ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Освестување

89

Колку пати сме почувствувале дека на некои луѓе им носиме среќа и со својата позитивна енергија им помагаме да се извлечат од кризните ситуации на животот. Кога се во одредена релација со нашата личност, ним им се отвора перспективата и со силни чекори грабаат напред, лесно надминувајќи ги пречките на животот. Проблемот е што со текот на времето, некои од нив почнуваат да забораваат во каква состојба биле и со кои проблеми се соочувале, па осоколени од напредувањето ја фаворизираат фразата: “Не ме интересира ништо друго освен мене да ми биде убаво и ќе го правам само тоа што го сакам”.

Недостигот на почит и немањето чувство за блискиот кој се подредил себеси, само на таквиот поединец да му биде добро, се повеќе станува матрица на однесување која бара детално преиспитување на постапките.

Ние почнуваме да стагнираме, се трошиме и енергетски исцрпуваме, барајќи трошка внимание за тоа што го придонесуваме. Едниот напредува, суетно настапува и себично ужива во постигнувањето, свесно или несвесно потиснувајќи го другиот, кој венеејќи незнае како да ја прекине зависничката врска во која се чувствува нереализирано и несреќно. Но, бидејќи се има свој почеток и свој крај, во периодот кога доаѓа освестувањето и кога ја преземаме судбината во сопствени раце, нашата енергија почнува да се буди, волјата се зајакнува, а смислата се насочува кон раскинување на прангите, кои долго време не држеле во емоционално ропство и застој на енергијата, духот и среќата.

Тогаш, во мигот на катарзата, конечно одлучуваме да тргнеме по својот пат и да го разбудиме сето она што сме го повикувале, но поради преголемиот фокус кон другиот, несвесно потиснувале. И одеднаш чудо, нам космичката интелигенција почнува да ни ги отвора портите кон сето она што некогаш сме го посакувале, ама поради наметнатото чувство на вина и приспособувањето на туѓата животна матрица, не сме биле доволно храбри да го побараме тоа што го заслужуваме.

Животот е огледало на тоа што сме, ако во себеси ја пронајдеме смислата, вредноста и решеноста да ни биде многу подобро, промислата со раширени крилја ќе не однесе кон тоа што го сонуваме, посакуваме и заслужуваме. Огледало на нашата личност исто така можат да бидат и другите, кои неретко се одраз на тоа што ние самите сме. Ако сме љубов, храброст, визија, смисла и цел, тогаш нужно ќе наидеме на лица кои ќе не даруваат со искрени емоции, кои силно и достоинствено ќе застанат покрај нас и со храброст и визија ќе одлучат животот да ни биде заедничка смисла, цел и убавина.

Затоа не треба да тагуваме по пропуштеното време, кога поголем дел од нашата среќа и енергија отишле во рацете на оние кои не умееле да го ценат тоа што го добивале и за кое не се радувале. Исто така не треба да се обвинуваме зашто не сме прогледале и спречиле одлив на нашата среќа, љубов и визија.

Времето е најдобриот судија за се, тоа правично просудува дека секој ќе го добие тоа што го дава. Кога со чисто срце и позитивна мисла даваме дел од себе, тогаш ние всушност се развиваме, усовршуваме и ја отвораме можноста истото тоа еден ден и да го добиеме. Доколку се случи доброто да не биде препознаено и возвратено од лицето кон кое било насочено, тоа нема да исчезне во темните одаи на заборавот, туку ќе продолжи да живее во јадрото на космичката премудрост која секогаш го возвраќа тоа што го добива.

Ретко го добиваме тоа што го бараме, секогаш го примаме тоа што сме.

Кога сме се чувствувале слаби, малодушни, несигурни и плашливи тоа и сме активирале и добивале. Со својата вибрација сме привлекле лица кои не биле способни да ја видат нашата љубов, верност и посветеност и со својот однос не потсетиле дека треба повеќе да работиме на љубовта кон себе, верноста на сопствените идеали и посветеноста на визијата – животот да не биде само сон, туку стварност во која искреноста, среќата и сродноста ќе го донесат тоа што го активираме, негуваме и заслужуваме.

Затоа треба да ја негуваме самодовербата, да знаеме дека колку вложуваме, толку и ќе добиеме. Можеби понекогаш тоа нема да го добиеме од тие кон кои се насочуваме, но сигурно ќе го добиме од Бог или космичката премудрост која ќе ни го донесе тоа што го заслужуваме.

Да се живее во љубов, смиреност на духот, разумност и посветеност на вредноста, значи дека нашето квантно поле се подготвува за сродните вибрации на животот. Иако понекогаш изгледа дека премногу енергија трошиме, а многу малку добиваме, сепак треба да знаеме дека нема рај без искушение, како што нема ни среќа без страдање.

Животот е исполнет со многу подеми и падови, кои посебно се случуваат кога не сме свесни за своите вредности и за тоа што вистински го заслужуваме.

Емоционалниот шок, разочарувањата и страдањата служат за да не освестат и опоменат кон кого и за што ја трошиме својата енергија, емоција, надеж и убавина. При преиспитувањето на нештата една работа не смееме да направиме, а тоа е да престанеме да љубиме, да се надеваме и радуваме што постоиме, бидејќи се додека постоиме имаме шанса нештата да ги менуваме. Промената ретко доаѓа однадвор, таа скоро секогаш е чин одвнатре. И најдолгото патување започнува со првиот чекор, така и нашата потреба да излеземе од кафезот започнува со позитивната нитка на мислата пролеана низ зборот и осведочена со благородниот импулс на делото.

Чудата постојат за да се случуваат и тие никогаш не се плод на случајот, туку дело на божјата промисла која секогаш го наградува човекот кој искрено верува, љуби и се надева. Кога нашето биополе е во корелација со Бог или космичката интелигенција, тогаш чувствуваме како вишата сила предодредила коцките да ни се склопуваат, а енергијата да протекува кон насоката на успехот, мирот и хармонијата.

Дали сето тоа би се случувало ако претходно не сме биле водени од позитивниот импулс на верата, љубовта и надежта?

Главната духовна мудрост е дека секој го добива тоа што го заслужува. Можеби нема да го добие кога најмногу го посакува, но сигурно ќе го почувствува кога најмалку се надева. Лицата кои постојано ги добивале вредностите што не ги почитувале и заслужувале, нужно ја изгубиле љубовта, среќата и поддршката, а без кои не може хармонично да се опстојува.

Народната мудрост вели: “Сé се враќа, се се плаќа”.

Бог или космичката премудрост колку и да мислиме дека е далеку од нас, тој вооедно е и блиску до нас и пред се, длабоко во нас. Сите ние во себе ја носиме и честичката на духовноста, така што со поддавање на нечестивата енергија, неминовно се оддалечуваме од божествената вибрација. Тогаш не се налепуваме на фрекфренцијата на позитивното и до нас не допира љубовта, верноста, искреноста и посветеноста, кои ги добиваме од другите.

Колку и да бидеме дарувани, сакани и негувани, ние мислиме дека е тоа недоволно и со ништо не се задоволуваме. Наместо да го почитуваме и возвратиме тоа што го добиваме, почнуваме да се жалиме, да негираме, да бегаме и да не го поднесуваме тоа што покрај себе го имаме. И бидејќи секој го добива тоа што го заслужува, постепено ја оживуваме еврејската клетва: да имаш, па да немаш, односно најстрашно е да го загубиме, тоа што го имаме.

Кој не го почитува доброто, треба да се подготви за лошото, зашто сé е поврзано со благородниот баланс кој вели: ако си доле почни да работиш за да се качиш горе, а ако умислуваш дека вечно ќе си горе, подготви се да ги вкусиш горките плодови на тоа што е доле.

Заклучокот е да го цениме животот што го имаме, да ја почитуваме љубовта што ја добиваме и да му радуваме на духовниот мир што го воспоставуваме.

(авторот е доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој)