Заев заминува, кога нова влада?!

Димитар Ковачевски, сегашен заменик-министер за финансии, е избран на вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ. Сепак, Ковачевски ќе мора да се стрпи за да го замени својот претходник во Владата, бидејќи Заев најави дека ќе ја поднесе оставката на премиерската функција откако ќе биде познато дали во декември ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Со оглед на тоа што повеќе од сигурно е дека в четврток ќе добиеме уште едно НЕ, поради бугарското вето, тоа веројатно ќе го исполни и вториот услов за Заев да ја поднесе оставката на премиерската функција. Од тогаш почнуваат да течат роковите за да биде назначен Ковачевски за нов мандатар. Во врска со новите кадровски решенија во Владата и ресорите,  Ковачевски рече дека ќе мора да се почека одлуката на партискиот Централен одбор.

1086

Димитар Ковачевски, сегашен заменик-министер за финансии, е новиот шести по ред претседател на СДСМ, откако на вонредните внатрепартиски избори завчера ги победи противкандидатите Фросина Ременски и директот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Тој, по поднесување на оставката на премиерот Зоран Заев, ќе биде нов мандатар и премиер на новата Влада.

Сепак, Ковачевски ќе мора да се стрпи за да го замени својот претходник и во Владата, бидејќи Заев најави дека ќе ја поднесе оставката на премиерската функција откако ќе биде познато дали во декември ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Со оглед на тоа што повеќе од сигурно е дека в четврток ќе добиеме уште едно НЕ, поради бугарското вето, тоа веројатно ќе го исполни и вториот услов за Заев да ја поднесе оставката на премиерската функција. Од тогаш почнуваат да течат роковите за да биде назначен Ковачевски за нов мандатар. Во врска со новите кадровски решенија во Владата и ресорите, Ковачевски вели  дека ќе мора да се почека одлуката на партискиот Централен одбор.

„Веќе почнаа разговорите за преземање одговорности во новата влада што значи и преземање одредени позиции. Предлагањето на министрите, односно кадровските решенија се прави од телата на партијата“, посочи Ковачевски.

Сепак, конечната одлуката кој ќе остане на функцијата, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ќе ја носи идниот мандатар.

„Јас сум посветен да одработам тоа што треба да го одработам, а мандатарот во моментот кога ќе биде мандатар, ќе одлучува кои ќе му бидат кандидати за челните позиции, изјави вчера Спасовски.

Во новата влада СДСМ ќе има седум министри, едно министерско место држи нивниот коалициски партнер ЛДП, ДУИ раководи со пет министерства, а Алтернатива доби три министерски позиции. Алтернатива го доби од СДСМ ресорот Здравство, кој досега беше раководен од министерот Венко Филипче, а нов министер за здравство треба да биде стоматологот Беким Сали од Алтернатива. Партијата на Африм Гаши најавува дека Адмирим Алити ќе биде нов министер во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кое досега го држеше ДУИ, но партијата на Ахмети за возврат го добива Министерството за земјоделство, кое претходно беше раководено од Беса, каде што на чело доаѓа Јетон Шаќири, кој досега беше на чело на МИОА.

Со оставката на Заев во оставка е и партиското раководство, заменик- претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, и четворицата потпретседатели: Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи и Оливер Спасовски, како и генералниот секретар Љупчо Николовски. Во новиот состав, Ковачевски е дециден дека ќе се избираат кадри кои на најдобар начин ќе ги отсликаат програмските определби на СДСМ.

На вчерашните вонредни внатрепартиски избори во СДСМ се гласаше на 194 избирачки места низ општинските организации во државата од 8 до 19 часот, со заокружување на редниот број на еден од тројцата кандидати за претседател на СДСМ кои се наоѓаа на гласачкото ливче. Како што соопштија од Центрaлната изборна комисија на партиските избори гласеле 44.406 членови на партијата, при што Ковачевски освои 37.649 гласови, Деспотовски 3.319, а Ременски 2.836. Неважечки беа 602 гласачки ливчиња.

Ковачевски кажа дека како прв човек на СДСМ ќе работи да се врати единството во партијата, да се продолжат социјалдемократските вредности и  врз основа на нив да се градат државните политики, како и да се отвори партијата кон нови кадри.

Тој доаѓа на местото на Заев, кој беше лидер на СДСМ од 2013 година, откако тој по неуспехот на локалните избори во октомври најави оставка и од лидерската партиска, но и од премиерската функција. Изборите следуваа по оставката на Заев што ја констатираше Централниот одбор на партијата на 26 ноември годинава. Новоизбраниот претседател на СДСМ порача дека нивна е одговорноста за сè што ќе се случува во партијата, но и во државата. Тој се осврна и на својата програма „Заедно, одговорно и посветено“ која, како што потенцира, има три клучни принципи.

„Мора да го вратиме единството во партијата, мора да ги продолжиме социјалдемократски вредности и врз основа на нив да ги градиме државните политики, а за тоа ќе ни требаат најдобрите луѓе. Мора и да се даде фер шанса на сите што имаат професионален капацитет – да ја отвориме партијата за нови кадри и во државата и надвор од неа кои ќе донесат нов менталитет во управувањето и во партијата и во институциите“, нагласи Ковачевски.

Според него, во партијата секако ќе има место и за неговите противкандидати, Јован Деспотовски и Фросина Ременски, со кои, како што напомена, има одлични односни и одамна соработува.

(И.С.)