ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Проклетството на нулата

1183

По повод инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, која треба да се одржи на 20 јануари, ќе предочиме интересни историски совпаѓања поврзани со американски претседатели и ќе направиме кратка астролошка анализа на наталната карта на САД.

Џо Бајден е роден во знакот на Скорпија. Плутон (владетелот на Скорпија) прави дисхармонични аспекти со Марс и Месечина, така што 46. претседател на САД ќе се соочи со сериозни проблеми и искушенија за време на својот мандат. Негативните аспекти особено ќе бидат силни во периодот околу 22 април; 22 јуни и 6 ноември 2021, како и околу 8 јануари и 28 март 2022, односно во текот на февруари 2023 година.

Имено, тешко е да се очекува мирно и хармонично завршување на својот мандат, кога се знае дека повеќето американски претседатели кои победиле на изборите во годината што завршува со нула, предвреме го завршил претседателствувањето, односно имале големи искушенија и опасности за сопствениот живот. Бидејќи годината кога Џо Бајден победи на претседателските избори завршува со нула, повторно е актуализиран феноменот од историјата на САД.

Според легендите се смета дека за смртта на американските претседатели е виновен индијанскиот главатар Техумсех кому му здодеала „правдината” на белите луѓе – доселеници.  Според индијанските верувања, тој една ведра ноќ ги повикал духовите на своите предци и во текот на маѓепсничкиот ритуал ја фокусирал негативната енергија во стрела, преку чие исфрлање, всушност, и го иницирал проклетството, а сè поради злото што постојано му се нанесувало на домородното население. Затоа, претседателите на САД кои победиле во годината што завршува на нула ја имале таа несреќа да умрат со природна или насилна смрт, без притоа да го завршат својот политички мандат.

„Проклетството на нулата” прв го почувствувал претседателот Вилијам Харисон. Тој довербата да ја води американската федерација на рамноправни држави ја добил 1840 година. Но, еден месец од инаугурацијата се разболува и умира од воспаление на белите дробови во истата година.

Во 1860 за претседател е избран Абрахам Линколн. Неговата харизма, либералноста, демократичноста и визионерскиот дух му овозможија да триумфира и во изборите во 1864 година. Но, само неколку месеци по вториот избор, убиен е во познатиот атентат, додека присуствувал на театарска претстава на 14 април 1865, од актерот Џон Бут.

Во 1880 година на чело на САД доаѓа Џејмс Гарфилд, професор по книжевност од Охајо и ветеран од граѓанската војна. Но, и тој не поминува подобро од претходните претседатели на нултата година. На 2 јули 1881 година на железничката станица во Вашингтон, го застрелува еден незадоволен адвокат. Борбата за живот траела два и пол месеци. На 19 септември 1881 година, тој умира од инфекција,  односно внатрешно крвавење.

Проклетството на Индијанците не го размина ни Вилијам Мекнили. Тој првиот претседателски мандат го доби во 1896, а повторно беше избран 1900 година.  За време на неговото владеење е промовиран добро познатиот американски „империјализам”, со  анексиите на Филипини, Порторико, Хаваи и протекторатот врз Куба. Во септември 1901 година за време на Панамериканската изложба во градот Бафало, еден параноичен анархист тешко го ранил, од што умрел осум дена подоцна.

Во 1920 година за претседател е избран републиканецот Ворен Хардинг, кој бил познат како заговорник на изолационизмот и претставник на крупниот капитал. Умрел на 2 август 1923 година од „непозната болест”, нецела година до крајот на мандатот.

Френклин Рузвелт важи за еден од најзначајните претседатели во американската историја. Неговата аналитичност, стабилност и успешност во водењето на надворешната и внатрешната политика на САД, придонесоа во 1940 година по трет пат да биде избран за претседател. Бидејќи успешно ја предводеше својата земја во периодот на Втората светска војна, во 1944 повторно ја доби довербата. Сепак и тој умрел за време на претседателскиот мандат и тоа на 12 април 1945 година од излив на крв на мозокот, околу еден месец пред капитулацијата на Германија.

Лошата судбина сакала и еден од најпопуларните американски претседатели Џон Кенеди да стане жртва на проклетството на нултата година. Тој на власт дојде во 1960 година. Но, за жал, неговиот мандат траеше кратко, односно до 22 ноември 1963, кога, како што е познато, на улиците на Далас е застрелан од заседа за која е обвинет, а подоцна и убиен Ли Освалд. Впечаток е дека зад тоа убиство се кријат многу контроверзии и нелогичности кои се уште ја разбрануваат  јавноста во САД.

Роналд Реган станал претседател на САД во 1980 година. Тој, поучен од трагичната судбина на своите колеги кои го добиле претседателскиот мандат во годината на нулата, на сакал ништо да остави на случајот. Затоа, и го ангажирал астрологот Џоана Квигли, која имала за цел да го советува кои денови му се критични, односно кога да ги избегнува патувањата и контактите со јавноста. Таквиот негов потег се покажал како корисен, бидејќи успеал да го заврши претседателствувањето и притоа  го избегнал проклетството на индијанците и со самото тоа да ја победил насилната смрт. Но, сепак и среќата била на неговата страна, зашто во март 1981 година, само 69 дена откако ја презеде функцијата,  со помош на телохранителите го преживеа  атентатот, што врз него го изврши младиот фанатик Џон Хинкли.

Роналд Реган и Џорџ Буш јуниор успеаја да се спасат од „клетвата“, така што да се надеваме дека истото ќе му појде од рака и на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Со какви астролошки аспектите се карактеризира САД?

Моментално највлијателната земја во светот – САД, својата независност ја стекна на 4 јули 1776 година во Филаделфија. Тогаш Сонцето транзитирало во соѕвездието на знакот Рак, додека Близнаците излегувале како подзнак на источниот хоризонт. Во наталната карта на САД има мошне интересни планетарни конфигурации кои идеално кореспондираат со економскиот и политички развој на таа земја. Имено, поради нагласената положба на Близнаците (Уран и Марс во тој знак) ја согледуваме вештината во манипулацијата со другите земји, променливоста, односно разноликоста на националната структура, способноста за трговија, информатика и филмска индустрија.

Сонцето во Рак придонело за „грижата” кон другите земји и желбата за наметнување на својата политичка и економска доминација. Владетелот на подзнакот Меркур се наоѓа во второто поле (поле на финансии) што укажува за добрите финансиски можности, манипулативноста на тој план и насоченоста на народот кон стекнување материјално богатство. Ориентираноста кон филозофијата и духовноста е недоволно изразена, но затоа пак поради влијанието на судбинската точка во Лав, спортот, медиумите и сè што е поврзано со гламурот, но и лажните вредности, се доминантно поставени во свеста на просечниот американски граѓанин. Одличната конјукција во првото поле (поле на народот) меѓу Венера и Јупитер ги надополнува предиспозициите за финансиска благосостојба, но придонесува и за насоченоста кон пороците, хазардот и површноста.

Марс (планетата на војната) се наоѓа на самиот асцедент што зборува за можностите за влегување во непотребни војни и желба за инволвирање во секакви глобални случувања. Бидејќи Нептун се наоѓа во четвртото поле (поле на татковина) и формира лош аспект со Марс, можностите за граѓански војни ги прави мошне актуелни. Имено, тоа и се покажа во текот на нејзината историја. Сонцето во политичката астрологија го симболизира претседателот и другите влијателни личности, кои поради негативниот аспект на таа планета со Сатурн (владетелот на полето на смртта) се нападнати и подложени на негативни планетарни влијанија.

Ако кон оваа астролошка анализа го додадеме  и Плутон (планета на смртта, тероризмот, развратот, мафијата или подземјето) кој е владател на полето на работа, тогаш ќе констатираме дека проблемите неминовно им се манифестирале на претседателите за време на својот мандат. Влијанието на Месечината во Водолија придонесува САД да се заинтересираат за истражувањата на вселената, развивањето на сателитските врски и за доминацијата во доменот на телекомуникациите. Авијацијата, бомбите и оружјето за масовно уништување се под влијание на знакот Водолија, додека Месечината во политичката астрологија ја покажува душата на народот, така што не треба да не изненадува воинственоста на САД и поддршката што воената опција ја ужива од граѓанството.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)