ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Прекрасен ден

599

Клучната цел е да уживаме во мигот на сегашноста, да бидеме во мир со себе и да го исполниме денот со вредност, смисла и позитивна вибрација. Колку пати имаме отпишано одредени денови, сметајќи дека се чувствуваме не инспиративно, здодевно и дисхармонично и дека немаме мотив и сила за да се извлечеме од летаргијата.

Овој ден го отфрлам бидејќи не е убаво времето; некои лица максимално ме изнервираа и ми пренесоа негативна енергија; немам сила за ништо и се чувствувам тажно; имам многу обврски и не можам да уживам; незнам што да правам сам со себе, па го отпишувам овој ден.

Дали со развивање на овие размисли може да направиме да ни биде поубаво?

Треба да знаеме дека во нашите животи немаме премногу денови на располагање, за така великодушно да ги отпишуваме и сметаме дека се лоши и неубави. Одредени лица копнеат за ден, два или повеќе денови живот – тие ја немаат таа среќа или таа шанса, па бараат да проживеат уште некој ден, иако можеби се соочуваат со големи здравствени проблеми, поради кои нивниот живот постепено згаснува. Големиот руски писател Фјодор Достоевски има предочено случка од својот живот: „Кога ме ставија пред стрелачкиот вод и кога станав свесен дека ќе ме стрелаат, само една мисла ми пролета: Боже, боже, само да преживеам, па макарбидам осуден целиот мој живот да го поминам на ивица од карпата, блиску до провалијата”.

Човекот кој се наближува кон крајот на животот е среќен ако успее уште некој ден да проживее. Тој можеби предоцна сфатил, но сепак осознал колку е важен секој миг, за разлика од многумина кои имајќи ја перспективата пред себе и можноста да ги подобрат нештата, избираат негативно да размислуваат: „Се откажувам од овој ден бидејќи чувствувам дека ќе биде небитен, лош и дисхармоничен”. Тие кажуваат „не” на можностите кои се пред нив, божем не им бил денот, затоа не сакаат да разговараат, не излегуваат, не љубат, не се дружат, не шетааат во природа и за ништо добро не се интересираат, несвесно чекајќи да им помине денот, неделата, животот.

Секој од нас е должен да си даде кураж, поттик и волја за добрите нешта да бидат забележани и воспоставени како перспективни, позитивни и убави. Излезот од кризата никогаш нема да пристигне, доколку не поседуваме високо ниво на самодоверба, мотивација, силен дух и не дејствуваме според начелата на афирмацијата. Ако самите себе не умееме да се пофалиме, подигнеме и согледаме како вредност, тогаш е илузорно да бараме и очекуваме некој друг да нé пофали, воздигне и согледа како вредност. Колку се почитуваме себеси, толку ќе ги почитуваме и другите луѓе.

Позитивен пристап е кога ги мотивираме, почитуваме и воздигнувамелицата кои иницираат, пренесуваат и воспоставуваат вредности во животот. Кога има причина за радост, треба да се радуваме, а не како што вели фолклорната умотворба: „Немој многу да се смееш и радуваш, зашто утре ќе дојде и лошиот ден, па може и да плачеш“. Така, во потсвеста на народот се вкорени тезата дека „многу арно, не е на арно”. После Сонцето доаѓа и ноќта (која исто така си има своја убавина), така што треба да се поттикнеме кон убавите нешта и многу повеќе да им се радуваме на можностите, задоволствата и вредностите што ги поседуваме.

Но, ако се плашиме да покажеме дека сме среќни, исполнети и задоволни, бидејќи некој може да ни завидува на убавото чувство, тогаш ништо корисно нема да направиме. Напротив, треба да бидеме среќни кога има причина за такво нешто, да го поттикнеме доброто во себе и кај блиските, да го почитуваме тоа што другите луѓе го прават за нашата личност, да го респектираме позитивниот избор што тие го прават за самите себе, и на крајот, да бидеме свесни дека сé поминува – и најврвното задоволство и најголемата тага, само треба да веруваме во сопствените вредности, па “тоа што е наше, ќе дојде”.

И како што писателката Маргарет Мичел напишала во романот “Одвеано со виорот”: „Ќе се борам и ќе победам, зашто утре е нов ден”, така и за секој од нас – утрото може да донесе радост и да создаде подобра шанса и посреќна визија. Затоа, првично треба да размислуваме за утрото (иднината), иако неретко вечерта (минатото) е показател каква ќе ни биде перспективата. Затоа, мошне битно со какви стравови се соочуваме и со какви мисли легнуваме, колку негативни ситуации сме разрешиле и дали дозволуваме проблемите психофизички да нé изместуваат. Во новиот ден треба да влеземе опуштени, да не го носиме товарот од претходната вечер и да немаме причини за пренагласен немир, страв и неизвесност. За жал, проблемите се јавуваат бидејќи не можеме целосно да се ослободиме од емоционалните товари на минатото; тажни сме поради страдањата на другите луѓе; имаметешкотиина работното место; постојат недоразбирања во односот со партнерот; не се чувствуваме сигурно на финансиски и здравствен план итн.

Оптимизмот и позитивната волја се клучни фактори за надминување на тешкотиите, но ако сметаме дека проблемите нема да бидат решени, како тогаш да се надеваме дека утрото ќе биде прекрасно, а денот исполнет со радост, среќа и хармонија? Сепак, и покрај сé, утрото е можност да отвориме нова страница и похрабро да впловиме во перспективите на животот. Најдобар избор е во новиот ден да влеземе со обновена и освежена енергија, да ја иницираме позитивната вибрација и да направиме сé што е во наша моќ, за да ни биде добро.

Вечерта пред да заспиеме треба да се обидеме да симнеме дел од емоционалниот товар напластен врз нашата душа. Од квалитетот на сонот, неретко зависи и енергетската визуализација и фреквенција на новиот ден. Треба да ја подесиме вибрацијата според законот на позитивната перцепција и да се запрашаме: Кои нешта во текот на денот можат да ми поттикнат фокус кон сопствените вредности?

Правилно ќе постапиме ако ги неутрализираме притисоците; не се опседнуваме со потребата сé да постигнеме, туку го оствариме тоа што го можеме; наоѓаме време за мир, одмор и опуштање; го надградуваме знаењето; шетаме во природа и не дозволуваме туѓите негативни вибрации да се вкотват во нашите емоции. Колку повеќе ги актуализираме овие нешта, толку помалку ќе бидеме подложни на стрес, психички замор и негативни енергии. Сепак, треба да бидеме свесни дека нема целосно да избегаме од негативните вибрации, бидејќи неретко тие се насекаде околу нас.

Целта е да не дозволиме во нас самите да влезе негативната енергија, без оглед дали се работи запесимистичка сугестија, емоционален отров, немир поради минатото или страв од иднината. Треба да се определиме за афирмативното и колку што е можно да се дистанцираме од негативните вибрации.

Што се случува со поединецот кој константно се храни со лоши информации, налетува на луѓе кои постојано се жалат, се окупира со проблеми кои тешко може да ги реши, сентиментално е врзан за лицата и случувањата од минатото, смета дека не може да се ослободи од тагата, немирот и кризата? Прашањето е како тој човек ќе оди напред кон позитивните можности на иднината? За почеток, на таквиот поединец му препорачуваме да се обиде да го намали влијанието на темнината и барем за миг да почне многу повеќе да ја забележува светлината, бидејќи тоа што го може мигот, не го може ни вечноста.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)