Законот за амнестија оди на брза лента!

Предлог-законот за амнестија влезе во Собранието без европското знаменце, но по скратена постапка. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, веќе го доставил до пратениците, потврдија вчера од Кабинетот на Џафери. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека овој предлог-закон не е правен за личности, туку за дела од помал обем, за да се релаксираат пренатрупаните затвори. Овој предлог-закон на министерот за правда Кренар Лога ги подели политичките фактори во земјава, дури и внатре во власта. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не се согласува со премиерот Ковачевски и стои цврсто на својот став дека законот за амнестија нема да има ефект. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му порача на Спасовски веднаш да ја напушти Владата ако не се согласува со Законот за амнестија. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат предлог-законот за амнестија,  ќе го блокираат со амандмани и дека ќе го напуштат Собранието ако се злоупотреби процедурата. Амандмани од страна на пратеничката група на СДСМ најави и премиерот Ковачевски, доколку со него постои можност да се амнестираат осудени лица од убиството кај Смилковско Езеро

105

Владата го испратила предлог-законот за амнестија во Собранието без европското знаменце, но предлага да се носи по скратена постапка. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, веќе го доставил до пратениците, потврдија од Кабинетот на Џафери.

-Предлог-законот за амнестија е примен во Собранието, а испратен од Владата. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го достави до пратениците. Предлог-законот е по скратена постапка, информираа од кабинетот на Талат Џафери.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека овој предлог-закон не е правен за личности, туку за дела од помал обем, за да се релаксираат пренатрупаните затвори.

-Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи, кои се случиле во минатото во државата, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решени кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат, рече Ковачевски.

Тој вели дека законот бил изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и потоа бил испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот.

-Ист вакво закон се донесе во 2018 година и тогаш сите го поддржаа. Сега предложениот закон е дури и порестриктивен. Бројот на места во затворите е околу 2.113, колку што во моментов има лица во затвори. На издржување на казна чекаат уште 2.200 лица, што значи дека во моментов се потребни 4.000 места за да се сместат сите кои чекаат за издржување на казна, рече Ковачевски.  

Премиерот направи пресметка дека најголемиот центар за сместување во државата со сите хотелски места има капацитет од 4.000 места и дури и сите тие да ги направат објекти за осуденици, за една недела повторно ќе фалат места.

-Затоа дел од пратениците и министрите со кои сум разговарал велат дека треба да има стратешки пристап, кој според мене треба да се состои од три дела. Првиот дел е инвестирање во нови објекти за што владата преку ЕБОР има обезбедено 24 милиони евра, за изградба на нов објект во рамки на затворот „Идризово“, со сместувачки капацитет од 900 места и за реновирање на постојниот затворски капацитет. Второ е користењето на пробацијата, која беше воведена во 2017 година, кога четири лица беа предмет на пробација, а денеска се 450, бидејќи веќе се отворени такви центри со вработени стручни лица во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Битола, Струмица. Третиот е воведување на електронски алки за оние кои можат да издржуваат казна во домашни услови, рече Ковачевски и посочи дека веќе се набавени електронски алки и наскоро таква постапка треба да се спроведе во пракса.

Овој предлог-закон на министерот за правда Кренар Лога ги подели политичките фактори во земјава, дури и внатре во власта. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не се согласува со премиерот Ковачевски и стои цврсто на својот став дека законот за амнестија нема да има ефект и дека неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му порача на Спасовски веднаш да ја напушти Владата ако не се согласува со Законот за амнестија.

-Спасовски има две опции. Едната опција е ако не се согласува да ја напушти владата. Втората опција е да престане да прави театар и да молчи и да прифати дека оние што се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанции или познати како наркодилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму. И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија, рече Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат предлог-законот за амнестија, ќе го блокираат со амандмани и дека ќе го напуштат Собранието ако се злоупотреби процедурата. Од Министерството за правда преку соопштение порачаа дека таквата вест е „добредојдена“ и дека „немањето став за битни прашања и политиките на блокада подобро се изразуваат со напуштање на Собранието“. Амандмани од страна на пратеничката група на СДСМ најави и премиерот Ковачевски, доколку со него постои можност се амнестираат осудени лица од убиството кај Смилковско Езеро, откако дел од медиумите објавија дека предложениот закон за амнестија ги опфаќа и Хаки и Фејзи Азири осудени за помагање во случајот „Монструм“. Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, посочи дека треба сериозно да се разгледа предлог-законот за амнестија и дека таков закон сме имале и во 2018 година.

Со новиот закон за амнестија се предлага осудениците на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, сосема да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Министерството за правда соопшти дека со законот се очекува целосно да бидат ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996 осуденици, додека  во моментов 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2.813 чекаат да влезат во затвор.

Според најавите, предлогот на законот за амнестија не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право. Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик. (В.С.Н.)