Заев–Брнз: Извршната наредба на претседателот Бајден ги штити САД, Северна Македонија и сојузниците

22
Извршната наредба издадена неделава од претседателот Џозеф Бајден којашто содржи јасни критериуми во делот на санкции за лица кои дејствуваат против демократските вредности, а доаѓаат од Западен Балкан денеска беше во фокусот на разговорите меѓу премиерот Зоран Заев и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава Кејт Брнз.
На средбата во Владата, како што соопшти владината прес-служба, беа потенцирани клучните полиња поради чие загрозување може да настапи санкцијата предвидена со Извршната наредба, а може да се однесуваат на лица кои ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан, како и оние кои вршат корупција или ги загрозуваат човековите права и демократијата.
Разговарајќи за Извршната наредба, премиерот Заев и амбасадорката Брнз, се посочува, изразија заедничко задоволство што во актот на претседателот Бајден фокусот е ставен и на борбата против корупцијата, што е клучен приоритет и на Владата на Северна Македонија, при тоа истакнувајќи ја штетата што корупцијата и ја нанесува и на надворешната политика, на националната безбедност и економската стабилност, како на САД, така на Северна Македонија и на останатите партнери и сојузници.
-Заев и Брнз заеднички ја констатираа вредноста и ефективноста на Извршната наредба на претседателот Бајден особено ако се има предвид дека преку неа може да се оневозможи влез на физички субјекти и лица од Западен Балкан кои се одговорни за корупција, за злоупотреба на јавни или приватни средства за мито или за политички цели, како и за нарушување на мирот, стабилноста и демократијата, се вели во соопштението.
Премиерот Заев изрази задоволство што на листата на меѓународни договори кои се значајни за регионот, покрај постоечките  Дејтонскиoт договор, Резолуцијата 1244 на ООН и Охридскиот рамковен договор, во Извршната наредба е наведен и Договорот од Преспа, како еден од гарантите за безбедноста и стабилноста во регионот, стои во соопштението.