Заев: Нема пресметување затезни камати во недоглед

192

Покрај законското решение во Законот за облигациони односи со кое износот на каматите за задоцнетите побарувања да не го надминува главниот долг, во процедура е и нов предлог со кој ќе се стави крај на бесконечното пресметување на затезни камати, најави премиерот Зоран Заев.

Заев рече дека ова е уште едно законско решение, кое е во процедура, сè со конечна цел да интервенираат во помош и поддршка на посиромашните.

-Првото решение е дека каматата не може да биде поголема од главниот долг, и второто решение кое се надевам Парламентот ќе го поддржи, јас разговарав со пратеничката група, со министерот за правда, го дадов своето мислење, а тоа е дефинитивно застареноста да биде пресечена исто така на десет години и секако делот на каматите кои поминуваат после десетта година да не смеат да се пресметуваат, рече премиерот.

Според Заев, ова веројатно ќе предизвика одредени последици кај банките и кај компаниите, но како што рече, ако сите тие доверители не успеале за 10 години да ги наплатат побарувањата, тоа е виртуозен круг во кој се влезени граѓаните, а ништо нема да значи за правните субјекти, банките или фирмите.

-Дефинитивно тоа е пресметан ризик според мене и треба да го отпишат како побарување од спорни и ненаплатливи побарувања кога после веќе 10 години не успеале да го наплатат таквото побарување. А впрочем не е дозволиво каматата да биде поголема и од главниот долг. На крајот, државата постои за граѓаните, рече премиерот.