Заев-Ципрас: Договорот од Преспа не е само решение за спорот за името, туку и за долгорочно стратешко партнерство

27

Премиерот Зоран Заев во рамки на својата дводневна работна посета на Атина, вечерва се сретна со лидерот на опозицијата и претседател на Сириза Алексис Ципрас.На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се дискутираше за имплементацијата на Договорот од Преспа кој во 2018 година, кога беше потпишан, направи пресврт во односите меѓу двете земји и ги откочи евроатланските процеси на Република Северна Македонија која оваа година стана членка на НАТО и ги очекува стартот на преговорите со Европската Унија, веднаш по меѓувладината конференција која треба да се одржи додека со Советот на ЕУ претседава СР Германија.

Во таа насока, на средбата беше истакнато дека Република Грција и во европските интеграции на нашата земја останува силен партнер, поддржувач и лобист за успешна завршница на овој процес.

Договорот од Преспа, како што се наведува, не е само решение за спорот за името меѓу двете земји, туку и договор за долгорочно стратешко партнерство и за развој на широк план на односите меѓу двете земји.– Особено значајно е што во претстојниот период се очекуваат значајни политички одлуки за олеснување на иницијативите на бизнис заедниците меѓу двете земји како што се договорите за избегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите, се вели во соопштението.

Двајцата соговорници се согласија дека по две години од Договорот од Преспа, конструктивните опоненти на договорот во двете земји прифатија дека станува збор за историски договор од огромно значење за иднината на народите на двете земји.На средбата што се одржа во Парламентот на Република Грција, присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.