Жителите на Кисела Вода повторно добиваат кино

177

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и м-р Михаела Ѓорчева, основач на единствениот македонски ланец на кина, „Киноверзум” денеска потпишаа договор, со што и официјално се става во употреба киното во возобновениот Дом на култура „Билјана Беличанец”.

Во кино салата опремена со најнова технологија, секојдневно ќе се проектираат најнови филмски достигнувања и љубителите на филмската уметност од сите генераци ќе можат заеднички да оживеат ново поглавје во културниот живот на општина Кисела Вода.

– Со потпишувањето на договорот со „Киноверзум”, Општина Кисела Вода станува дел од единствениот македонски ланец на кина, а Домот на култура „Билјана Беличанец” започнува ново културно поглавје во своето постоење. За да гледаат филм, некоја премиера, светско достигнување во филмската кинематографија, жителите на општина Кисела Вода повеќе не мораат да одат во друг дел на градот. Културата сега е достапна во близина на нивните домови-истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

– Речиси пет години посветено работиме за развојот на културниот живот во локалните заедници, што може да го потврди нашата публика во Св. Николе, Штип и Велес. Верувам дека Киноверзум ќе придонесе кон збогатувањето на културната понуда во Кисела Вода, нудејќи му на локалното население пристап до најновите филмови од светската филмска сцена во современ и удобен амбиент. Со секоја нова локација се трудиме да внесеме уникатност и креативност во нашата работа, креирајќи филмска програма која ќе ги инспирира и едуцира гледачите, но истовремено и ќе ги забавува. Ова е значаен момент за нас како тим и нè приближува кон нашата цел да бидеме мост помеѓу светската филмска индустрија и љубителите на филмот-изјави Ѓорчева.