Проблематичните околности целосно се надвиснаа врз животот на луѓето, предизвикувајќи им страв, несигурност и неизвесност. Потребата за стабилност, сигурност и безбедност станаа нужна потреба и основа на мирното живеење. За да ги постигнеме мирот и напредокот клучно е да преиспитаме од каде следат заканите и потенцијалните опасности за психофизичката хармонија на нашата личност. Токму затоа, заштитата од злото и негативните вибрации треба да биде наш суштински приоритет и цел кон која сите ние треба да се стремиме. Ако не успееме да се дистанцираме од негативните влијанија, тогаш многу тешко ќе може да ги воспоставиме мирот и хармонијата.

Спасот од лошото е основниот предуслов за постигнување на доброто. За да напредуваме во својот развој, секогаш треба свеста да ни биде будна, а верата силна.  Писателот Томас Мор има кажано: „Верата е подарок на духот, кој ѝ дозволува на душата да го следи сопствениот развој“. Да останеме верни на вистината значи да се ослободиме од блаженото слепило на незнаењето. Тоа подразбира да бидеме духовно будни и ментално свесни дека лошите нешта се насекаде околу нас. Духовната неосвестеност многу лесно може луѓето да ги направи робови на ниските страсти, егото и алчноста. Најголемата мудрост се крие во крилатицата: „Чувај се себе од другите и чувај ги другите од себе“.

Не постои човек кој не се соочил со негативните околности на животот. Од силината на нашиот дух и изграденоста на нашиот карактер зависи дали ќе потклекнеме пред злото или ќе умееме да се справиме со внатрешните слабости и надворешниот негативизам.

Злото е тука насекаде околу нас, за жал тоа и премногу се естетизира и прикажува на посебен начин, со голема медиумска покриеност. Познато е дека лошата вест привлекува многу повеќе гледачи и читатели, отколку добрата вест. На тој начин, на човекот му се креира мнението дека злото е тука околу нас и дека мора да го прифатиме како составен дел од животот. Денес сé повеќе сме сведоци на уривањето на разликите помеѓу доброто и злото, на сé понагласеното релативизирање на злото и на барањето разни оправдувања за сопствените лоши постапки. Манипулациите, интригите, отсуството на срам и алчните пројави сериозно се надвиснуваат врз луѓето, наметнувајќи ги крадењето, лажењето и изневерувањето како очекуван стил на постапување.

Во тој контекст се наметнува прашањето: А каде пак, ние да го пронајдеме доброто?

На современото општество како да му е најпотребна манихејската, односно богомилската согледба: дека злото си зазема место низ разни форми на манифестација. Зар е потребно да анализираме што се случува со порнографската индустрија, каде најголемиот интерес е насочен кон детската порнографија. Каква е перспективата пред сé на младите, ако се продолжи со производството и дистрибуцијата на дрога и оружје. Замислете, во 21-от век, едни од најисплатливите бизниси се поврзани со белото робје и со продажбата на човечки органи.

Согледувајќи ги сите овие деградации на човечкиот род, противтежата мора да ја побараме во доброто и етиката. Но, каде се наоѓа тоа добро и како да го поттикнеме и програмираме во свеста на луѓето?

Со асоцирање и борба против аномалиите, многу поуспешно ќе го трасираме патот кон вредностите. Секој ја поседува слободата на волјата и може немоќно да набљудува како злото се наметнува или во рамките на своите можности, да дејствува во насоката на позитивните вредности на постоењето. Според Алберт Ајнштајн: „Светот каков што го создадовме е процес од нашето размислување. Не може да се промени без да го промениме нашето размислување“. Кога фокусот на нашето размислување и дејствување ќе бидат начелата на доброто, тогаш можеби нашето општество (светот) ќе има шанса да се развива во насоката на праведноста, солидарноста и одговорноста.

Човекот мора со „реални очи“ да ги види негативностите во и околу себе и да заземе став што е добро, а што лошо. Како пример ќе ги наведам следниве ситуации од кои јасно се согледува што претставува погрешна ориентација во животот. Имено, доволно е некој неразумен возач брзо и непрописно да го управува својот автомобил и поради тоа да настрада некој друг учесник во сообраќајот; доволно е менаџментот да не стави филтри на индустриските оџаци (или да согорува токсични материи) и да ги загрозат белите дробови и животот на многу граѓани; доволно е на академските студии да предаваат „подобните“ и неквалитетни кадри, па интелектуално да се уназадат цели генерации млади студенти; доволно е некој да не води сметка за напредокот на компанијата, па да ја загрози егзистенцијата на вработените или опстанокот на работната организација; доволно е функционерот да не се интересира за општествениот напредок, па да ја уништи перспективата на својата земја итн. Тоа е реалитетот на негативистичкото дејствување, кое претставува домино – ефект, бидејќи како лавина носи сé пред себе.

Поентата е дека во денешно време се загубија начелата на вредноста и довербата во доброто, така што како да се прифати и релативизира присуството на злото. Ретко некој поврзува од каде во последно време се појави наезда на разни болести; малку анализираат зошто воздухот е сé позагаден и позагаден; никој научно не преиспитува зошто има толку многу разводи, уништени семејства, деградации на колективен план и појава на насилства помеѓу младите. Дали е зло, да знаеш, а да не сакаш да го кажеш тоа што го знаеш, а кое може да им послужи и помогне на повеќе генерации свои сограѓани?

Со неосвестеното добро во себе, луѓето побрзо и полесно ќе итаат кон злото.

Ако сакаме себеси да се наречеме хумани суштества,  ние мора да преиспитаме што е добро и каде да го најдеме тоа добро. За жал, неретко кога ќе се случат несреќи и трагедии, тогаш излегува на површина сето добро помеѓу луѓето. Се пројавува човечката солидарност, се прават напори да им се помогне на унесреќените и да се санираат штетите од одредени природни непогодби и катаклизми, како што беше случајот со скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година и со поплавите што ги задесија Србија, БиХ и Хрватска во 2014 година. Суштината е кога доминира доброто, да се оди кон уште подоброто. Во медиумите недоволно се работи на пропагирање на доброто како вредност, односно како асоцијација која мора да го надвладее злото. Затоа, на човештвото нужно му е потребно размислувањето за дуализмот, за да сфатиме дека покрај злото, постои и доброто. Ако порано било актуелно сфаќањето дека постоело доброто како систем и како вредност, денес имаме голем проблем да ја наметнеме теоријата дека етиката и доброто можат и треба да бидат помоќни од злото. Во не толку далечното минато, доброто се асоцирало преку начелата на традиционалните вредности, како што се: „чист образ“, почитување на повозрасните, морал и посветеност на семејството, одржување на зборот, гостопримливоста и помагањето во неволја.

Иако во оваа колумна, главниот акцент го ставивме на аномалиите произлезени од злото и негативните вибрации, сепак целта е да асоцираме и на вредностите: среќа; задоволство; успех; себеспознание; позитивна визуализација, самодоверба итн. Поентата е да прикажеме дека постојат и добри луѓе, дека не се сите водени од алчноста, егоизмот и суровоста, туку од верноста на должноста, одговорноста и од потребата за етичко и позитивно дејствување.

Затоа, треба да ги препознаеме, воздигнеме и негуваме добрите поединци, зашто колку повеќе натежнува тасот на позитивноста и вредноста, толку помалку ќе ги чувствуваме ударите на злото и негативноста.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)