ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Фокус кон себе

530

Голема мудрост е да бидеме задоволни со тоа што го имаме, да ги почитуваме сопствените вредности и да не зависиме од влијанијата на другите луѓе. Кога инсистираме по секоја цена да í се допаднеме на јавноста, тогаш нужно стануваме несреќни, незадоволни и фрустрирани. И најголемите моралисти и мудреци не успеале да им се допаднат на сите луѓе, како што и божјите пророци не биле прифатени од целото човештво. Не постои човек кој може да биде прифатлив за сите. Ако нашиот ментален фокус го насочиме кон определбата секогаш и во сé да ги задоволиме и одоброволиме другите, неминовно ќе страдаме.

Секој разумен и одговорен поединец должен е прво себеси да се направи среќен, да стане задоволен од тоа што е и да инвестира во подигнување на сопствените вредности. Позитивниот фокус ќе ни овозможи да се ориентираме кон нештата што духовно и ментално ја воздигнуваат нашата личност. Со недоверба во сопствените вредности и потиснување на самите себе, илузорно е да се надеваме дека ќе успееме да им помогнеме на блиските да ги реализираат своите потенцијали и да напредуваат во животот.

Не можеме да го дадеме тоа што го немаме. Секој го дава тоа што го има и носи со себе. Само кога ќе бидеме љубов, храброст, мудрост и свест, ќе успееме и кај другите да ги поттикнеме љубовта, храброста, мудроста и свеста за позитивните вредности на животот.

Високите резултати секогаш се плод на упорна работа, самодоверба, настојчивост и иницијативност насочена кон задоволството од постигнатиот успех и вложениот труд.

Сé во животот бара мотив, цел и сатисфакција. Кога знаеме дека направените добрини будат искрена благодарност и позитивно чувство кај другите, тогаш мотивот е уште посилен за создавање благородни дела. Филозофот Имануел Кант има кажано дека доброто треба да го правиме поради самото добро. Највисокиот принцип на категоричкиот императив се изразува со максимата: Постапувај така што твојата постапка би можела да биде универзален закон. Тоа подразбира дека со своите постапки сите ние го условуваме општеството (светот) во кое опстојуваме, овозможувајќи тоа да стане позитивно или негативно место на живеење.

Највисока форма на духовно постапување е секогаш да придонесуваме и да бидеме на страната на доброто, без притоа да имаме тесни интереси, барања и очекувања од другите луѓе. Во Библијата тоа е образложено низ мораликата: “Кога даваш со десната рака, да не знае левата”. Сепак, најголемиот број од луѓето се психолошки детерминирани да бараат сатисфакција, возвраќање и вреднување на нивните добрини. Веројатно не постои човек кој не почувствувал големо емоционално страдање откога сфатил дека со лошо му се вратило за позитивните постапки насочени кон неблагодарните луѓе.

Од друга страна, бесмислено е да заклучиме дека повеќето луѓе се лоши и себични, поради што не вреди да даваме љубов, да ги подобруваме односите , да работиме на моралното воздигнување, да придонесуваме за општото добро, да се трудиме, да се надеваме и да вложуваме во себеси, бидејќи “ретко кој тоа ќе го цени и почитува”. Таквиот песимистички начин на размислување предизвика луѓето емоционално да се изместуваат и сé повеќе да се навлекуваат на отуѓувањето, бесмислата и недовербата. И колку почесто í се предаваат на апатијата, толку повеќе страдаат и се оддалечуваат од визијата, целта и смислата на своето постоење.

Кога ги немаме нештата (здравје, љубов, работа, пари, мир со себе) треба да се потрудиме да ги имаме, а кога премногу ги имаме – не треба да се опуштаме, туку уште повеќе да создаваме, да љубиме и да уживаме во вредностите што ги имаме. Животните перспективи се мошне непредвидливи, така што лесно може да предизвикаат од врвот да паднеме на дното и да загубиме голем дел од тоа што го имаме. За да не се случи таквото лошо сценарио, неопходно е да го цениме тоа што го имаме, да не си умислуваме дека вечно ќе бидеме на врвот и постојано да вложуваме во духовниот капацитет на личноста. Само здравиот карактер, позитивната визија и остварувањето на смислата се создавачи на мирот, хармонијата и среќната иднина.

Разочарувањето во себеси и во другите луѓе секогаш создава внатрешен немир, несигурност и страв од перспективите на животот. Многумина кои доживееле големо љубовно разочарување и биле емоционално повредени од партнерот, сметаат дека понатаму во љубовта нé вреди целосно да сакаат и да создаваат подлабока емоционална приврзаност. Овој пристап е максимално погрешен, бидејќи без оглед што со тешка мака се извлекле од брачна или љубовна врска со духовно незрел, површен и неморален партнер, тоа не значи дека тие одново ќе бидат принудени да учат тешки љубовни лекции.

Не треба да застанеме на лошото и да жалиме поради грешките од минатото, туку да продолжиме напред со верба дека најдоброто допрва доаѓа. Треба да разбереме дека не постои совршенство и рај на земјата, туку живот исполнет со борби, болки и искушенија, кои секој треба да ги преточи во акција, трансформација и искуства, со цел да му помогнат да допре до смислата и вредноста на сопственото постоење.

Дали погрешните избори и понатаму ќе бидат дел од нашето живеење во најголема мера зависи од нас самите, односно од извлечената поука и способноста навреме да се оттргнеме од негативните лица и од неубавите животни ситуации.

Фокусот треба да го насочиме кон усовршување на сопствените вредности, зашто колку и да се обидуваме позитивно да влијаеме врз другите, тие може да имаат поинакви очекувања и да манифестираат незадоволство од тоа што го правиме за нивната личност.

Сé додека нашиот ментален фокус и емоционални очекувања целосно се насочени кон другите луѓе, надевајќи се дека тие ќе нé извлечат од кризата и направат среќни, ние ќе бидеме незадоволни и несреќни. Никој никого не може да го направи среќен, ако самиот тој не почне да работи на подигнување на сопствениот дух и не се ослободи од мислите, лицата и околностите што го прават несреќен.

Најголемата среќа произлегува од личниот труд и позитивните настојувања, бидејќи само во исклучителни ситуации другите може да нé направат среќни. Затоа, треба да размислиме која наша постапка нé воздигнува, а која ни создава немир, страв и отуѓување. Секој треба самиот себеси да се запраша: дали ме воздигнува осаменоста, стравот, пасивноста или зависноста од туѓите влијанија? Дали е возможно овие нешта некого да направиле среќен?

Во животот не е страшно да почувствуваме болки и страдања, многу полошо е да не можеме да се ослободиме од болките и страдањата. Кај некои лица кои доживеале трауматично искуство поради неверство, отуѓување, отфрлање или напуштање од блиска личност, може да постои страв од реактивирање на стравот (траумата). Тоа предизвикува да живеат во страв од напуштање, отфрлање или љубовно разочарување. Решението е да се соочат со сопствените стравови, да ги прифатат и да почнат постепено да ги разрешуваат.

Ако сме духовно пробудени, осознаени, ментално зајакнати и во мир со себе, прво што треба да направиме е да им искажеме едно големо благодарам на лицата кои со своето лошо однесување на тежок начин нé научиле повеќе да се вреднуваме, сакаме и насочиме кон самите себе. Да не постоеле таквите животни искуства – денес не би станале тоа што сме и нема да осознаевме колку вредиме и колкава духовна сила поседуваме.

Заклучокот е на негативните луѓе треба да им кажеме – благодарам за сé и да продолжиме напред кон убавините на животот.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)