ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Непотребни грижи

1031

Да се има добро здравје и да се биде во мир и хармонија со самите себе претставува најголемо богатство кое носи успех, напредок и среќа во животот. За да ги постигнеме овие вредности, неопходно е да внимаваме со кого комуницираме, кон што ја насочуваме својата енергија и колку дозволуваме негативните лица и ситуации да го креираат нашето живеење. Најголемиот непријател на внатрешниот мир е недостатокот на љубов кон самите себе и недовербата во сопствените вредности.

Кога со отпор и неприфаќање и пристапуваме на својата личност, тогаш не треба да се чудиме што привлекуваме лица кои со својот негативен однос дополнително нé изместуваат на психофизички план. За да се извлечеме од дисхармоничните животни ситуации, неопходно е да вложуваме во личниот развој, да ги препознаеме сопствените вредности и што помалку да зависиме од влијанието на другите. Тоа ќе го постигнеме ако на својата душа и пристапиме со позитивна енергија, зашто колку љубов и внимание си даруваме на самите себе, толку ќе чувствуваме мир, хармонија и убавина.

Проблемите произлегуваат од потиснувањето на нештата и од стравот да се проникне во духовната и емоционална состојба на личноста. Секогаш кога се соочуваме соодредени животни ситуации кои негативно го окупираат нашиот дух, неопходно е да се запрашаме дали тие проблеми ќе ни бидат важни по една година. Некои научници сметаат дека повеќе од 90% од работите поради кои се грижиме никогаш не се случуваат. Тоа значи дека нашите негативни грижи имаат само 10% шанси да се остварат. Во тој контекст оди и размислата на писателот Марсел Пруст: “Никогаш не си толку несреќен колку што ти се чини”. Сепак, колку и да сакаме да ги избегнуваме проблемите, тие секогаш ќе бидат дел од човековото постоење.

Секој сака да се почувствува радосен и исполнет во својот живот, но дали умее да ги негува вредностите кои овозможуваат радоста, мирот, љубовта и хармонијата да се вселат во неговото срце. Опстојувањето со болката, меморирањето на страдањето, неисцелувањето на душата, песимизмот и стравот од неизвесноста на иднината се главните сопирачки на саморазвојот, мирот и среќата во животот. Грижата за нештата кои не можеме да ги контролираме е контрапродуктивна и не придонесува да се чувствуваме добро со самите себе. Преувеличувањето на грижите ни влева нервоза, која, пак, ја намалува нашата способност за рационално согледување на проблемите. Претераната загриженост, внатрешниот немир и разните стравувања ја онеспособуваат желбата да бидеме мирни, опуштени, позитивни и емпатични кога тоа најмногу се очекува од нас.

Како зрачиме, такви животни ситуации привлекуваме. Кога се чувствуваме несигурни, депресивни и претерано вознемирени, тогаш имаме тенденција да ги споделуваме своите стравови со другите луѓе. Фокусирањето кон сé што е лошо, неизбежно ќе не оддалечи од позитивните вредности на животот. Со ширење на негативните вибрации дополнително ги зголемуваме проблемите, го актуализираме стравот и почнуваме да се чувствуваме уште понесигурно.

Кога себе си се доживуваме за жртва на судбината или на другите луѓе, тогаш илузорно е да се надеваме дека мирот и радоста ќе се вселат во нашето срце. Суштината е да почнеме да ја исцелуваме својата душа и да престанеме да бараме виновници за сé што ни се случува во животот. Правилниот избор, селективноста и решителноста во градење нови принципи на постапување се основни за воспоставување на мирот и хармонијата. Успехот следи кога не ги повторуваме грешките од минатото, имаме верба во мигот на сегашноста и одиме напред кон перспективите на иднината.

Според зборовите на Хелен Келер: “Најдобриот излез е секогаш оној што води право напред”.

Ако не ни се допаѓа опкружувањето – го менуваме на подобро. Ако не ни се допаѓа состојбата во која се наоѓаме – ја подобруваме, но пред сé низ промена на својот карактер.

Со менување на карактерот, вложување во умот и воздигнување на духот, ние го подобруваме својот живот. Позитивните резултати никогаш нема да пристигнат доколку постојано се жалиме, шириме песимизам и наоѓаме изговори за состојбата во која се наоѓаме. Кога нашите мисли и емоции праќаат сигнал “Јас страдам”,  тогаш привлекуваме настани кои се во корелација со таквата ментална и емоционална фрекфренција. Тоа предизвикува да се чувствуваме како жртва.

Секогаш кога стравот, апатијата и песимистичките мисли се закануваат да ни предизвикаат внатрешен немир, треба самите на себеси да си кажеме: Мир, мир и промени се! Кога ќе ги прекинеме автоматските емоционални реакции на некои нешта или личности кои ни создавале проблеми и страдања, ние се ослободуваме од своето старо Јас кое мисли и се однесува според тие ограничувачки матрици. Чувството да се биде здрав, смирен, опуштен и слободен е многу поважно од тоа да се остане заглавен во автодеструктивниот начин на размислување и однесување.

За да воспоставиме позитивни промени во својот живот не е потребно да чекаме надворешните околности да се променат, туку да почнеме да градиме позитивен однос кон самите себе и кон нештата кои нé опкружуваат. Најголема мудрост е да се отвориме за афирмативните вредности, бидејќи кога сме позитивни, самиот универзум ни дава уште повеќе и нé насочува кон сопствениот креативен извор на енергија.

Вистинската среќа мора да се заслужи со храброст и активност, затоа треба да излеземе на мегдан со неизвесностите и да се фатиме во костец со искушенијата и предизвиците на животот.

Главниот закон во физиката гласи: без акција, нема реакција, така што без дејствување, нема реализирање на сопствените цели и способности. Клучот е да се насочиме конвредностите што се остварливи, реални и видливи, односно да го сакаме тоа што го имаме, а не копнежливо да гледаме кон тоа што го немаме. Понекогаш треба да ги пуштиме нештата кои длабоко ги држиме во својата свест и потсвест и самите на себеда си кажеме: “Нека биде тоа што мора да биде”. Таквиот пристап ќе ни овозможи да нé стравуваме од лошите удари на судбината и да не се врзуваме за се што е минливо и менливо.

Да се љуби Бог, значи да се прифати Неговата волја. За посветените верници суштината на постоењето се наоѓа во духовната воздигнатост, чистотата на душата, следењето на божјата вистина и во непоколебливото прифаќање на судбината.

Тоа подразбира опуштано и без страв да ја следиме својата судба. Кога ќе престанеме да притискаме, да манипулираме со нештата и со луѓето за да го добиеме тоа што го сакаме и што сметаме дека ни е потребно, ќе почнеме вистински да уживаме во мигот на сегашноста. Високата самосвест произлегува од мирот, опуштеноста и од ослободувањето од опсесивната врзаност за предметите, лицата и негативните настани од минатото.

Филозофијата на постоењето “овде и сега”, асоцира дека треба повеќе да веруваме во самите себеси и да се фокусираме кон позитивните опцииприсутни во мигот на сегашноста. Грижите и проблемите произлегуваат од опсесивната желба да се биде што поуспешен, да се доживеат што поголеми задоволства и да има што повеќе пари. Трчајќи по минливите нешта и обидот да ја затскријат сопствената душевна празнотија, многумина уште поинтензивно ги направи жртви на нагонот, материјалното, површноста и сиромашниот дух.

Сé што му е потребно на човекот е да има позитивна цел, да поседува силна верба, да умее да ги прифаќа нештата и со љубов да гледа на сопствената судбина. Тоа ќе го постигне доколку сфати дека среќата не произлегува од надворешните влијанија, туку од внатрешниот извор на мир, задоволство и хармонија со самиот себе.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)