Забрането сушење алишта во двор и на тераса во Ѓорче Петров

797
Washing line with drying clothes in outdoor. Clothes hanging on washing line in outdoor.

Освен тоа, нема да биде дозволено да се засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина, а гранчињата на украсните и жбунести растенија не смеат да ја преминуваат регулационата линија на јавната површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето. Ова се само дел од измените и дополнувањата во новата Одлука за комунален ред и мерките за нејзино спроведување на подрачјето на општината која е донесена на седница на Советот на Општина Ѓорче Петров

 

Oпштина Ѓорче Петров ќе им ги менува навиките на своите жители. Имено, во дворовите што се со поглед кон улица или плоштад, повеќе нема да биде дозволено сушење на алишта, а и тревата не смее да биде повисока од 10 сантиметри. Освен тоа, нема да биде дозволено да се засадуваат овошни дрвја чии плодови ја валкаат јавната површина, а гранчињата на украсните и жбунести растенија не смеат да ја преминуваат регулационата линија на јавната површина и да пречат на безбедноста на сообраќајот и движењето на луѓето.

Ова се само дел од измените и дополнувањата во новата Одлука за комунален ред и мерките за нејзино спроведување на подрачјето на општината која е донесена на седница на Советот на Општина Ѓорче Петров.

Освен тоа, во истиот нов член 36а, од одлуката за комунален ред се потенцира дека дворните места на колективни и индивидуални станбени објекти, како и местата, односно површините што се наоѓаат внатре или меѓу станбен или деловен блок или меѓу објекти, мораат да се одржуваат во уредна и чиста состојба. Исто така, во дворните места се забранува оставање, складирање, односно собирање на каква било амбалажа, кабасти предмети од домаќинството, градежен и друг отпад и какви било други предмети што предизвикуваат нагрдување на изгледот и неуредност на просторот.   

За уредноста и одржувањето на чистотата на местата треба да се грижи сопственикот односно корисникот на дворот, односно сите сопственици и корисници на заедничкиот двор или места. Наведените лица се должни редовно да ја чистат површината, да ја косат тревата, кастрат живата ограда и другите растенија, да не дозволат растенијата да ја оштетуваат или валкаат јавната површина, објектите и инсталациите, да го отстрануваат плевелот, да ги одржуваат бетонските површини, пристапните патеки, скалилата, површините за паркирање, да го отстрануваат градежниот и друг вид отпад и да преземаат други активности, за овие површини да бидат уредни.

Притоа, доколку овие места не се одржуваат уредно и чисто, комуналните инспектори на општината ќе им наложат на лицата, во определен рок, да ги отстранат недостатоците утврдени на записник.

Доколку лицата, во определениот рок, не постапат според налозите на комуналните инспектори на општината, утврдените недостатоци ќе ги отстрани соодветно јавно претпријатие или овластен субјект од општината, на трошок на лицата.

За непочитување на одредбите од овој член на одлуката, на сопствениците/корисниците на местата, комуналниот инспектор на општината или комуналниот редар ќе им изрече глоба согласно Законот за комуналните дејности.“ Според овој закон, глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице, во мандатна постапка, ако постапува спротивно на одредбите од Одлуката за комунален ред.

Од Општината Ѓорче Петров велат дека со измените и дополнувањата се додефинираат надлежностите и се уредуваат односите и начинот на вршење комуналните дејности меѓу давателите и корисниците на услугите на подрачјето на Општина Ѓорче Петров и мерките за нејзино спроведување.

– Одлуката на Општина Ѓорче Петров е во согласност со одлуката на за комунален ред на Град Скопје, донесена во 2014 година. Согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Ѓорче Петров комуналните инспектори и комуналните редари ќе вршат контроли  со цел доследно спроведување на прописите. Целта е најпрво да се превенира, пред да се казнува – потенцираат општинските власти.

Жителите веќе со свои коментари на социјалните мрежи реагираат и се противат на ваквата одлука.

– Прво треба да постојат јавни перални со сушални, па потоа ова да се спроведе. Виделе нешто од Европа и ќе применуваат. Згора на тоа во Македонија просечната плата не е 1.200 евра, за да може секој да си дозволи да купи сушална. Така што овој предлог ви е нула – коментира Ангелина.

Игор Јадровски вели дека одлуката како подзаконски правен акт треба да е во согласност со законите како повисоки правни акти.

– Во членот 1 од Законот за сопственост и други стварни права е уредено дека сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.” Бидејќи должината на тревата и местото на пружање на алиштата во индивидуален двор, е располагање на стварта (индивидуален двор) од страна на сопственикот, а истото не е регулирано со друг закон, ниту со тоа се повредува право на друго лице, општината не може да ја уреди оваа работа спротивно од Законот, односно да го ограничи сопственикот во начинот на користење и располагање на стварта (дворот). Со други зборови, одлуката или барем делот од одлуката кој се однесува на тоа колкава треба да биде должината на тревата и каде не смее да се пружаат алишта е ништовна – смета Јадровски.

Билјана Марковска Дамческа пак прашува: „А субвенции за машини за сушење за секоја куќа ќе има?

(А.П.)