ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: КРАДАЧИ НА ТУЃА ЕНЕРГИЈА

168

Многу од луѓето, соочени со разните предизвици и тешкотии во животот, наместо конструктивно да работат на подобрување на сопствениот енергетски потенцијал, свесно или, пак, несвесно се определуваат да го подигнат нивото на својата енергија со крадење на туѓата витална енергија. На тој начин, тие стануваат енергетски вампири, кои бараат разни начини за надополнување на виталноста, при што избираат донатори за акумулирање на туѓата енергија, со цел да ја обноват сопствената животна сила.

Енергетските вампири знаат како да нè исфрлат од рамнотежа и како да ги наметнат своите потреби. Некои го прават тоа на агресивен и авторитативен начин, а други тивко, ненаметливо, но промислено. Од енергетските вампири ќе се одбраниме ако навреме ги забележиме нивните вистински побуди, ги игнорираме и не им влегуваме во матрицата на однесување. Не треба да им се плашиме, ниту премногу да ги сожалуваме, бидејќи многу од нив уживаат да ја играат улогата на психолошки садист, односно на психолошки мазохист.

Рускиот писател Астрогор наведува два типа енергетски вампири – соларни и лунарни, но, според нашите истражувања, постојат многу повеќе типови енергетски вампири и нивни комбинации.

Соларниот вампир е жесток и импулсивен човек – садист, егоист. Тој ги омаловажува другите, предизвикува скандали и конфликти и манифестира голема ароганција и препотенција. Агресивно го наметнува својот авторитет, така што претпочита да доминира и да одлучува за судбината на блиските, кои се принудени беспоговорно да ги прифаќаат неговите забелешки, совети и ставови. Од децата бара безрезервна послушност и подреденост, така што го уништува секој нивни обид за самостојност и независност. Кога нема да тргнат нештата како што посакува, ја префрла вината врз другите, кои ги опсипува со ментален и со емоционален отров.

Карактеристични обележја на соларниот вампир се високото его и нарцисоидноста, кои не му дозволуваат да покаже емоционална слабост пред другите и да изрази искрено сочувство за туѓите проблеми. Со арогантното и препотентно однесување, тој го потиснува комплексот на пониска вредност и се претставува пред околината како силен и непоколеблив човек, кој „умее да се справи“ со сите искушенија во животот. Соларниот вампир е опседнат со себеси. Од партнерот бара совршена љубов, а самиот не ги возвраќа емоциите. Во неговата карактерна особина се крие поривот да навредува, омаловажува и да потценува.

По природа мегаломан, тој копнее сè да се врти околу него, така што може да биде максимално егоцентричен и ненаситен кога е цицањето на туѓата позитивна енергија во прашање. Решението во контактот со таквиот поединец е целосно да го игнорираме, но ако е невозможно тоа, да се одважиме и да не му дозволиме константно да нè критикува и да се истресува врз нашата личност. Ставањето јасни граници до каде може да оди, а до каде не и јакнењето на сопствениот интегритет, треба да претставуваат моќен одбранбен механизам во контактот со соларниот вампир.

Сепак, треба да бидеме свесни дека кога се чувствуваат загрозени, многу од соларните вампири не покажуваат милост кон противниците и способни се да предизвикаат големи болки и страдања во својата околина. Придвижувани од завист, злоба и од омраза, нивната животна филозофија е базирана врз алчност, себичност и негативност. Како и да е, соларниот вампир е исклучително опасен поединец, кој може за момент да ја исцица енергијата на донаторот до граница на крајна исцрпеност. Особено е опасен доколку се наоѓа на висока раководна функција.  Во тој случај, ги насочува целата своја фрустрација и искомплексираноста кон подредените, вршејќи им константен мобинг и шиканирање на нивните интелектуални потенцијали. Поради однесувањето на таквиот претпоставен, дел од вработените даваат отказ, бидејќи не сакаат да работат  со секојдневни психички потреси.

Лунарниот вампир, за разлика од соларниот, благо, тивко и ненаметливо ја извлекува енергијата од нас. Тој е скриен и мирен. Постојано се жали на своите проблеми, се прави дека е недоветен и дека ништо не разбира. Вистински давеж, тој не пцуе и не се расправа, туку цимоли и нè вади од душевна рамнотежа. Лунарниот вампир секогаш има исти проблеми и колку и да го советуваме, тие проблеми не се менуваат, така што почнуваат да нè растревожуваат. Од контактот со него, ние ја губиме силата, животната активност ни опаѓа, почнуваме да се проѕеваме, нешто нè гребе и гуши во грлото. Астрогор смета дека паролата на лунарниот вампир е „тивка вода брег рони“.

Постои голема група лунарни вампири која се прави дека не сфаќа што ѝ се зборува. Треба да им се објаснуваат елементарни нешта, сè додека не експлодираме. Во семејните односи, неретко како вампири се појавуваат и свекрвите, кои постојано критикуваат и негативно гледаат на сè што ќе направи снаата.

Соларните вампири постојано се расправаат и така се полнат со енергија, а лунарните не сакаат караници, туку сожалување. Кога ќе ни се јават на телефон, тие не споделуваат радост и позитивна енергија, туку постојано се жалат, критикуваат и излеваат нови или едни исти проблеми. На нашиот афирмативен пристап, тие контрираат со законот на отпорот и законот на негацијата, не прифаќајќи ги опциите за излез од кризата. Нивни главен недостиг е што не умеат оптимистички да размислуваат, односно да ги задржат радоста и виталноста во себе. Како и сите, и тие се радуваат, но набргу песимизмот и вознемиреноста ја истиснуваат радоста, бидејќи цело време зборуваат за црни сценарија и за болести, барајќи сожалување од другите.

Многу од лунарните вампири, наместо да се свртат кон самите себе и да ги пронајдат причините за проблемите, преферираат да ги обвинуваат другите за ситуацијата во која се наоѓаат. Навикнати постојано да се жалат, да критикуваат и да се обеспокојуваат, со своето песимистичко и тмурно расположение, тие енергетски ги дисхармонизираат блиските, предизвикувајќи голема штета врз нивното биополе. За да се заштитиме од таквите енергетски атаци, потребно е да бидеме максимално внимателни и дистанцирани од лицата што се определиле да им најдат недостатоци и слабости и на најсреќните и најубави настани.

Во соседските односи, најчесто се јавува лунарниот вампиризам. Астрогор наведува дека енергетските вампири ретко нè канат на гости, настојувајќи да дојдат кај нас и токму кај нас да го испијат филџанот кафе. Според него: „Доколку отидеме кај ʼвампиротʼ на гости, дома ќе се вратиме со главоболка, премаленост и со впечаток дека залудно сме го потрошиле своето време“. Неубавата атмосфера, негостољубивоста и чувството како да ни паднал шеќерот во крвта или, пак, како да сме газеле по трње, се дел од  впечатоците од нашиот престој кај лунарниот вампир.

Треба да имаме на ум дека многу нешта во животот се поврзани со законот на реципроцитетот, така што колку даваме толку треба и да добиваме. Ако постојано даваме, а не добиваме речиси ништо за возврат, тогаш нужно треба да ги преиспитаме односите со другите и да го промениме нашиот концепт на однесување.

Емпатијата и сомилоста се големи морални вредности, кои треба поттикнувачки да влијаат врз другите – да пронајдат сила и капацитет за излез од кризата и за хармонизирање на своето биополе. Но, тие морални категории не треба да бидат злоупотребени и обезвреднети, зашто сè си има своја граница. И најголемите добрини и најмоќната енергија ќе ја загубат својата моќ кога ќе престанеме да ги потхрануваме со заемна почит, љубов и со разбирање.

 (авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)