ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: НЕЗАДОВОЛСТВО

450

Од односот што го имаме кон сопствената ли­чност зависи дали мирот, успехот и хармонијата ќе се вселат во нашето живеење. Нег­ат­ивниот при­стап, себеобвинувањето, ниското ниво на самодоверба и чувството дека сме мали, обични и помалку вредни, се главните причини за стагнацијата, неуспехот и незадоволството од животот.

Постојат неколку фактори кои предизвикуваат да се осудуваме себеси и да ги потиснуваме сопствените вредности. Главните причини се во ме­нталната преоптовареност со негативните сит­уац­ии од минатото, потсвесната врзаност за трауматичните искуства и емоционалниот отров кон лицата кои ни создале стрес и неправда. Сите овие нешта имаат моќ психофизички да нè оптоваруваат и да го креираат нашето емоционално разјадување.

Врз структурирањето на личноста мошне си­лно влијаат навиките и искуствата што ги сте­к­нуваме во текот на животот. Негативните иск­уст­ва продуцираат немир, страв, потиштено­ст, не­гација, критицизам, стегнатост и емоцио­нални блокади. Тие предизвикуваат да се ко­н­це­нтрираме на неубавите нешта, да стравуваме дека може да не снајде најлошото, однесувајќи се како хипохондрици кои живеат во грч и тензија, вообразувајќи сериозна болест.

Дури и ко­га ќе дојдат до медицински доказ дека се потполно здрави, хипохондриците продолжуваат да умислуваат дека имаат некој здравствен проблем. Живеејќи со таа тегобност, тие не се во можност целосно да ги вкусат задоволствата на животот,бидејќи постојано се обременети со ло­ши мисли и под наплив на негативната вибрација. Сличен пристап манифестираат и лицата кои поседуваат ниско ниво на самодоверба и се под силен удар на трауматичните искуства од ми­натото. Сите овие нешта покажуваат дека стр­ес­огените фактори и емоционалната вознемиреност максимално го детерминираат личниот развој на поединецот и влијаат врз неговото чувство на среќа или несреќа.

Некои фактори кои создаваат лична несигурност се поврзани со критичкиот пристап, строгата рационалност и негативната согледба на состојбата во која се наоѓаме. Филозофот Артур Шопенхауер има кажано: „Човекот кој најмногу знае, најмногу страда”.

Проблемот се јавува доколку постојано ги заб­ележуваме слабостите и пристапуваме со отпор, не­доверба и негативни вибрации. Не постои човек кој не се соочува со проблеми и тешкотии. Ако пристапуваме со критичка опсервација ќе пронајдеме многу причини за да се плашиме и живееме со чувство на недостиг. Со та­ков однос кон самите себе ништо позитивно не­ма да на­пра­виме, освен што ќе опстојуваме во апсурд, не­мир и бесмисла. Излезот е во духовн­иот развој или во оптимистичкиот пристап кон нештата, односно во перципирањето дека „чаш­а­та е полуполна, а не полупразна”.

Ако сметаме дека владеат празнотијата, не­достигот и нереализираноста, тогаш постојано ќе се обвинуваме дека сме неуспешни, несфатени, страдаме и немаме среќа во животот. Овој начин на размислување ќе предизвика да зрачиме со негативна вибрација, да развиваме лошо чувство и да манифестираме празнотија на ду­х­от, преточена низ зборовите: „Јас сум празен и несреќен, бидејќи ништо добро не ми се случува во животот”.

Митолошката приказна за Сизиф е асоција­ција на еден празен и бесмислен живот, опфатен со постојана борба и тркалање на тешкиот камен кон врвот на ридот. На колкумина им се случило нештата да им пропаднат токму кога при­стигнале пред самата цел, поради што биле принудени сè да започнат одново. Но, таков е животот –  понекогаш исполнет со многу среќни ми­­гови, позитивни шанси и можности, а другпат по­лн со големи борби, тешкотии и неизвесности.

Песимизмот, ниското ниво на самодоверба и негативниот пристап можат да создадат големи проблеми во љубовните односи. Тоа посебно ва­жи за лицата кои не ги разрешиле емоционалните трауми од претходните љубовни врски, по­ради што манифестираат страв, незадоволство и неубави мисли. Таквите поединци колку подлабоко се вљубуваат, толку повеќе стравуваат, ин­ицирајќи нервоза, несигурност, посесивност, љубомора и критичка опсервација. Стра­вот од напуштање многу лесно може да предизвика манифестација на љубомора и да создаде предуслови несигурната личност да проектира стравови дека партнерот може да ја/го изневери или напушти, дека недоволно ја сака, дека не í посветува доволно внимание, поради што несвесно таа/тој почнува да реактивира негативна вибр­а­ц­ија и да прави тензија во односот.

Излезот од таквите непријатни ситуации е да работиме на зајакнување на самодовербата и на от­фрлање на стравот, осознавајќи дека сè про­из­легува од нашиот ум, односно дека сè е про­извод на сопствената перцепција и фиксација. Проблемот нема да се надмине ако се фиксираме за неубавите нешта и сметаме дека судбината пропишала постојано да страдаме во љубовта.

Да ја замислиме следната ситуација: Доживу­ва­ме љубов, убаво тече односот, но ние фик­си­раме дека ќе се измачуваме и почнуваме да ба­раме причинители кои ќе го оживеат убедувањето дека на крајот повторно нè очекуваат болки и страдања (овие манифе­ста­ции најчесто се случуваат на несвесно ниво, зашто ако свесно веруваме дека ќе страдаме, тогаш сме под целосен удар на психолошкиот мазохизам). По одреден период од врската му велиме на партнерот: Не ми посветуваш доволно внимание; не се јавуваш на мобилниот телефон кога те барам; не можам емоционално да се потпрам на тебе; сè ти е поважно од мене; не си посветен на семејството; сè помалку има страст во нашиот однос; не ми помагаш, не ме слушаш, не ме разбираш, не ме сакаш итн. Со сите овие не, не, не, илузорно е да се надеваме дека љубовното партнерство би можело да се движи во нагорна линија туку е прашање на време кога целосно ќе се распадне.

Од друга страна, дискутабилно е дали реално постојат толку многу проблеми во врската и преовладува отуѓувачкиот и незадоволителен однос со партнерот. Многу често коренот на проблемот се наоѓа во неразрешените трауми од минатото, во вметнатиот страв, во карак­тер­ниот профил на личноста и во убедувањето дека ништо не е доволно добро и дека немаме среќа во љубовта.

Прво што треба да направиме е фокусот да го пре­насочиме кон самите себе, да ги утврдиме соп­ствените вредности, да се воздигнеме на дух­овен план и да кажеме: вредам, можам и ќе успеам. Второ: да сфатиме дека и страдањето е составен дел од животот – доколку се соочиме со тешки животни ситуации, неопходно е да веруваме дека ќе се снајдеме и најдеме решение за проблемите. Најголемата мудрост се состои во сфаќањето дека ништо не е конечно, што и да е – ќе помине. Трето: искрено, чесно и посветено да љубиме, без притоа да стравуваме зoшто љубовта е најблагородната смисла на животот. Четврто: да се ослободиме од непотре­б­ните нешта кои ментално нè окупирале и емоционално нè обремениле, имајќи на ум дека сè што е наталожено може да биде и разрешено.

На кој начин и со какви методи може да ги надминеме страдањата и да се ослободиме од наталожените баласти на негативните емоционални искуства: читање поучни книги; инвестирање во личниот развој;разговор со добронамерни и умни луѓе;енергетско зајакнување на сопс­твеното биополе; искажување молитви и афирмации; здрав стил на живеење; вежбање и контакт со природата; наоѓање време за самите себе; будење на вербата, надежта и позитивната вибрација; слушање релаксирачка музика; прифаќање на минатото; ослободување од емоционалниот отров; преземање одговорност за сопствениот живот; трпеливост, нефорсирање и немање притисок дека експресно мора да излеземе од кризата. За сè треба време, како за градење вистински љубовен однос, така и за ослободување од проблемите и страдањата.

Затоа, треба да си дадеме време и целосно да се посветиме на самите себе. Со правилен фокус кон сопствените вредности, насочување кон љубовта, позитивно размислување и елиминирање на ограничувачките влијанија нужно ги отвораме портите за среќата, мирот и хармонијата во на­шето живеење.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)