќерка проф. д-р Александра Андреска-Саревска.

Поранешниот амбасадор на Република Македонија во Јапонија, проф. д-р Андријана Цветковиќ простувајќи се од проф. д-р. Бојо Андрески меѓу другото ќе рече дека и било чест и задоволство да соработува со човекот кој успеа Европскиот универзитет да го претвори во центар на високото приватно образование во регионот.

Големите луѓе никогаш не умираат, неговите креативни дела, големи и успешни потфати што ги остави зад себе, ќе бидат паметник за идните генерации низ којшто вечно ќе живее неговото име, неговиот благороден лик. Се збогуваме само со збор, но не и со срце и душа од големиот човек, од нашиот Претседател.

Нека почива во мир!