ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, Зоран Крстевски:Фокус и верба во подобро

65

Квалитетниот и исполнет живот во голема мера зависи од способноста за препознавање и следење на вистинските вредности и за избегнување на лошите околности.

Будизмот укажува дека најважни се процесот што води кон просветление и посветеноста што води кон ослободување од стравот, незнаењето и од вознемиреноста. Целта е во постигнувањето високо ниво на духовно себеспознание и во зрачењето со смиреност однатре и смиреност (будност) кон надвор.

Со секоја мисла што ќе ја помислите, сеедно дали е стресна или радосна, со секоја емоција што ќе ја почувствувате и со секое искуство што ќе го доживеете, дејствувате како епигенетски инженер на сопствените клетки. Вие ја контролирате својата судбина, потенцирал Џо Диспенца. Тој наведува интересна приказна за моќта на визуализацијата. Советскиот борец за човекови права, Анатолиј Шарански, поминал повеќе од девет години во затвор во Советскиот Сојуз, откако лажно го обвиниле дека во текот на седумдесеттите години од 20 век шпионирал за САД. Шарански поминал 400 дена од својата затворска казна во мала, мрачна, ужасно студена ќелија, ментално играл шах самиот со себе, помнејќи ги притоа, во својата глава, координатите на шаховската табла и положбата на сите фигури. Тоа му овозможило да задржи многу свои невронски карти (за кои, обично, е потребна надворешна дразба за да останат активни). Откако го пуштиле на слобода, емигрирал во Израел, каде што, на крајот, станал министер. Кога дошол шаховскиот првак Гари Каспаров во Израел, во 1996 година, да одигра симултанка со 25-мина Израелци, Шарански го победил.

Овој пример на креативна визуализација ја нагласува важноста на менталното вежбање и на имагинативната способност за барање решенија во проблематичните животни ситуации.

Дека силната вера и менталниот капацитет создаваат чуда, потврдува и тенисерот Новак Ѓоковиќ. Тој откри на кој начин ги пребродува тешките моменти на крајно заморните мечеви. „Ми помагаат Бог и ангелите чувари. Во тие моменти, повеќе не ги чувствуваш нозете, не чувствуваш сила, ти се мати во очите и исчезнува земјата под твоите нозе. Во тие моменти, со твојата вера се надеваш на таа божествена интервенција. Можеби, нема да ми верувате, но многу пати во кариерата ми се случило да се изненадам себеси – како е можно да се издржат таквите напори. Ако веруваш дека Господ ќе ти помогне, во што силно верувам, Господ е присутен во тие моменти кога играш според некои инстинкт и интуиција, ја додаваш топката 30 пати, играш толку долг втор сет, веќе не ја гледаш топката јасно… Тешко е да му се опише на некој што не може да ги види тие ситуации од моја гледна точка, кога ќе се достигне точката на крајна исцрпеност“.

„Бог нѐ утешува во нашите страдања за да можеме да ги утешиме другите. Бог нѐ утешува кога страдаме. Тој нѐ држи во Неговите раце“ (Ис. 40,11). „Божјата љубов е посилна од секое страдање. Во ужасни ситуации, кога се зема сѐ друго од нас, ние сме уверени дека Божјата благодат е сѐ што навистина ни е потребно“ (2.Кор. 12,9-10).

Кога сме исплашени и загрижени, ние го ставаме фокусот врз проблематичните обрасци. Во таквите моменти, не е доволно само да размислуваме позитивно туку најбитно е да поседуваме силна верба и сé да му препуштиме на Бога. Кога интензивно мислиме дека ќе успееме и кога веруваме дека Бог ќе ни помогне, ние создаваме афирмативен емотивен запис во длабочината на нашата потсвест. Треба да ги канализираме стравот и вознемиреноста со позитивна енергија и со креативна визуализација. Тоа претпочита влегување во стабилна состојба на свеста и во интеграција на сопственото биополе (постигнување емоционална и ментална усогласеност) со космичката интелигенција.

Од голема важност е луѓето да ги почитуваат Божјите принципи, бидејќи тогаш се соединуваат со космичката интелигенција, што создава креативност и инспирација. Таа интелигенција е вител за иницирање на креативноста, духовноста и на мудроста. Човекот поседува голема психичка моќ, која доколку е водена од импулсот на спиритуалноста, може да создаде најинспиративни дела и да допре до најголемите тајни на постоењето. Волфганг А. Моцарт велел дека ја добивал креативната инспирација за компонирање музика од Божјиот извор. Трансперсоналната форма на комуникација овозможила Тесла да „гледа“ иновативни решенија преку својот ментален екран. Тој ја поврзал својата индивидуална свест со колективната свест на универзумот (која е со квантнохолографски корелации). Впрочем, како што велел Никола Тесла: „Мојот мозок е само приемник, во универзумот постои јадро од кое црпиме знаење, сила и инспирација. Немам продрено во тајните на ова јадро, но знам дека постои“.

Асоцијацијата е дека ако умее истражувачот духовно да се фокусира и да постави вистински прашања, ќе добие одговор од Бог или од космичката интелигенција. Молитвата е најсилната творба што поттикнува смиреност и поврзаност со Божјата сомилост. Многу научници добивале информации преку соништата, како што добивал германскиот физичар Фридрих А. Кекуле. Леонардо да Винчи, преку поврзаноста со јадрото на космичката свест, добивал идеи за своите откритија.

Според НЛП (невролингвистичко програмирање), неопходно е да ја визуализираме неубавата ситуација од која сакаме да се ослободиме, а потоа и целосно да ја почувствуваме. Истото треба да го направиме и со состојбата што сакаме да ја создадеме. Целта е со напорот на својата фантазија (менталниот екран) да извршиме промена на негативната ситуација, со таа што посакуваме да ни се случи. Целта е да ги „раствориме“ вознемирувачките мисли и да ги отфрлиме во празнината, а позитивната состојба да ја инкорпорираме (проектираме) на својот ментален екран.

Луѓето се дел од колективната свест, која создава инспирација за влез во тајните на знаењето, но предизвикува и соочување со трансгенерациската траума и со цивилизациските стравови, слабости и несигурност. Швајцарскиот психијатар Карл Густав Јунг сметал дека содржините на колективното несвесно се универзални искуствени модели на однесување (архетипови), кои влијаат врз животот на луѓето. Според Јунг, „не постои само несвесното на субјектот туку и семејното, племенското, националното, расното и колективното несвесно“. Колективното несвесно носи информации од менталниот свет на целото општество, додека индивидуалното несвесно носи информации од менталниот свет на одредена личност. Доминацијата на лажните вредности, уништувањето на моралот и културолошката изопаченост предизвикаа колективната свест на човештвото да биде максимално оптоварена и подложна на девијации и на негативност.

Луѓето постигнаа голем индустриски и технолошки напредок, но сé уште се со ниска еволуциска свест на планот на етиката и на духовноста. Затоа, мнозинството опстојува во тотална неслобода, во духовна зачмаеност и во зависност од ниските страсти и од површните форми на егзистирање.

Покрај подложноста на колективната програма за преживување (опстанок), човекот ги наследува и семејните програми од своите предци. Во тој поглед, клучно е да ги менуваме негативните семејни програми. На кармички план, доколку не се разврземе со лицата и настаните што нè повредиле, тогаш нема да можеме вистински да се интегрираме со некои други лица. Живорад Славински сметал дека „менталните адреси (информации) ја преживуваат физичката смрт на човекот. Информацијата за нашето тело се наоѓа во форма на холограм. По смртта, холограмската информација предизвикува поколенијата да се соочаат со последиците што не сме успеале да ги разрешиме“. Ова учење препорачува да разрешиме сé што можеме и да се ослободиме од напластените семејни и индивидуални гревови.

Клучот е да ја исчистиме лошата семејна програма и да се покаеме за сопствените гревови. Можеме да го постигнеме тоа преку правење богоугодни дела, простување и духовно себевоздигнување. Христијанството потенцира дека е најважна молитвата за непријателот и дека простувањето е најзначајниот дел од молитвата.