Македонија ќе постапи согласно сите меѓународни договори кои што ги прифатила, потврдила и поддржала, но ќе се побараат и сите правни акти за заштита на нашите граѓани. Ова вчера го изјави премиерот Зоран Заев во врска со скандалот што го тресе МНР во врска со упасените македонските дипломати во соседна Србија.
-Дипломатите додека не ги побара некоја земја како и за секој граѓанин важат истите права и навистина ние не можеме за наш граѓанин да преземеме какви било дејствија ако тоа некој не го побара. А самите дипломати, односно вработени во МНР работат и дома и работат во нашите мисии, односно амбасадите насекаде. Одреден период се надвор, одреден период се дома, рече Заев. За дипломатот кој бил баран со меѓународна потерници и потоа упасен на македонско – српската граница, како што сум бил информиран од МНР, целата негова кариера дел од времето поминал надвор, дел поминал тука.
-Јас не сакам да навлегувам во деталите на причината зошто е побарана меѓународна потерница и зошто се бара екстрадиција тоа ќе ви дадат соодветните органи. Но, дефинитивно знам дека е логично тие што работат во МНР коишто имаат свои кариери се долги години таму, поминуваат на мисии низ нашите амбасади како дипломатски советници или слично. Не ги знам навистина деталите и би сакал да ги дознаам, односно ќе се распрашам детално за наодите коишто преку МВР би ги добил како е – покажува дека е тоа така, што се случило. Знам дека 2018 година како што прочитав се случиле овие детали, рече вчера Заев. -Нормално е дека земја која што е развиена демократија, која што ги почитува меѓународните узанси, договори, клаузули, ние ќе постапиме соодветно по тоа. Но, секако, се работи за наш граѓанин, ќе сакаме да дополнително ги дознаеме сите правни акти кои се, затоа што пред се должни сме да ги штитиме нашите граѓани, но истовремено да го штитиме и законот и меѓународното право, рече Заев.
Наместо на работа на мисијата на ОБСЕ во Виена, македонски дипломат заврши во затвор во Врање. Дипломат, кој е дел од нашата мисија во ОБСЕ во Виена, е уапсен по меѓународна потерница минатиот петок на граничниот премин Прешево при обид за влез во Македонија. Министерот Бујар Османи потврди дека станува збор за потерница на Интерпол, стара 3 години и најави вонреден ветинг во дипломатијата. – Презедов серија на мерки и одлуки, во смисла на одлука за отповикување, односно повлекување од мандатот и прекинување на мандатот во Виена. Мирување на работното време, бидејќи законот не дозволува поинаква одлука, овен мирување, сè до расчистување на случајот. Меѓутоа и решив да се направи вонреден ветинг на сите дипломати за надворешни работи, користејќи ги механизмите на НАТО сертификати, националните сертификати, меѓутоа и други инструменти за целосен ветинг на дипломатите со цел да не ни се случат вакви работи, изјави министерот Османи.
Османи иницирал итна процедура за формирање работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста на куќата, особено закана која е поврзана со предметниот случај, со приведениот македонски дипломат.
Со реакција во врска со скандалот се огласи и Советот на амбасадори од каде што во име на професионалните и етички стандарди и критериуми, ја изразуваат својата разочараност во врска со информацијата за меѓународната истрага врз дипломат од МНР и други лица кои во моментов не се во активна дипломатска служба.
Од случајот се огради поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Екс министерот на својата официјална Фејсбук страница информира дека дипломатот бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 год., кога со МНР раководел друг министер, а неговото барање за продолжување на мандатот било одбиено од страна на Димитров.
– Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки.
– Согласно Законот, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос.
– Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 год., долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност.
– Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации.
Од изнесениве факти, јасно се гледа дека за време на мојата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности. Меѓу другото, токму јас го имам искористено дискреционото право да не го испратам овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата, напиша Димитров на својот ФБ.
Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, надоврзувајќи се на медиумските сознанија за скандалот, вели дека сега уапсениот дипломат Миле Миленковски,заедно со дипломатот Владимир Сарафов, во операцијата за извлекување на високиот ерменски функционер од Ереван, Левон Саркисјан, кој бил гонет за голема финансиска проневера, го обезбедиле со македонски дипломатски пасош со украден идентитет, вели Милошоски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денес рече дека меѓународната потерница за дипломатот ја распишала Ерменија на 25-ти февруари 2020 година, во период кога тој бил претседател на Владата.
– Во 2019-та година има информации коишто ги добива Министерството за внатрешни работи во смисла дека е можно да имаме вклученост на наши дипломати во одредена постапка, за тоа веднаш е известено Министерството за надворешни работи, меѓутоа во тој момент немало меѓународна потерница за ниту еден дипломат. Сакам да ја информирам јавноста и вас дека меѓународната потерница е распишана од страна на Ерменија на 25 февруари 2020 година, во тој момент јас сум претседател на Владата, а министер за внатрешни работи беше господинот Наќе Чулев, што во тој момент е направено дали е известено МНР, не ли е известено, јас немам детални информации за тоа. И нормално сега, кога се случи овој настан, ние сме информирани преку нашиот сектор за меѓународна соработка за тоа што се случило и информациите сме ги пренеле до МНР, така што таму постои еден сплет на настани за коишто сигурно и МНР ќе даде докрај сите информации коишто се потребни-изјави Спасовски.
Спасовски не знаел пред да се случи ова дека е распишана меѓународна потерница и нагласи дека по распишувањето на потерницата од 25 февруари 2020 година од Ерменија, во истиот момент, за ден-два се прикачуваат на системот во секторот за меѓународна соработка.