Животни патокази – СМИСЛА

1241

Самосвеста, позитивното размислување и самопочитта се клучни за постигнување на успехот и за пронаоѓање на смислата и среќата.

Емоционалната ранливост и оптоварувањето со туѓото мислење многу лесно може да не направат незадоволни и несреќни. Доколку максимално зависиме од тоа што другите го зборуваат за нашата личност, неизбежно ќе страдаме.

Во животот е најважно да ја градиме својата вредност и посебност и да не правиме нешта кои ќе имаат смисла за другите, а ќе бидат штетни за нас самите. Постојат лица кои исклучиво ги наметнуваат сопствените потреби, поставувајќи се во позиција да им кажуваат на другите како да го живеат сопствениот живот. Тие се интересираат за нас, сè додека не го добијат тоа што го посакуваат.

Секој во животот има своја специфична мисија и можност да ја реализира. Во тоа никој не може да го замени и неговиот живот не може да се повтори. За да го постигне тоа, неопходно е да верува во самиот себе, да има јасна цел и да ја пронајде смислата на сопственото постоење

Доколку не успеат во намерите, почнуваат да вршат притисок и да обвинуваат дека постапуваме надвор од нивните очекувања.

Основната причина за тагата и разочарувањето на позитивците е во нивната неспособност да се одбранат од дволичноста и лицемерието на негативците.

Голема мудрост е кога не дозволуваме да бидеме заведени од лицата кои исклучиво бараат да ги задоволуваме нивните потреби и да живееме според правилата што тие ги поставиле.

Треба да бидеме верни на сопствените идеали, да изградиме силен карактер, да имаме непоколеблива волја во бранењето на своите вредности и да научиме помалку да зависиме од другите, а повеќе да се потпираме на самите себе.

Секој во животот има своја специфична мисија и можност да ја реализира. Во тоа никој не може да го замени и неговиот живот не може да се повтори. За да го постигне тоа, неопходно е да верува во самиот себе, да има јасна цел и да ја пронајде смислата на сопственото постоење. Според австрискиот психијатар Виктор Франкл: Бидејќи секоја животна ситуација претставува предизвик и пред човекот поставува проблем што треба да се реши, прашањето за смислата на животот може да се преврти: не прашува човекот за смислата на животот, туку животот нему му поставува прашања на кои тој треба да одговори.

Разните притисоци, борби, искушенија и неизвесни животни ситуации го тестираат духот на човекот и соочуваат со прашањето: во што се состои смислата на животот?

За да ја пронајдеме смислата на сопствениот живот, неопходно е да се насочиме кон вредностите што нè крепат, воздигнуваат и мотивираат.

Пронајдената смисла дава цел и ориентација кон вистинските вредности на животот.

Секој треба да размисли дали смислата треба да ја бара во надворешните нешта или во внатрешниот мир на сопствената личност. Смислата може да се побара во најразлични нешта, од успех во работата, до задоволства во љубовта, натрупување материјален капитал, создавање сопствено семејство, иницирање хумани активности, постигнување моќ и слава или воспоставување мир со самиот себе. Смислата мора да се бара, зашто антипод (спротивност) на смислата е бесмислата или апсурдот на постоењето. За овие нешта пишувал францускиот филозоф Албер Ками. Според него, “луѓето постојано се соочуваат со бесмислата на постоењето, бидејќи имаат слична судбина со митолошкиот јунак Сизиф” – тој бил осуден да го турка тешкиот камен кон врвот на ридот, а боговите (судбината) повторно го враќале кон подножјето и сè така во недоглед.

Митолошката приказна за Сизиф е асоцијација за празен и бесмислен живот, опфатен со постојана борба и непрекинато соочување со животните проблеми и тешкотии. На колкумина им се случило нештата (љубовна врска, кариера, финансии, здравје итн.) да им пропаднат пред самиот врв, поради што морале да стартуваат од почеток и повторно да го туркаат каменот на животот кон зацртаната цел. Втората асоцијација е дека и во таквата судбина постојат мигови на радост, бидејќи искачувањето кон врвот и движењето кон целта го јакнат духот и го будат чувството на смисла и среќа. Поуката е дека човекот е одговорен за својата судбина, затоа како живее, и за тоа мора да се бори, бидејќи смислата и среќата нема да ги пронајде ако бега од предизвиците и се апстрахира од сè што му се случува во животот и во средината во која егзистира.

Првата промена која треба да ја направиме е да почнеме афирмативно и позитивно да размислуваме, да ја побараме смислата, да вложуваме во љубовта и пред сè, да се прифатиме и засакаме себеси, такви какви што сме

Негацијата на сопствените вредности, малодушноста, стравот од иднината, здодевноста и егзистенцијалната празнина се показатели за губење на смислата.

Никогаш не треба да дозволиме со нашиот живот да завладеат апатичноста, песимизмот и бесмислата, туку да го поттикнеме борбениот дух и да се угледаме на митолошкиот јунак Сизиф, кој никогаш не се предавал, бидејќи кај него секогаш се појавувала по некоја нова идеја, нова желба и нова надеж – да го дотурка каменот до врвот. Ако Сизиф, според митот, имал причина да живее и да се бори со лошата судбина, зашто тогаш човекот мора да бара некакви причини поради кои ќе си го скрати или обезвреди животот? Затоа, наместо да се окупира со негативните околности на својата егзистенција, најдобро е да сфати дека најголемото зло не е кога човекот очајува; полошо е кога ќе се привикне на очајот.

Во животот вкусуваме и тага и радости, и болки и задоволства. Клучно е да уживаме во нашето искачување кон врвот, бидејќи и покрај сè, најважно е што постоиме и што можеме да ги придвижиме сопствените потенцијали кон сè што го привлекува и мотивира нашето битие. Многу луѓе кои го напуштиле овој свет и почиваат на гробиштата или пациентите кои вегетираат во болниците, не можат да се движат и да одлучуваат за својата судбина. Ние се движиме, а со тоа и ја имаме опцијата да бираме и иницираме одредени промени во своето живеење.

Првата промена која треба да ја направиме е да почнеме афирмативно и позитивно да размислуваме, да ја побараме смислата, да вложуваме во љубовта и пред сè, да се прифатиме и засакаме себеси, такви какви што сме. Сè додека поседуваме свест и сфаќаме колку вредиме и каде се наоѓаме, постои шанса за напредување и за остварување на целите. Луѓето кои не сфаќаат каде се наоѓаат, веројатно имаат проблеми со себе, а можеби и со психата. Зашто, човекот кој има сериозно душевно заболување, не е свесен за реалноста, нему сè му е совршено, тој мисли дека сè е розово, а всушност не е така. Голема вредност е да умееме самостојно и самосвесно да одлучуваме за својата судбина и да правиме разлика помеѓу добрите и лошите околности на животот.

Изолацијата и бегството од проблемите, никогаш не се корисни решенија, туку знак за карактерна слабост и несигурност во сопствените вредности. Пронаоѓањето на смислата и позитивното вложување во себеси, може да произлезе и од активното мирување или миговното препуштање на убавата книга, релаксирачката музика, посетата на културните манифестации, спортувањето, прошетката во природа, прегратката со саканите, како и од сè што духовно нè надополнува и збогатува како личност.

Големите нешта може да бидат остварени, само ако имаме време и енергија да уживаме во малите и обични нешта.

Со тоа што сме повлечени во себе, оттргнати од позитивноста, предадени на бесмислата и апатичноста ние неизбежно страдаме, зашто ги губиме силата, потенцијалите и можностите да ја промениме состојбата во која се наоѓаме. Природата одредила, сè во животот да биде опфатено и проникнато од еволуцискиот развој и движењето. На Сизиф не му било пишано да престане да го турка каменот кон врвот на ридот, исто така и на нашиот живот не му е дадено да застане. Целосно ќе застанеме, само кога ќе го напуштиме овој свет, кога нема да постоиме, а сè додека постоиме, ние треба да се движиме и да се развиваме во правецот на вредноста и смислата на сопственото постоење.