ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Промени

1116

Дали некогаш сте се запрашале: Што е животот и што треба да направите за да се почувствувате среќни, хармонични и исполнети? Колку материјални средства треба да поседувате, каков успех треба да постигнете, кон какви телесни задоволства да се насочите и колкав внатрешен мир да воспоставите, за конечно самите себеси да си кажете: Задоволен сум од тоа што сум и од позитивните нешта кои животот ми ги дава, време е да се опуштам и да уживам во убавините на сопственото постоење.

Едно од клучните прашања кои секој човек треба да си го постави е: Според какви навики и определби го креирам својот живот и дали умеам да им се радувам на малите радости или постојано копнеам да ги реализирам високите цели и мегаломанските желби и потреби на сопствената личност?

Сите сакаме да бидеме среќни, но дали знаеме како да станеме среќни.

Филозофот Сенека има кажано: “Повеќе страдаме во главата, отколку во реалноста”. Песмизмот, преголемата опседнатост со тоа што го немаме, зависничката врзаност за лицата и предметите, емоционалната преокупираност со страдањата од минатото, немањето визија за перспективите на иднината и стравот од преземање одговорност за состојбите во сегашноста, се само дел од причинителите на егзистенцијалната празнина и отуѓувањето со кои се соочуваат голем број од луѓето. Апатијата, беспомошноста, себичноста и подложноста на површните вредности станаа белег на современото живеење. Главниот проблем е во неспособноста и незаинтересираноста на луѓето да иницираат промени и да го пронајдат вистинскиот пат кој ќе ги однесе кон мирот и хармонијата на животот. Опстојувањето во својата комфорна зона и префрлањето на одговорноста врз општеството, родителите, партнерот или другите стана начин за бегство од реалните проблеми и од состојбата во која се наоѓа човековата душа.

Наместо да се соочат со самите себе и да го преиспитаат сопственото однесување, многумина се чувствуваат немоќни да направат вистински промени во својот живот и во релациите со блиските. Излезот го бараат надвор од себе – во емоционалната врзаност за предметите или за луѓето, создавајќи зависнички односи кои барем за миг им будат среќа и исполнетост.

Психоаналитичката теорија укажува дека се што е потиснато и неразрешено, еден ден нужно ќе излезе на површина и ќе создаде големи проблеми во животот на човекот. Затоа, не треба да бегаме од проблемите во кои се наоѓаме, бидејќи колку и да го потискаме нивното влијание и да не ги забележуваме, ние ги поседуваме и носиме со себе. Главниот аспект за неутрализирање на проблемите е да ги преиспитаме причинителите кои не соочиле со тешкотиите и потоа да започнеме со долгиот процес на промена и лична духовна трансформација.

За да се извлечеме од одредени проблеми и го подобриме животот, потребно е да ја промениме својата енергија, односно да направиме суштинска промена во умот и емоциите. Ако сакаме нов резултат, ќе мора да ја отфрлиме навиката да бидеме тоа што сме и да создадеме ново Јас.Тоа значи некој да престане да се оддава на разни пороци, друг да не биде жртва на парите, трудот или егото, трет да не  инклинира кон блуд и ниски страсти, четврт да не биде опседнат со надворешното, тукуда гради позитивен сооднос со блиските или семејството итн.

Многумина стравуваат од промени и ја одржуваат статус кво ситуацијата, се додека тешкотиите не станат крајно неподносливи и опасни за да се продолжи на истиот начин. Поразително е доколку човекот се доведе во ситуација да му се случи некој губиток, траума, криза, болест или трагедија за да почне да ги преиспитува сопствените постапки и осознае што работи, како живее, што чувствува, колку знае и што требалда промени во самиот себе и во своето живеење. Народната мудрост тоа го искажа со зборовите: “Не ја цениме вредноста што ја имаме, се додека не ја загубиме”. Големо проклетство е да имаме добро здравје, прекрасна личност покрај себе, одлична работа, висок статус, позитивна можност за успех и напредок, и потоа, поради сопствена неодговорност и непочитување на вредноста сето тоа да го загубиме.

Дали е потребно најлошото можно сценарио за да почнеме да создаваме промени кои го поддржуваат нашето здравје, односите, кариерата, семејството и иднината. Клучното прашање е зашто да чекаме нештата да пропаднат во егзистенцијалната бездна, за потоа да се свестиме и вадиме од кризата?

Секој индивидуално одлучува дали ќе учи и ќе ја подига свеста и духовната структура наличноста низ состојбите на болки и страдања или ќе се менува и развива кога преовладува состојбата на радост, мир и инспирација. За жал, многу од луѓетосе одлучуваат за првата опција и откако ќе доживеат сериозни кризи и тешкотии, почнуваат да вложуваат во личниот развој и да се интересираат за состојбата на својата душа.

Нашите намери, мисли, емоции, молитви не само што влијаат на мигот на сегашноста, туку можат да влијаат и врз иднината. Кога имаме негативни емоции (гнев, омраза, навреденост, страв) се чувствуваме дисхармонизирано на психофизички план. Позитивните емоции (љубов, среќа, радост) прават да бидеме задоволни, исполнети и во хармонија со самите себе.

Кога долг период сме под влијание на негативни и агресивни емоции нужно го дестабилизираме своето биополеи создаваме подлога за доживување болести и несреќи. Врз здравјето влијаат токму тие потсвесни емоции, како и состојбата во која се наоѓа нашата душа. Според Сергеј Лазарев: “Ако агресивноста навлезе во душата, тогаш започнуваат болестите. Прво заболува човековата душа, а потоанеговото тело”.

Лицата кои поседуваат висока потсвесна агресивност често имаат здравствени и судбински проблеми. Тие манифестираат нервоза, непотребно се раздразливи, конфликтни и незадоволни од самите себе, од релациите со другите и од перспективите на животот. Негативните карактерни особини какви што се алчноста, зависта, љубомората, злонамерноста, недовербата и чувството на недостиг можат да ја зголемат потсвесната агресивност. Проблемите се јавуваат кога човекот опсесивно се врзува за своите пороци, нагони, копнежи, сексуални желби, храна, работа, пари и саканата личност, поради што неговата душа станува агресивна и незадоволна, бидејќи за таквиот поединец ништо не е доволно добро, за да може целосно да се опушти и ужива во тоа што го има.

Врзаноста е зависност. Колку посилно зависиме од нагонските импулси на телото и сме водени од копнежите, толку повеќе ќе имаме внатрешен немир и ќе бидеме навредени, посебно аконемаме можност да ги задоволиме желбите и да го добиеме тоа што го сакаме. За да ја надминеме навреденоста, потребно е да не се врзуваме за среќата која ни ја пружаат надворешните нешта, да не претеруваме со своите копнежи, туку да ги контролираме и реално да им пристапиме на околностите во кои се наоѓаме.

Смирените и духовно воздигнати лица успеваат да ги контролираат алчноста, зависта, страстите, амбициите и разните потреби на телото, бидејќи сфатиле дека целта на постоењето не се базира врз парите, материјалното, блудот, егото и телесното,туку врз љубовта, мирот и хармонијата на душата. Таквите луѓе добиваат дарови на животот и не стануваат робови на ниските и површни вредности.

Заклучокот е да не чекаме околностите околу нас да се променат, туку да почнеме самите да се менуваме и да отвораме нови перспективи во животот.Клучната цел е да ја надвладееме емоционалната врзаност за минатото, да работиме на исцелување на душата во мигот на сегашноста и да ја насочиме мислата кон позитивната визија на иднината.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)