Заев: Ќе тужам за клевета зашто не сум инволвиран ниту јас, ниту вискоите функционири во случајот „Рекет”

49

Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш отфрли секаква негова вмешаност, како и инволвираност на високи функционери во случајот „Рекет”.

Заев, кој денеска е во Прилеп за пуштањето во употреба на еко-автобусите во градскиот превоз, одговарајќи на новинарско прашање да го коментира објавеното во некои медиуми каде во записник се споменуваат тој и високи државни функционери дека ги предупредувале осомничените во „Рекет”, според Заев е лага и манипулација.

Заев најави тужба за клевета, повикувајќи го обвинителството да ја потврди веродостојноста на записникот кој се споменува.

-Прво, ја повикувам јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот што е направен и чесно е да каже дали е тоа така кажано. Второ, секако дека ќе тужиме, зашто тоа не е точно. Неколку пати, јас отфрлав каква било поврзаност со Боки 13, Бојан Јованоски, врзана со случајот „Рекет” и до ден-денеска стојам на тие ставови. Апсолутно е обврска на Обвинителството да објави јавно дали тоа така е кажано. Како што видов рано изутрината објавена е само една страница од записникот, а потоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Секогаш сакам да ги охрабрам новинарите да истражуваат, да доловат сѐ што е важно за јавноста, но да прават манипулации, за тоа има одговорност. Јас лично, а верувам заедно со мене Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски, сите што сме споменати. Ќе ги повикам заедно со мене да поднесат тужба за клевета и таму да ги отвориме документите и на јавноста да ѝ докажеме дека лаже новинарот кој го лиферува ваквиот запис, рече Заев.

На прашањето дали ќе побара политичка одговорност доколку се утврди дека од политичарите има вмешани во случајот „Рекет” или ќе чека да поднесат политичка одговорност, Заев нагласува дека над одговорноста и правдата не смее да биде никој.

– Јас лично, не верувам дека некој од високите функционери на СДСМ е инволвиран, но оставам истрагата тоа да го докаже. Законот важи за сите, без разлика дали е функционер. Ги охрабрувам истрагата, јавното обвинителство, целото правосудство. Наша обврска како извршна власт е да создадеме услови на независна истрага која ќе ги даде сите одговори. Тоа е предизвик сите да покажеме како држава дали знаеме да се справуваме со вакви девијантни, криминални појави кои ни се случуваат во општеството. Вакви случаи има секаде во светот, прашањето е како државата се справува со нив преку сите повикани иституции, изјави Заев.