ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Што повеќе?

665

Дали современиот човек научи да живее на смирен, трпелив и продуховен начин или постојано е во трка со времето, парите и материјалните добра?

Современиот човек како да не научи да живее смирено, трпеливо, продуховено и да ги следи начелата на етиката туку како да е во сè поголема трка за предавање на ниските страсти, парите, моќта и површното користење на своето слободно време. Во опсесивната ориентираност кон минливите нешта, многу од луѓето нè покажуваат интерес за вистинските вредности и не наоѓаат мотив за духовно хармонизирање, опуштено живеење, исцелување на душата и ширење на позитивната енергија. Водени од тенденцијата за „што повеќе, што побрзо и што повисоко”, тие во преден план ги истакнаа сопствените егоистички стремежи, материјализмот и потребата за остварување висок статус во општеството.

Во името на славата, парите, моќта, важноста и виденоста не се избираат средства како да се оствари целта и да се постигне тоа што се посакува. Етиката, верноста на должноста, одговорноста и чистиот образ сè повеќе се маргинализираат и се сметаат за непотребни или помалку важни. Клучно е да се реализираат целите, без оглед дали тоа подразбира манипулирање на јавноста, одработување за нечестивите и наметнување лажна слика на чесност, вредност и посветеност. Таквиот пристап предизвика неморалот, лагите, негативизмот, колективната конфузија и општествената апатија да станат стил на живеење и систем на управување кој се заканува сè да однесе кон бездната.

Главното прашање со кое секој самосвесен поединец се соочува е дали постои можност мирот, правичноста, правдата и вистинските вредности да бидат устоличени на овие простори? Одговорот е дека тоа тешко ќе се случи ако продолжиме себично, неодговорно, алчно и неразумно да се однесуваме и предност да им даваме на сопствените тесни интереси. Системот на извртени вредности меле сè пред себе, работејќи според законот на манипулацијата, егоизмот и фреквенцијата на ниските вредносни вибрации. Затоа, не треба да нè чуди што со децении сме подјармени од просечните, неинвентивните, алчните и неспособните, кои мошне добро пливаат во водите на матното и речиси секогаш успеваат да се извлечат од лавиринтите на правото и правичното. Последиците од таквите состојби се губење на колективното чувство на сигурност, недоверба во институциите на системот и во невладините организации, опсесивна потреба за отселување во странство, наезда на разводи, опаѓање на наталитетот, девалвирање на моралот и воведување западни мерила на вредност – што е семејство и како тоа може и треба да изгледа. Дојде време кога духовно воздигнатите, самосвесните, чесните и етички изградените поединци се непрепознаени и неприфатливи за заедницата, бидејќи на т.н. естаблишмент му се потребни полтронски ориентираните, подобните и помалку паметните, зашто тие се поедноставни за моделирање, контролирање и манипулирање.

Определбите по секоја цена да се одржува моќта, константно да се биде носител на видна општествена функција, опсесивно да се акумулираат што повеќе материјални добра и да не се одбира начин за да се стане славен и популарен, многу лесно можат да го однесат таквиот поединец кон внатрешниот немир, стравот и несигурноста во животот. Неретко колку ù да се држат луѓето и работите под контрола, нештата може да тргнат кон негативната патека, изнесувајќи го на површина целиот смет што упорно се „криел под тепих”.

Негативните и неморални постапки нè гарантираат мирен и хармонизиран живот, бидејќи никогаш не се знае кога ѓаволот ќе тргне по своето. Фолклорната мудрост тоа го искажа низ поговорките: „Ѓаволот ни ора, ни копа”, односно „ Ѓаволот не го бара човекот, туку човекот сам си оди кај ѓаволот”. Во тој контекст ќе ја наведеме и поговорката запишана од нашиот најголем собирач на народни умотворби Марко Цепенков: „На лошио добрина кој праит, на ѓаолот кандило му палит”.Останува сите ние да размислиме дали се исплати со лошиот (ѓаволот) “тикви да садиме” или треба својот пат да си го фатиме.

Пренагласеното его, мегаломанијата, несогледувањето на сопствените слабости и претерувањето во барањата секогаш да се опстојува на врвот се показатели дека се работи за личност која има сериозни проблеми со самовредноста и реалниот пристап кон нештата.

Што значи животната филозофија – да имам што повеќе, да стигнам што побрзо и да се искачам што повисоко? До каде е поставена границата на можностите и на максимата „што повеќе”? Секој разумен човек е свесен дека сè има свој почеток и свој крај. Алберт Ајнштајн сметал дека само две работи се бесконечни: „вселената и човековата глупост” (за првата не бил најсигурен дека е бесконечна). Некои поединци со својата порочност, самобендисаност, неукост и подложност на среброљубието, само ја потврдуваат размислата на Ајнштајн дека глупавоста или наивноста нè познаваат граници.

Кога постојано сме водени од потребата да постигнеме што повеќе и повеќе, а притоа го запоставуваме мирот, ги нарушуваме хармонијата, животниот баланс и опуштеноста, тогаш ништо корисно нема да постигнеме. Постојаното трчање кон моќта, парите, славата, страстите и телесните задоволства, без притоа да застанеме и да ги почувствуваме и другите радости и убавини на животот, неизбежно ќе нè оддалечи од патот што води кон мирот и хармонијата.

Суштината на животот не се наоѓа во грчевитото одржување на врвот туку во уживањето кое го доживуваме при искачувањето кон врвот. Законитоста на животот се одвива според следниот принцип: Тој што е горе треба да се подготви за спуштање долу, а тој што е долу треба да почне да се качува горе.

Искачувањето кон вредностите започнува со акумулирање што повеќе знаења, постигнување мир со себе, ослободување од чувството на вина, духовно промислување и етичко дејствување. Прво што треба да направиме е да акумулираме знаење, а потоа да го актуализираме тоа знаење. Акумулацијата на знаењето понекогаш бара мирување и тихување, односно подготвување на теренот за остварување на целта.

Современиот начин на живеење создаде општо чувство на несигурност, стрес и подложност на лажните вредности. Зависноста од политичките одлуки на водачите, економската експлоатираност и подјарменост го оддалечија човекот од  мирот со себе и му предизвикаа преокупација со здравјето, парите, телесните страсти и работата. Наместо да ја бараат смислата во повисоките основи на животот, многумина станаа жртви на телесното и на ниските вибрации на постоењето. Стравот од соочување со болести, немаштија, здодевност, осаменост и безработица наметна општа трка за обезбедување егзистенцијална сигурност, стабилност и материјална реализираност. Индиферентниот однос кон моралот и етиката, штитењето или релативизирањето на злото, одоброволувањето на лошите одлуки и немањето свест за напредокот на заедницата се само дел од состојбите кои сериозно го загрозуваат внатрешниот мир на поединецот, соочувајќи го со дисхармоничната перспектива и немирот во душата.

Излезот треба да го побараме во посветеноста на самите себеси, во подигнувањето на свеста, во независноста на духот и во дистанцирањето од лицата кои постојано критикуваат, притискаат и негативно дејствуваат.

Секому е потребен одмор и хармонија. Свртени кон потребата за „што повеќе, што побрзо и што повисоко”, ние ја губиме главната смисла на животот – мир со самите себе. Стресот, потребите на телото, его борбите, желбата за наметнување врз другите и разните надворешни влијанија, нè оддалечија од мирот и хармонијата, а со тоа и од суштината на љубовта. Тоа предизвика да станеме фрустрирани, критички ориентирани и неспособни да ги препознаеме вистинските вредности на животот. На тој начин, нашата енергија е сериозно дисхармонизирана, а бидејќи е дисхармонизирана, многу тешко остваруваме сродна, искрена и позитивна поврзаност со другите луѓе. Решението е да го вратиме позитивниот дух, да ги препознаеме вредностите и да се дистанцираме од негативностите.