Законите на коридорите 8 и 10-д чекаат потпис од Пендаровски

Измените на петте закони за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“, кои во петокот експресно поминаа во македонското Собрание, веќе се доставени во кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Оттаму информираа дека во следниве денови ќе бидат разгледани од претседателот Пендаровски и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. До затворањето на весникот, од кабинетот на Пендаровски немаше информација околу тоа. Премиерот Димитар Ковачевски не сака да прејудицира каква одлука ќе донесе шефот на државата, алудирајќи на тоа дека Пендаровски и самиот е правник, а има и искусни правници во неговиот кабинет

124

Измените на петте закони за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“, кои во петокот експресно поминаа во македонското Собрание, веќе се доставени во кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Оттаму информираа дека во следниве денови ќе бидат разгледани од претседателот Пендаровски и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани. До затворањето на весникот, од кабинетот на Пендаровски немаше информација околу тоа.

Премиерот Димитар Ковачевски не сака да прејудицира каква одлука ќе донесе шефот на државата, алудирајќи на тоа дека Пендаровски и самиот е правник, а има и искусни правници во неговиот кабинет.

– Врз основа на анализата што ќе ја направат за законите кои веќе ги донесе Собранието, претседателот на државата ќе го каже својот финален збор во однос на законските решенија неопходни за реализација на договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д со „Бехтел и Енка“ – вели Ковачевски.

Тој смета дека се работи за закони кои се потребни заради изградбата, и тоа не само на овој проект.

– Ако ги погледне законите, се работи за усогласување на нашето законодавство за побрзо, поевтино и поефикасно проектирање и изведба на инфраструктурни проекти во патната, железничката, гасната и електричната инфраструктура во државата – истакна Ковачевски.

Погледнете го, додаде, автопатот Кичево – Охрид, досега се потрошени 600 милиони евра, 10 години се прави, а нема ниту еден метар автопат.

– Па само камати да пресметате на тие пари, да не сте го правеле, ќе видите колку приходи ќе имало за државата. Меѓутоа, во тоа време, владата на ВМРО-ДПМНЕ одлучила да го прави автопатот по тој модел, со кинески изведувачи, а 400 милиони евра е првиот договор. Јас можам да ви покажам документ каде што во последните денови од владата на Груевски додале уште 200 милиони и го прават да чини 600 милиони евра, а уште нема ниту еден метар автопат направен во државата – појасни Ковачевски.

Според премиерот, со овие законски измени се овозможува да работи најголемиот светски конзорциум за изградба на вакви инфраструктурни проекти.

– „Бехтел“ не само што ги има направено најголемите автопатишта во регионот: Косово, Албанија, Србија, пред тоа пушти нов автопат во Хрватска, подводниот тунел под Ла Манш, метрото во Атина. Голем број други инфраструктурни проекти се правени од овој најголем светски конзорциум. Јас сметам дека со законските измени, за пет години ние ќе имаме модерен автопат со шест ленти и на Коридорот 8 и на Коридорот  10-д помеѓу Прилеп и Битола – рече Ковачевски.

Во петокот, на паузата меѓу две седници за пратенички прашања, беа изгласани измените и дополнувањата на законите за изградба на стратешки инфраструктурни проекти од национален интерес. Се работи за измени на Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање.

– Промената на законските решенија се однесува на доуредување на постојните закони, со кои ќе се овозможи ефикасна и брза реализација на стратешките проекти што се однесуваат на изградба на патишта, железнички пруги, гасоводи и други градби од национален интерес. Изградбата на стратешките инфраструктурни проекти е важна, пред сè, за подобрување на условите за живот на граѓаните, за обезбедување модерна и безбедна патна и железничка инфраструктура, за рамномерен регионален развој, што крајно значи и дополнителен импулс за развојот на вкупната економија – информираа од Владата. 

Беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија.

– Реализацијата на овој стратешки проект, во кој е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години – потенцираа од Владата.

(С.Бл.)