Заев: Перспективата за ЕУ и НАТО ни е на дланка

41

Сите држави, пријатели на Република Македонија, сакаат да ја видат земјава просперитетна. Отворени се вратите за соработка со светот. Останува да ги спроведеме реформите од Планот 3-6-9. Перспективите ни се на дланка, од нас зависи, рече денеска премиерот Зоран Заев, информирајќи за престојот и активностите на владината делегација на 72. Генерално собрание на ОН во Њујорк.

На прес-конференцијата во Владата на која присуствуваше и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, Заев нагласи дека Македонија има подадена рака да продолжи по патот на прогресот.

Премиерот информира дека во Њујорк остварил преку 30 средби со светски лидери, високи претставници на меѓународни организации, бизнисмени и претставници на македонската дијаспора.

Токму дијаспората, напомена Заев, е подготвена директно да се вклучи, и материјално и со човечки ресурси, за што поголем и побрз развој на земјата.