ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Одговорност

1061

Сите ние живееме во општество (свет) во кое преовладуваат површните и неискрени односи помеѓу луѓето. Алчната ориентација кон создавање што поголем профит предизвика да се гази по човечките животи, човечката слобода и човечкото достоинство. Концепцијата „по мене – потоп – кога мене ќе ме нема, може се да пропадне“ создаде предуслови за интензивно уништување и загадување на природата, за експлоатација на другиот, за наметнување на моќта и суетата, за деградација на семејните вредности и за оддавање на разврат и распуштено однесување.

Главниот интерес е ставен на материјалистичките стремежи, така што алчноста, неморалот, неодговорноста, себичноста и сладострастието станаа стил на живеење и начин за бегство од духовната празнотија и површноста на постоењето. Се загуби вредноста на етиката, чесноста и емпатијата, поради што се наметна ставот дека сите луѓе се исти и дека не треба да се пропуштаат шансите. Тоа услови дека крадењето, лажењето, прељубите, манипулациите и егоизмот се нормални појави во современиот начин на живеење. Многу од луѓето го премолчуваат, прифаќаат или несвесно го одобруваат таквото неморално и неодговорно однесување.

Ставовите на етичарите и духовниците дека треба да престанеме негативно да се однесуваме и повеќе да размислуваме за непорочноста, хармонијата на својата душа и духовната воздигнатост на личноста, голем дел од јавноста ги отфрла и третира како несоодветни и заостанати. Се истакнува максимата дека живееме во ерата на високите технолошки достигнувања во која сé е дозволено, бидејќи најзначаен е капиталот и уживањето во телесните задоволства. Тоа предизвика духот, душата и разумот (моралот) да ја загубат превласта врз нагонот, страста и телото.

Будењето на свесноста за вистинските вредности и преземањето на одговорноста за сопствените постапки се клучни за излез од општата деградација и егзистенцијалната празнотија кон која се движи човештвото. Како што пишува Кирил Темков: „Етиката веќе не е прашање на учтивост, туку на опстанок“.

Неодговорноста и недостигот на свест за општото добро, духовноста и хуманоста се показател за незрел однос кон повисоките основи на животот. Во една општа незрелост, духовна неосвестеност и површност, многумина не сакаат да бидат одговорни, самосвесни и ориентирани кон позитивните аспекти на постоењето. Примери на неодговорност и негативно извршување на должноста можеме да пронајдеме во многу домени од човековото дејствување и професионално работење (во областа на политиката, медицината, образованието, правото, економијата итн).

Денес стана исклучително лесно да се биде неодговорен, тоа е бегство од слободата за која пишувал Ерих Фром. Според него, „современиот човек тежнее да биде ослободен од одговорноста, а посебно од одговорноста со личен пример да придонесе за доброто на другите и за заедницата во која живее“.

Кога не сме одговорни кон самите себе, не можеме да имаме одговорност ниту кон другиот човек. И тогаш другиот не е воопшто битен. Таа другост (поврзаност) која е исклучително важна за создавање хармонични врски помеѓу луѓето, скоро и да не постои во овој денешен свет. Мислата на филозофот Мартин Бубер дека „одговорноста е во папочна врска со создавањето“ станува илузорна кога гледаме дека во 21-от век постои експанзија на детска проституција, трговија со бело робје, нелегален бизнис со трансплантација на човечки органи, тероризам, религиозен фанатизам, висока стапка на криминал и насилства. За каква висока свест и одговорност можеме да зборуваме кога сме сведоци на општа експлоатација на работниот труд, на се поголема злоба, завидливост и негативност помеѓу луѓето, на себичност, алчност и неизвршување на професионалната должност, на уништување на семејните вредности, на деградација на еко средината, на повредување на животните и обезвреднување на постулатите на духовноста, етиката и чесноста.

Сето тоа зборува дека системот на вредности воспоставен на општествен план, многу ретко ги вклучува моралната одговорност, интегритетот на личноста, верноста на должноста и придонесот за општото добро. Наспроти тоа, преовладуваат затупеноста на духот, себичните интереси, манипулацијата, измамите и неодговорноста. Овие аномалии, за жал, станаа очекувана професионална и животна определба на голем број функционери или општествени дејственици – избрани и повикани да претставуваат светол пример на одговорно, чесно и посветено работење за напредок на заедницата.

Состојбата на психата произлегува од состојбата на духот. Кога постои духовна амнезија и незаинтересираност за етиката, праведноста, позитивноста и емпатијата, тогаш на цена се егоизмот, алчноста и ниските ориентации на животот.

Човекот кој е одговорен и внимателен во однос на својата чест и совест носи мир со себе, а неодговорниот, себичен и неморален човек многу лесно се соочува со грижата на совест и стравот од последиците за своето негативно однесување. Тој бега од тие нешта, но никогаш потполно не може да ја загуши совеста, стравот и чувството на вина кои му внесуваат немир.

Една од формите на индивидуализмот се состои во следното размислување: Јас одговорам само за себе и не ме интересира другите што прават и каков однос градат кон заедницата во која живеат. Таквиот пристап не придонесува за општествениот напредок и за личниот развој на поединецот. Џорџ Бернард Шо има кажано: „Човекот се смета за умен, не по присеќавањето за своето минато, туку според одговорноста кон својата иднина“. Тоа подразбира дека секој човек треба да вложува во сопствената иднина, но и да придонесува за колективниот напредок.

Позитивното постапување, чувството за општо добро и правилното извршување на должноста се знаци за зрело, хумано и одговорно однесување. Сепак, колку и да се обидуваме да придонесуваме за доброто на другите, треба да знаеме дека секој е одговорен за самиот себе и должен индивидуално да одлучува за својот живот. Кога дозволуваме родителот, шефот, партнерот, лидерот или некој друг да ја креира нашата судбина, тогаш поседуваме високо ниво на незрелост, неодговорност и зависност од туѓите влијанија. Според Екарт Тол, „еден од начините на кои егото се обидува да избега од личното незадоволство е да го велича и засилува сопственото доживување преку идентификување со група: нација, политичка партија, претпријатие, институција, секта, клуб, банда, фудбалски клуб“. Тоа предизвикува тотална зависност од надворешните фактори, претопување на своето Јас во другиот и губиток на авономијата на личноста.

Најголема одговорност во својот живот имаме само за една личност, а тоа сме ние самите. Кога преземаме одговорност за другиот или манифестираме неодговорност кон самите себе, ние го кршиме законот на личната одговорност.

Некои родители не сакаат да прифатат дека нивните деца станале возрасни личности кои се одговорни за сопствениот живот. Го жртвуваат своето здравје, пари, својот живот за децата, и така ги спречуваат секој од нив да порасне како личност, да се осамостои, зајакне и стекне способност за похрабро соочување со тешките животни испити.

Според англискиот терапевт Дајана Купер: Во моментот кога преземаме одговорност за некој друг, ние ја спречуваме таа личност да вкуси лекции кои ñ се потребни за да научи нешто во животот. Секој од нас поминува низ различни животни лекции и искуства – тие ни овозможуваат да ја зајакнеме личноста и исполниме кармата. Кога сме одговорни за нечија среќа, љубовна состојба, кариера, или било што друго, треба да бидеме свесни дека со своите постапки ги оневозможуваме другите да ја исполнат својата карма и да станат одговорни за сопствениот живот.

Опсесивното преземање одговорност за туѓите промени, може да предизвика многу стресови, немири и негативни состојби. Никој не може никого да промени, доколку самиот поединец не почне да работи на личниот развој и позитивните вредности на личноста.

Секој е одговорен за сопствените дела, така што ние треба да помагаме, но не и целосно да станеме одговорни за туѓите животни одлуки и постапки.

(Доц. д-р Зоран Крстевски, универзитетски професор)