Заев: Да не се чаталиме многу ние политичарите

45
Премиерот Зоран Заев денеска порача политичарите да не се прават важни и додаде оти граѓаните поддржуваат политики и личности и одлучуваат на изборите согласно својот интерес.

– Да не се чаталиме многу ние политичарите. Никој не ги носи гласачите во џеб или тој некој обезбедил или необезбедил. Политиките и личностите се тие што ги поддржуваат граѓаните. Почнувам од мојот СДСМ па натаму. Гледате како лавираме со гласовите, некаде 440.000 илјади на парламентарни, не симнаа граѓаните на 323.000 на првиот круг, сега ни дадоа поддршка од без малку 440.000…Така граѓаните си ја знаат својата работа, дури и ние политичарите кога мислиме дека тие не знаат. Тие знаат. Многу се и тие одлучуваат согласно својот интерес, интересот на своето семејство, на своите деца и на својата земја. Така носат одлуки. Сите дадоа придонес, изјави Заев во Владата, каде се одржа прием по повод одбележување на Денот на македонскиот јазик.

Потсети дека синоќа се заблагодарил на активистите, на политичките партии, на лидерите, на 31 политичка партија, и на гласачите на Блерим Река, на двете опозициски партии бидејќи, како што рече, покажаа одговорност кон државата и затоа што ги ослободија гласачите.

– Политичките партии знаат да бидат проблем во делот на гласачите и ги пуштија слободно да носат одлука. Ова е победа на целиот наш народ, на сите етнички заедници, сите партиципираме. Видовте дека прво димензионираат таква перспектива во првиот круг за двете условни страни да трчаат, тоа може само народ да го направи. Вториот дел, уште еднаш се потврди дека претседателот и неговиот избор зависи од сите етникуми во државата, дури да ги тргнете македонскиот и албанскиот. Ќе видите дека без другите помалите исто така не бидува избор на претседател. Тоа е  убавината на нашето мултикултурно и мултиетничко општество. И на крајот на денот, убавината е што создадовме една нова вредност. Нашиот нов претседател, Стево Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани, нагласи Заев.