Заврши есенската кошничка – трговците ништо не изгубија од профитот, а граѓаните ништо не заштедија

Нема веќе есенска потрошувачка кошничка, а цените се во слободен раст. И покрај тоа што уверуваат од Владата дека нема да дојде до повторно зголемување на цените, граѓаните и познавачите на состојбите на пазарот не веруваат во тоа. Уште неистечена мерката, одредени трговци веќе ги вратија цените по старо. Деновиве, во маркетите можеа да се забележат повисоки цени на некои видови овошје и зеленчук, а повисоки цени имаат и сирењето и кашкавалот

1149

Заврши есенската кошничка, која Владата ја воведе со цел да го подобри животниот стандард на граѓаните преку ограничување на маржата на 73 основни прехранбени производи на 10 отсто. Но, за ефектите од мерката имаше многу поделени мислења во јавноста. Додека уверуваат од Владата дека мерката ги намалила цените за 5 до 10 отсто и оти граѓаните заштедиле 3.000 денари месечно, за синдикатите и за граѓаните мерката не донела речиси никакви заштеди во семејниот буџет. Синдикатот пресмета дека вкупните месечни трошоци се пониски за 57 денари и дека трошоците во делот на храната се намалени за 965,00 денари, откако се зголемија претходниот месец за 717 денари. Оттаму укажуваат на фактот дека трговците ја изиграле мерката со зголемување на цените пред да биде донесена таа и со зголемување на цените на другите производи што не беа на листата само за ги задржат профитите на исто ниво.

– Ние и претходно сугериравме дека ќе дојде до злоупотреба на мерката уште пред да биде донесена, бидејќи им оставија многу простор на трговците за манипулации. Од друга страна, само ги ограничија на 10 отсто превисоките маржи на производите и не постигнаа никаков ефект. Трговците, пред да се донесе мерката, ги покачија цените, така што, реално, намалувањето беше околу 200 денари – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Според него, трговците ништо не загубиле од профитот, но и граѓаните ништо не добиле. Тој очекува дека ќе се вратат цените по старо откако ќе се тргне мерката и оти дополнително ќе се качат, бидејќи до Нова година нема да бидат казнувани трговците ниту по Законот за нефер трговски практики.

– Уште неистечена мерката, одредени трговци веќе ги вратија цените по старо. Деновиве, во маркетите можеа да се забележат повисоки цени на некои видови овошје и зеленчук. Така пиперот се продава по 140 денари за килограм, а повисоки цени имаат и сирењето и кашкавалот. Се очекува деновиве да се зголемат цените на месото и на месните производи – вели Радовски.

И од Организацијата на потрошувачи на Македонија сметаат дека мерката немала ефект врз намалувањето на цените и оти трговците правеле сè за да ги задржат профитите.

– Беше очекувано дека ќе нема ефект есенската кошничка врз намалувањето на цените. Освен тоа, ние укажавме дека е кратко времето за кое се носи мерката, односно малку е да трае еден месец. Сега ќе ја укинат таа мерка, па ќе донесат друга. Пак се регулира пазарот, но подобро наместо постојано да се укинуваат мерките и да се носат нови, да траат подолг период. Еве, на пример, во Грција беше донесена ваква мерка, која ќе трае шест месеци. Може да го земат примерот од Грција и така ќе бидат делотворни, а не само да се носат ад хок мерки. Оваа мерка е “ад хок“, односно е донесена за да ја пополни празнината до донесувањето на законот за нечесни трговски практики. Овој закон реално ќе почне да се применува од 1 јануари. Тоа би значело дека до тој период сите производи ќе се продаваат по покачени цени. Нема да има казнување, а кога нема казнување, нема ни дисциплина. Ние очекуваме дека сега, кога ќе се укине мерката, ќе има пораст на цените – изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар- Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Надлежните пак, најавуваат дека жестоко ќе се спротивстават на трговците доколку дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи.

– Ако има драстично покачување на цените, ќе се преземат поригорозни мерки. Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените, зашто е во сила Законот за нефер трговски практики – изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши.

Според него, одлуката на Владата дава резултат, и тоа се чувствува врз џебот на граѓаните. Есенската кошничка, заедно со училишната, резултира со намалување на трошоците на едно семејство за 3.000 денари.

И премиерот Христијан Мицкоски најави дека доколку дојде до „дивеење“ од трговците, ќе ги искористат сите алатки што им стојат на располагање со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

На листата на т.н. есенска кошничка беа 73 производи, меѓу кои: лебот, тестенините, брашното, пекарските производи како бурек и банички со месо и со сирење, млекото и млечните производи, месото и преработките од месо, дел од овошјето и од зеленчукот, оризот, гравот, маслото за јадење и дел од конзервираните производи.

Покрај оваа есенска кошничка, кога беше донесена мерката, од Владата најавија дека ќе има и новогодишна, божиќна, рамазанска потрошувачка кошничка, кои ќе бидат со ограничено времетраење.

(А.С.)