Заев ќе “смете” педесетина директори  

94

Наредната недела продолжува следниот чекор од реконструкцијата на Владата. Ќе има смени на заменици министри и директори на институции, изјави во петокот премиерот Зоран Заев. Заев очекува целиот процес да заврши до крајот на овој месец со смената на замениците министри и директорски места во подрачните единици во државата.

– Се работи за повеќе од дваесетина директорски места на централно ниво. Веројатно повеќе од триесетина на локално ниво. Има подрачни единици, замениците, тоа се веќе испразнети места, непополнети кои што ќе завршат во овој период на јули. Идната недела веќе ќе одиме со следниот чекор, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање до каде е реконструкцијата.

По најавата за чистка по првиот круг од претседателските избори, пред еден месец СДСМ на седница на Централниот одбор на партијата го разреши речиси целото партиско раководство. Од функцијата се разрешени целиот Извршен одбор, сите шестмина потпретседатели на партијата, тројцата секретари и координаторката на Форумот на жени.

Разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, секретар за меѓународна соработка, шесте потпретседатели – Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири, како и Цветанка Ласкова од функцијата координатор на Форумот на жени.

За нов генерален секретар е избран Љупчо Николовски, кој повеќе не е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Заев тогаш изјави дека се остваруваат ветените промени и дека со тоа неговата партија демонстрирала сериозна одговорност пред граѓаните.