ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Осознаени грешки

333
Осознаените грешки се најдобри учители во животот. Тие стануваат корисни поуки само ако емоционално сме одврзани од последиците на лошите случувања. Опстојувањето со голем чемер, јад и фокусираноста врз болките и страдања ќе нé оддалечат од напредокот, среќата и од хармонијата. Не треба да стравуваме дека може да ни се повтори одредено негативно искуство, зашто несвесно отвораме можност навистина и да се случи тоа.

Животот е тотално непредвидлив и честопати полн со искушенија, болки и со тешкотии. Подемите и падовите меѓусебно се преплетуваат, создавајќи разни неизвесности, борби и предизвици. Во одредени животни етапи преовладуваат слабостите, неизвесноста и страдањата, а во некои други периоди (мигови) човековиот дух е под доминација на волјата, храброста и на радоста. Како ќе се поставиме кон животните ситуации зависи од степенот на личниот развој, духовниот капацитет и од нашата стабилност.

Осознаените грешки се најдобри учители во животот. Тие стануваат корисни поуки само ако емоционално сме одврзани од последиците на лошите случувања. Опстојувањето со голем чемер, јад и фокусираноста врз болките и страдања ќе нé оддалечат од напредокот, среќата и од хармонијата. Не треба да стравуваме дека може да ни се повтори одредено негативно искуство, зашто несвесно отвораме можност навистина и да се случи тоа.

Ставањето акцент врз минатото нема да ни донесе ослободување од негативните емоции и мир со себе. Тоа само ќе поттикне развој на црни сценарија и ќе отвори предиспозиции за вкусување нови болки и страдања.

Мудроста на правилното постапување не произлегува од врзувањето за нештата, туку од пуштањето работите да си врват по својот пат. Откако нашите емоции нема да бидат врзани за лицата и за ситуациите од минатото и откако ќе престанеме да се обвинуваме за сé што ни се случило, тогаш ќе започнеме да се хармонизираме и духовно да се трансформираме.

Не постои човек кој не се чувствувал повредено, разочарано и несреќно поради лошите постапки на другите луѓе, но и поради сопствената лековерност и слепата убеденост во туѓите морална вредност, чесност и искреност. Грешки се прават и тие се составен дел од постоењето. Решението е да платиме за заблудите и да продолжиме да се движиме напред кон убавите околности во животот.

Постои голема разлика помеѓу состојбата на емоционална повреденост и чувството на душевна скршеност. Во денешната сурова (егоистична) димензија на живеење, многу лесно може да бидеме повредени, но страшно е да се чувствуваме скршени. Душевната (духовна) скршеност ја убива надежта дека ќе биде подобро и укажува дека болката и страдањето целосно доминираат со човековото битие. Највисокиот степен на душевна скршеност произлегува од чувството на вина, грижата на совеста, изневерените очекувања и неприфаќањето на тешката болест или губењето на саканата личност. Душевната скршеност е состојба која не можеме целосно да ја неутрализираме и да ја избегнеме, а емоционалната повреда е искуство од кое можеме многу да научиме. Секој човек во текот на животот вкусува многу болки, страдања, непријатности и тешкотии. Смртта на драги личности е чин кој неизбежно раѓа тага, болка и душевна скршеност. Неразрешените душевни болки и страдања може да создадат опасни последици за психофизичката стабилност на личноста и да предизвикаат голем број болести.

Најдобар лек за душевното страдање е времето. Треба да веруваме дека времето лекува сé и посветено да работиме на себеисцелување и на прифаќање на нештата произлезени од минатото.

Духовното страдање може да биде уште поопасно од она душевното, бидејќи тогаш се работи за увид во сопствените гревовни активности произлезени од неразумното и неморално однесување. Духовното страдање воедно е и шанса да го преиспитаме своето поведение, да се покаеме, да побараме проштавање и да тргнеме кон вистинскиот пат во животот.

Од друга страна, неретко премногу се вознемируваме и дозволуваме туѓите лоши намери изразени низ неоправдани критики, манипулации, лаги и измами да влијаат врз нашата психофизичка состојба и да ни создадат емоционално страдање. Во секој миг од животот среќаваме или слушаме за единки кои претпочитаат да ги омаловажуваат, повредуваат и да ги потценуваат другите луѓе. Нивната склоност кон негативизам и потребата за кажување навредливи зборови произлегуваат од личната фрустрација, неприфаќањето на самите себе и од комплексот на пониска вредност. Задоволниот и исполнет поединец секогаш му дава предност на позитивното, убавото и афирмативното. Неговите збор и дело зрачат со разбирање, сочувство, поттик и придонес кон тоа и другиот да стане среќен, радосен и задоволен. Индивидуите, пак, кои се определиле да лажат, манипулираат, изневеруваат и да искористуваат се длабоко несреќни и незадоволни од самите себе. Во нивниот код на однесување преовладуваат ситните интереси, површните задоволства, егоизмот и филозофијата на размислувањето: мене да ми е добро, па што сака нека биде со заедницата или, пак, со другиот човек. Таквите себичност, неукост, нецивилизираност и замаеност може да создадат сериозни проблеми во личните односи, но и во општествените текови зафатени од разни загрозувачки ситуации.

Колку и да сакаме да ги избегнеме негативните околности, тие се составен дел од постоењето. Францускиот филозоф Жан Пол Сартр има кажано: „Пеколот, тоа се другите (неразумните) луѓе“. Асоцијацијата е дека што и да правиме, каде и да одиме, ќе мора да сретнеме или да соработуваме со одредени лица кои не водат сметка за етиката, емпатијата и општото добро, туку постапуваат исклучиво според сопствените себични интереси. Опасно е ако таквите поединци продолжат да иницираат лоши постапки насочени кон уништување на колективните добра, загадување на екосредината и загрозување на сопственото и на туѓото здравје. Историјата помни многу ситуации кога започнале лоши нешта поради игнорирање и допуштање на мало зло, кое потоа почнало неконтролирано да се шири и да станува голема, злокобна лошотија.

Вредноста на човекот се преиспитува според еволуцијата на свеста, придонесот за општото добро и определбата да биде на страната на правдината, чесноста и на вистината. Кога сме опкружени со лица кои се карактеризираат со исклучително ниско ниво на свест и кои манифестираат себичност, ирационалност и неодговорност, тогаш се потребни голема среќа и знаење за да се извлечеме од потенцијалните страдања, непријатности и опасности.

Енергијата на очекувањето е посилна од енергијата на желбата. Ние го добиваме она што внатрешно очекуваме да се случи, а не она што копнежливо бараме да се појави. Секој го добива тоа што го има. Ако поседува љубов, ќе добие љубов. Ако носи мир во себе, ќе препознае мир. Ако опстојува во страдање, насекаде ќе гледа страдање. Ако живее во незнаење, за него/неа сé ќе биде производ на глупост и незнаење.

Сé што е лошо треба да биде согледано, преиспитано и разрешено, а сé што е добро треба да биде препознаено, воспоставено и активирано. Благодарноста и благородноста се одлики на доброто, а (себе)обвинувањето, критицизмот и негативизмот се карактеризација на лошото.

Во екот на најголемите тешкотии, опасности, потребно е да поверуваме во Божјата промисла и доблесно да врвиме по својот пат. Позитивната мисла и убедувањето дека сé е за наше добро и дека сé ќе излезе на добро се клучни за справување со негативните вибрации на постоењето.

Со промена на менталната матрица и со определба фокусот да биде ставен врз позитивното, неизбежно ќе се отвори портата за елиминирање на негативното.

Енергијата на очекувањето е посилна од енергијата на желбата. Ние го добиваме она што внатрешно очекуваме да се случи, а не она што копнежливо бараме да се појави. Секој го добива тоа што го има. Ако поседува љубов, ќе добие љубов. Ако носи мир во себе, ќе препознае мир. Ако опстојува во страдање, насекаде ќе гледа страдање. Ако живее во незнаење, за него/неа сé ќе биде производ на глупост и незнаење.

Успехот е плод на осознавањето, а не на посакувањето. Кога знаеме дека ќе постигнеме позитивни резултати, тогаш и космосот работи на нашата цел и ни помага во остварувањето. Суштината е да ја видиме промената, а не да ја бараме промената. Таа ќе биде позитивна ако нашето колективно несвесно е фокусирано кон добродетелта, благосостојбата и етиката наместо кон негативизмот, себичноста и страдањето. Треба да очекуваме дека ќе победат здравјето, мирот и хармонијата, бидејќи како размислуваме така и привлекуваме; што очекуваме, тоа и го добиваме; колку вложуваме толку и постигнуваме. Време е да го привлечеме тоа што го заслужуваме, да го добиеме тоа што го поседуваме во себе и да го оствариме тоа што го очекуваме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)