Закон во САД им овозможува на педофилите да одбегнат казна

105

Дона Полард само што наполнила 16 години кога застанала во судницата спроти сериски педофил, кој ја придобил нејзината доверба и ја силувал претходните две години, пишува Дејли мејл.

Нејзиниот елегантно облечен злоставувач немал лисици на рацете, оти не бил дојден да одговара пред судот под обвинение за грозните злосторства кои му го уништиле животот на 14-годишното девојче. Тој бил дојден да се ожени со својата жртва, со согласност на мајка и на Дона и одобрение од државата која не само што дозволувала бракови со малолетнички, туку и замижувала пред фактот дека злоставувачите ги принудуваат малолетните жртви на брак.

Чинот на склучување брак му помогнал на злоставувачот на Дона, психолог двојно постар од неа, да одбегне покренување обвинување против него поради сексуално злоставување малолетничка и да заврши зад решетки.

-Згрозена сум што законот дозволуваше такво нешто. Законите треба да ги штитат жртвите, а не луѓето кои ги искористуваат. Мојот живот беше уништен од педофил кој го искористи законот за бракот, вели Дона за Дејли мејл.

Нејзината трагична приказна не е исклучок. Ширум САД постојат илјадници вакви случаи, а некои од жртвите немале ни 13 години кога биле принудени на брак.

Изненадувачки е што во повеќето американски држави малолетничкиот брак се уште е дозволен, а некои конзерветивни политичари се борат да ја заштитат оваа практика. Иако податоците се уште не се комплетни, една студија покажува дека во првите 15 години од овој век легално се венчале најмалку 207.459 малолетни лица. Речиси сите биле девојчиња, повеќето имале 16 и 17 години, во три држави легално се венчале 12-годишни девојчиња, а во 14 држави 13-годишни девојчиња.

Во Алабама 74-годишен маж се венчал со 14-годишно девојче, но како и во многу други случаи, вклучително и оној на Дона, таа врска би довела до обвинение за силување на малолетничка и тој би бил регистриран како сексуален престапник ако сето тоа се случило вон брак.

Кентаки е трета земја во САД по бројот на малолетнички бракони (по 2000 година се регистрирани 11.000). Благодарение на Дона, која била меѓу тие случаи, пред неколку месеци е воведен нов закон кој забранува брак под 18 годишна возраст, иако и 17-годишни девојки можат да се омажат по одредени услови.

Татко и на Дона, возач на камион, често бил отсутен поради работа и веќе имал две деца кога со 17 години се оженил со мајка и на Дона, која во тоа време имала 13 години.

Мајката била студена и склона кон насилство и често ја тепала Дона. Кога Дона наполнила 13 години, татко и умрел и набргу почнала да и возвраќа на мајка и. Ја испратиле на психолог и завршила во специјална установам каде поминала пет недели.

Тука за неа “се погрижи;” 29-годишниот психолог.

-Беше многу добар кон мене, полн со разбирање, ми посветуваше внимание поради што се чувствував посебна. Сакав да му удоволам, оти ми требаше некој кој е добар кон мене, вели таа.

Така започнале тајни состаноци, прегратки и секс, иако тогаш имала само 14 години. Кога била отпуштена од установата, лично мајка и еднаш неделно ја носела во хотел каде Дона се состанувала со психологот.

-Во него гледаше спасител кој ќе ја ослободи од товарот да се грижи за мене, вели Дона.

Непосредно по 16-тиот роденден на Дона, мајка му на психологот открила што се случува и се заканила дека ќе пријави во полиција. Мажот извадил пиштол и се заканил дека ќе се убие, а потоа се заканил на мајка му и ја истерал од куќата.

По неколку дена Дона и нејзиниот злоставувач се нашле пред судски службеник. Мајка и на Дона и официјално лице потпишале дозвола, а тинејџерката е одведена на венчавка со педофилот.

Забременила на 17 години, но сопругот ја принудувал да работи во стриптиз клуб, и ја земал платата и ја терал да му наоѓа дрога и други девојки.

Во една пригода, додека сопругот ја давел на подот, нивната ќеркичка почнала да се смее мислејќи дека станува збор за игра. Во тој момент Дона сфатила дека мора да побегне. Се обратила за помош во Центарот за борба против насилство во семејството, но била одбиена затоа што е малолетничка.

Имала 19 години кога конечно успеала да побегне. Се запишала на колеџ и по неколку години се стекнала со диплома, но го криела злоставувањето и бракот. Страдала од депресија и тешка анксиозност.

Дури пред две години, додека работела како менаџер во здравството, сега 32-годишната жена решила да дознае дали има уште жени со судбина како нејзината.

Така ја запознала Џин Смит, психолог од невладината организација Тахирих, која се бори против злоставување жени. Таа вели дека таквите случаи укажуваат на неопходноста од реформи ширум Кентаки.

-Едно девојче ми раскажа дека плачела, што судскиот службеник го протолкувал како кикотење и и рекол дека ова би требало да и биде најсреќниот ден во животот, вели Смит.

Реформата на законот во Кентаки ја започна републиканската сенаторка Џули Адамс која се шокирала од приказната на Дона. Но, кога Смит ја покренала промената на законот, била шокирана од бројот мејлови од жени кои и раскажале слична приказна.

Делавер беше првата американска држава која сосема забрани малолетнички бракови во мај минатата година. Неколку држави, вклучително и Тексас, кој во овој век имаше најмногу малолетнички бракови, законите се заострија. Осумнаесет држави се уште немаат определено старосна граница за склучување брак.

Реформите наидоа на отпор на конзервативците, меѓу кои и сенаторот на Кентаки, Алберт Робинсон, кој се противи на мешање на државата во семејниот живот.

-Баба ми се омажила на 14 години, мајка ми се родила една година подоцна, а тоа е една од подобрите работи што ми се случиле во животот, вели тој. –Ако родителите на идниот татко и бремената девојка можат да се договорат, тоа е многу подобро од абортус, смета тој.