Заедничките часови на средношколците кои учат на различни наставни јазици се спроведуваа онлајн

199

Во текот на првото полугодие од тековната учебна година, во седум средни училишта на Градот Скопје се реализираа заеднички online часови на ученици кои наставата ја следат на различен наставен јазик.

Како што информираат од Градот, користејќи ја апликацијата Microsoft Teams, за учење од далечина, 42 наставници, работејќи во парови и користејќи методи и вештини за интегрирана настава, реализираа вкупно 177 заеднички часови по повеќе наставни предмети.

-Благодарение на овие часови 580 ученици од различни етнички заедници имаа можност да се запознаат подобро, да учат едни за други и едни од други, но и да ги зајакнат своите граѓански и демократски вредности-потенцираат градскитевласти.

Овој проект Градот Скопје го започна пред три години, во соработка со Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО), Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГO) и Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија и истиот продолжува да ги поврзува средношколците и во услови на пандемија кога наставата ја следат од далечина, односно од своите домови.

Изминативе денови претставници од Секторот за образование на Град Скопје и од Македонскиот Центар за Граѓанско образование ги посетија училиштата во кои се реализираат заеднички часови: СУГС„Арсени Јовков“, СУГС„Здравко Цветковски“,СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС„Боро Петрушевски“, СУГС„Димитар Влахов“, СУГС„Јосип Броз-Тито“ и СУГС„Владо Тасевски“ и одржаа средби со директорите, наставниците и координаторите на училишните тимови за меѓуетничка интеграција.

За време на овие средби, присутните дискутираа за процесот на имплементација на заедничките часови и потребите на наставниците за ефикасно спроведување на истите. Беа споделени и искуства и предизвици со кои тие се соочуваат.

Воедно, на наставниците кои ги реализираат овие часови им беа доделени ИТ-уреди како поддршка во нивната работа и важна алатка за реализција на наставниот процес кој оваа година се спроведува преку учење на далечина.

Во периодот што следува, наставниците кои спроведуваат заеднички часови ќе учествуваат на повеќе обуки за градење на капацитети со што ќе ги продлабочат нивните знаења за употреба на дигитални алатки во наставата, воспоставување на добра комуникација и соработка помеѓу учениците и слични активности кои се корисни за успешна реализација на заедничките часови.