Заев со Албанците ќе ја одигра „можам со тебе, можам и без тебе“

Цели две недели по одржувањето по изборите сè уште се калкулира кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии што се поставуваат за да се постигне договор што ќе значи нова политичка влада во следниве четири години. -Заев сега е во ситуација, со сите партии на Албанците, да ја одигра играта “можам и со тебе, можам и без тебе”. Исто како Груевски некогаш. Клептократите и “патриотите”, кои не се продаваат за пет пари, ќе чекаат на ред да ги прими на разговор, коментира аналитичарот и ексминистер за финансии Џевдет Хајредини

255

Во борба за обезбедување парламентарно мнозинство, се засилува пазарењето со новоизбраните пратеници и наддавањето за тоа кој ќе формира Влада. Цели две недели по одржувањето по изборите сè уште се калкулира кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии што се поставуваат за да се постигне договор што ќе значи нова политичка влада во следниве четири години.

-Заев сега е во ситуација, со сите партии на Албанците, да ја одигра играта “можам и со тебе, можам и без тебе”. Исто како Груевски некогаш.
Клептократите и “патриотите”, кои не се продаваат за пет пари, ќе чекаат на ред да ги прими на разговор, коментира аналитичарот и екс министер за финансии Џевдет Хајредини. Според него, за формирање Влада, ќе се чека ред кај Заев.

 

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши смета дека сепак нивниот противник ДУИ треба да проба и да издејствува Насер Зибери да биде премиер. Но додава ако тоа не им успее да остават преговорите да ги водат Алијанса и Алтернатива на Албанците.

„ДУИ треба да проба Насер Зибери да биде премиер, тие добија пратеници заради него и ако не можат тоа да го остварат ќе треба да отстапат и ќе треба да се направат нови комбинаторики и ние како Алијанса и Алтернатива да започнеме преговори. Но имавме разговори со Зијадин Села и заклучивме дека нема да влагаме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет, вели Гаши за Слободна ТВ.

Тие две партии се во коалиција и цело време тврдеа дека идејата на ДУИ за Албанец премиер е фарса, симболика.

Ние се спротивставивме за идејата премиер Албанец, мислејќи дека тоа е само симболика, а не содржина. И сега не можеме да ги излажеме нашите гласачи кои веруваа на овој концепт за да одбраниме некој друг концепт, вели Гаши.

Во исто време, лидерот на ДУИ, Али Ахмети деновиве објави дека се сретнал со претседателот на Движењето „Беса“, Билал Касами. Беса на изборите коалицираше со СДСМ.

„За време на конструктивната средба, се согласивме да ги продолжиме нашите напори за евроатлантскиот пат на земјата, како и долгоочекуваните реформи кон владеењето на правото преку развивање на отворен и континуиран дијалог, напиша Ахмети на Фејсбук.

Со два пратеници разлика, за нова Влада преговараат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Поддршката од граѓаните за СДСМ значи продолжување по патот на напредокот, интеграциите, демократијата, правдата, владеењето на правото, стои во партиското соопштение, во кое СДСМ уверува дека токму тие ќе прават Влада.

-Новата Влада, што ќе ја предводи СДСМ, има план за реформи во правосудниот систем, за правда и одговорност за сите. Тоа е еден од најважните приоритети на кој интензивно ќе се работи уште од првите денови, велат од “Бихаќка“.

Без да соопштуваат детали, со 44 пратеници, два помалку од коалицијата СДСМ-БЕСА и како второпласирана партија и ВМРО-ДПМНЕ се трка за обезбедување мнозинство и за составување влада.

-Врз основа на добиената доверба од граѓаните и верувајќи во принципите и вредностите кои беа елаборирани од страна на Коалицијата за обнова на Македонија, правиме напори за формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе значи зафаќање со сериозна работа за надминување на тешката криза во која се наоѓа државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со неформалните преговори за Влада, во Собранието течат последните подготовки за конститутивната седница. Седницата, под посебни протоколи за заштита од Ковид-19, ќе се одржи на последниот ден од законски предвидениот  рок, односно во вторник – 4 август.