Заев: Нова страница во нашата историја,сами ќе одлучуваме за иднината

22

На свечена церемонија денеска пред Владата на Република Македонија беше кренато знамето на НАТО.

-Денеска го креваме знамето на НАТО, што заедно со европското и со нашето, ја одредува иднината,  не само нашата и на нашите поколенија. Тоа не е само симболика, туку реалност. Тоа е нова страница во нашата историја, рече премиерот Заев на церемонијата пред Владата по повод кревањето на знамето на НАТО.

Тој истакна дека денес со сигурност кажуваме дека нашата татковина е на вистински пат кон прогресот и непречен развој.

-Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении и се вративме на главниот автопат кон Европа, рече Заев и додаде дека во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојување на државата, во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина, но и со брзината со која ќе ја стасаме таа цел, рече премиерот.

Заев оцени дека иднината веќе не ни е судбина, туку судбината ја земавме во свои раце и ја одредивме иднината.

Премиерот потеницра дека овие денови ја почнуваме следната комплексна етапа во изградбата на нашата држава според европските стандарди и оти никој веќе нема да не блокира од надвор.