Заев вели нема Рекет 2, чесно беше да го предупредиме инвеститорот

За овој случај медиумите информираа како афера „Рекет2“, а сопственичката на фирмата Вера Иванова рече дека власта ја опструира продажбата на нејзината компанија, и поднесе кривични пријави против министерот за здравство Венко Филипче и против Ден Дончев, директорот на Фондот за здравствено осигурување. Подоцна таа ја прошири пријавата и против Зоран Милески-Кичеец. Премиерот Зоран Заев на прес-конференција потврди дека го информирале шведскиот инвеститор дека против фирмата се води истрага

77

Чесно е на потенцијалниот инвеститор да му ги дадеме сите информации што ги имаме пред да инвестира, зашто така се гради кредибилитет, рече премиерот Зоран Заев, откако сопственичката на фирмата Диамед обвини дека претставници на власта го разубедувале шведскиот инвеститор „Диаверум“ да не ја купи нејзината фирма убедувајќи го дека против фирмата се води истрага. За овој случај медиумите информираа како афера „Рекет2“, а сопственичката на фирмата Вера Иванова рече дека власта ја опструира продажбата на нејзината компанија, и поднесе кривични пријави против министерот за здравство Венко Филипче и против Ден Дончев, директорот на Фондот за здравствено осигурување. Подоцна таа ја прошири пријавата и против Зоран Милески- Кичеец.

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција  потврди дека го информирале шведскиот инвеститор дека против фирмата се води истрага.

„Донесоа одлука да ги купат, нека им е со среќа, ги купија, но беа навремено предупредени од државата дека има истрага токму за овој предмет. Дијализите ги знаеме сите во државата кои беа, како се спроведоа, како се цените дадени на самите дијализи, кој е начинот на спроведување. Ќе си прашате Јавното обвинителство да ви ги каже сите детали околу таквата истрага“, рече Заев.

Тој рече дека ако се точни наводите на Иванова треба да има одговорност, но и ако нема аргументи на таквите тврдења и таа треба да одговара за нарушување на угледот.

Зоран Заев потврди дека знаел за „Рекет 2“ и дека е вистина наводот во кривичната пријава за одвраќање на странскиот здравствен гигант да влезе во Македонија, реагираше на владината прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев откри дека речиси цела година однапред знае што ќе работи обвинителството и знае против кого и каков случај ќе отвора обвинителството. Зоран Заев потврди дека е запознаен со рекетирањето и случајот „Рекет 2“! Октоподот на власт нема намера да има расчистување на високата корупција. Зоран Заев застана со Ден Дончев и Венко Филипче, што според сите критериуми е покажување на политичка заштита врз овие двајца среде отворен процес по поднесена кривична пријава, изјави Стоилковски.