ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Пат кон целта

690

Да се биде верен на сопствените идеали, да не се подлегнува на надворешните влијанија и да се поседува независен дух претставува голема мудрост која малкумина умеат да ја спроведат во текот на животот. Доминацијата на лажните вредности, егзистенцијалната несигурност и доброволната подреденост на привилегираните, заштитените и “избраните” предизвика обичниот човек да не знае што да очекува и како да се извлече од нееднаквоста пред законот, економската експлоатираност и политичката подјарменост. Себичноста, материјализмот и негативизмот сé повеќе се наметнуваат, создавајќи борба за превласт, потреба за моќ и егоистички стремежи.

Таквите околности наметнаа внатрешното чувство на луѓето да стане крајно песимистичко. Кај многумина одвнатре владее едно длабоко очајание кое е во тенденција уште повеќе да се шири и продлабочува. Причините за немирот, стравот и песимизмот произлегуваат од изневерените очекувања и несогледувањето на излезот од повеќедецениските манипулации, грабежи, лаги и негативни општествени пројави.

Проблемот е што поединците кои треба(ло) да водат и одлучуваат, не умеат ни самите себе да се водат и воздигнат како разумни, етични и доблесни личности, а не пак да искреираат вредности за напредок на заедницата. Наместо да се водат според умот, моралот, одговорноста и верноста на должноста, одредени лица фокусот го ставаат врз материјалното, егото и површниот пристап кон животот. Општ впечаток е дека многу од луѓето се одрекоа од умот и го запоставија срцето, затоа им се случуваат неразбирливи и безумни нешта исполнети со неморал, лаги, незадоволства, неурамнотеженост и непресметливост.

Стравот од промени, опсесивната врзаност за другиот, финансиската неизвесност, обезличувањето на идентитетот и доброволното прифаќање подредена позиција создадоа колективно чувство на несигурност и губење на автономијата на личноста. Наместо да преземат одговорност за сопствениот живот и да иницираат позитивни промени, многумина очекуваат некој друг да им ги решава проблемите и да им го покаже патот кон целта.

Кога нештата не се одвиваат како што посакуваме, неопходно е да преземеме сé што е во наша моќ и да ги промениме околностите во кои се наоѓаме. Процесот на позитивна промена започнува со иницирање на следните активности: Преземање одговорност за сопствените постапки; инвестирање во личниот развој; посветеност на духовното и искажување афирмации; прифаќање на минатото и имање визија за перспективите на иднината; одврзување од лошите спомени и дистанца од негативните лица и ситуации; независност и јакнење на духот со позитивни техники на размислување и дејствување; фокус кон себе и воздигнување на сопствените вредности; придонес за заедницата и имање чувство за општото добро.

Кога не ги владееме сопствените емоции, стравуваме што ќе ни се случи во мигот на сегашноста и немаме јасна визија за перспективите на иднината, тогаш неизбежно стануваме пион во рацете на разните манипуланти, искористувачи и негативно определени поединци. Проблемите се интензивираат доколку постојано бараме другите да нî прифатат и засакаат и опсесивно зависиме од сугестиите на блиските. Во животот е најважно да ја градиме својата посебност и да не правиме нешта кои ќе имаат смисла за другите луѓе, а ќе бидат штетни за нас самите. Оптоварувањето со туѓото мислење и подлегнувањето на негативните влијанија, неизбежно ќе нé направат несреќни и незадоволни од самите себе и од околностите на животот.

Силата се црпи од вистината, односно од препознавањето и практикувањето на сопствените вредности. Самосвеста, независноста и будењето на потенцијалите на личноста се клучни за остварување на целите и за дистанцирање од штетните вибрации на околината. Секоја работа може да биде успешно завршена ако ја работиме со љубов и целосно се вложиме себеси. Од друга страна, многу од луѓето тежнеат без преголем труд и посветеност да ги реализираат целите или, пак, се задоволуваат со просечност. Таквите поединци настојуваат работата да ја завршат по кратка постапка, очекувајќи некој друг да им го пробие патот кон целта.

Самосвеста, интегритетот на личноста, независниот дух и индивидуализмот се поретко се на цена, отстапувајќи им го местото на снаодливоста, полтронството, политичката подобност, одработувањето за моќникот и служењето на негативно определените поединци и групации. За каков личен развој или за колективен напредок може да зборуваме кога членувањето во политичка партија стана еден од клучните фактори за полесно вработување или за професионално напредување. Не треба да нé чуди што во одредени случаи едуцираноста, ефикасноста и професионалната посветеност ја губат битката со некомпетентноста, неодговорноста и недораснатоста за извршување видни општествени функции. Тоа предизвика просечните да владеат и да бидеме таму каде што според многу европски параметри заслужено се наоѓаме – на дното или блиску до дното.

За овие нешта ретко се зборува, бидејќи главна тенденција стана определбата: “мене да ми е добро, па што сака нека биде со напредокот на државата, заштитата на еко средината, воспоставувањето на етиката, одговорноста и должноста”. Критичкиот пристап недостасува, така што за одредени членови е основно дали водачот, раководителот или “избраниот” е од “нашите”, а не колку штетни политички одлуки и негативни економски дејствија таквиот “нивен” функционер има спроведено.

Во текот на животот вкусуваме и тага и радости, и болки и задоволства. Клучно е на позитивен начин да го трасираме патот кон целта, бидејќи и покрај сé, најважно е што постоиме и имаме можност да ја подобриме ситуацијата во која се наоѓаме. Многу луѓе кои почиваат на гробиштата или пациентите кои вегетираат во болниците, не можат да ги променат нештата и да се извлечат од проблемите. Ние ја поседуваме можноста да бираме, да се движиме и да размислуваме, а со тоа и ја имаме опцијата да иницираме позитивни промени во својот живот. Суштинските промени кои треба да ги направиме е да почнеме афирмативно да размислуваме; да ја побараме смислата; да вложуваме во љубовта; да станеме похрабри, поорганизирани и поодговорни и пред сé, да се избориме за сопствените права и вредности. Сé додека поседуваме свест и осознаваме каде се наоѓаме, постои шанса за напредување и за остварување на целите. Луѓето кои не сфаќаат со кого живеат и каде се наоѓаат, веројатно имаат проблем со себеси, а можеби и со психичката состојба на личноста. Имено, поединецот кој не е свесен за реалноста, бидејќи сериозно заболел на психички план, нему сé му е совршено – тој мисли дека сé е розово, а всушност не е така.

Колку и да копнееме животот да го направиме совршен во се, секогаш ќе постојат борби, тешкотии и проблеми со кои ќе мора да се соочуваме.

Уште од праисториска епоха, човекот еволуирал врз основа на својата психофизичка издржливост, приспособливост и способност аналитички да размислува. Во борбата за опстанок, тој вклучувал волја, дух и разум. Врз основа на таквата еволуциска структурираност, колку повеќе се движиме, размислуваме, учиме и осознаваме, толку помалку ќе се соочуваме со егзистенцијалните кризи и тешкотии. Кога сме малодушни, апатични, слаби, исплашени и затворени во самите себе, ништо нема да промениме и корисно да создадеме.

Асоцијацијата е да почнеме да се отвораме за позитивните вредности, да нé стравуваме дека можеби ќе бидеме напуштени, нападнати, осудени и изиграни, бидејќи и да се случи тоа, сепак ќе добиеме значајно животно искуство – тоа ќе нé поучи што не треба да правиме и со какви личности да си немаме работа. Храброста, иницијативноста и решителноста се многу битен фактор за придвижување на нештата и за остварување на целта. Секој го добива тоа што го заслужува. Ако самите не се избориме за сопствените права и вредности, тогаш илузорно е да се надеваме дека ќе дојде некој од страна и ќе ни го покаже патот кон напредокот, мирот и среќата.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)