ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Загубени вредности

172

Дали е во право писателот Волтер Купер кога прикажувајќи го очајот на човекот во светот во кој живее, изјавил дека никогаш во историјата на човештвото немало толку души духовно изневерени поради културолошката загаденост во која живеат?!

Мнозина философи асоцирале дека делумно и функционерите и општествените системи се виновни за повеќето аномалии, дисфункционалности и деградации присутни во современото живеење. Зошто е тоа така? Можеби некој чесен и доблесен поединец се определил да им служи на етиката, вредноста, духовноста, на општото добро, но со доаѓањето на висока општествена функција, заборава на моралот и должноста и лесно им подлегнува на искушенијата. Тој почнува да ги реализира своите цели и сака да остане доследен и доблестен, но размислува и дека малкумина вистински ќе го вреднуваат тоа што го прави, бидејќи „многу ретко владеат вредностите“. Затоа, почнува и самиот да ги искористува придобивките и да ги остварува советите, кои некои од блиските му ги упатиле: зошто и ти не ги искористиш можностите и дојдеш до некој профит и ги протежираш роднините и соработниците?

И сега замислете, тој функционер можеби бил ориентиран кон моралот и етиката, но околностите, професијата и општествените прилики му создале предуслови да застрани и да ја злоупотреби функцијата. Тоа не значи дека треба да го оправдаме и да асоцираме дека тој бил принуден на такво нешто. Не, тој ја имал слободата на изборот и можел да се определи да остане доблестен и етичен, но се одлучил да потклекне на искушенијата.

Ова прашање го отвораме со цел да преиспитаме: дали луѓето многу повеќе ќе запливаат во криминал, доколку не бидат соочени со опасноста од консеквенци и со чувството дека ништо нема да им се случи ако украдат, уништат, деградираат, убијат, силуваат или вршат терор итн.

Неретко протекционизмот, некомпетентноста и просечноста ѝ се наметнуваат на јавноста и што на раководни места се поставуваат личности кои се морално, духовно, па и интелектуално несоодветни за функцијата што треба да ја извршуваат. На тој начин се измамуваат и себеси и другите.

Бидејќи високата свест и моралната воздигнатост кај голем број луѓе е на незавидно ниво, таквите поединци многу повеќе ќе се ориентираат кон злото и ќе потклекнат на искушенијата, доколку не постои страв од казна и осуда на нивните негативни определби. Но, ако владеат законот, правдата, должноста и одговорноста, односно определбата на институциите да ја извршуваат својата функција, дали таквите личности толку лесно и ефикасно ќе се насочат кон криминалот? Многу потешко! Можеби некои од нив сепак ќе се определат, а тоа се оние што по својата природа и генетска структура се детерминирани како криминални и изопачени личности, оние кои константно развиваат дехуманизаторска идеја, алчност и себичност. Тие секогаш ќе крадат, ќе уништуваат, ќе повредуваат и ќе создаваат негативни вибрации во својата околина. За жал, многу од таквите поединци биле или сè уште се форсирани и протежирани, дури некои од нив имаат и завидни кариери.

Проблемот е што неретко протекционизмот, некомпетентноста и просечноста ѝ се наметнуваат на јавноста и што на раководни места се поставуваат личности кои се морално, духовно, па и интелектуално несоодветни за функцијата што треба да ја извршуваат. На тој начин се измамуваат и себеси и другите (тешко е да извршуваш некоја должност, ако не ја познаваш или не си стручно образуван за таа материја).

Сето тоа е производ на загубените морални вредности, на губењето на семејната подлога и на доминацијата на егоизмот и материјализмот. Луѓето, а особено младите, речиси и да немаат на што и на кого да се потпрат, така што повеќето од нив се губат себеси и не ја пронаоѓаат вистинската смисла на животот. Многу од нив запаѓаат во криминал, во пороци, користат наркотични средства, се оддаваат на алкохол и ниски страсти а некои, за жал, извршуваат и самоубиство. Кој е виновен за целата таа деградација и девалвација на човековото постоење? Дали општествената практика е виновна, дали се виновни семејството, генетиката, судбината или слободата на волјата?

Значи, овие прашања треба да ги отвориме пред јавноста и секој да понесе одговорност за лошите околности со кои се соочуваат личноста, семејството, општеството и човештвото во целина. За да ги најдеме решенијата за излез од злото и негативните вибрации, треба да ги преиспитаме причинителите за општиот хаос и деградација на моралот и вредностите. Во тој контекст ќе напомниме дека и кармата врши одредено влијание врз судбината на човекот. Таа ги асоцира причинско-последичните законитости, кои велат: како што правиш, така ќе ти биде правено; како што ќе посееш, така ќе пожнееш; како што ќе си постелиш, така ќе си легнеш; какви општествени начела и семејни вредности им оставаш на поколенијата такви и ќе бидат нивните првични искуства и погледи.

Дали виновникот може да го бараме и во лошото управување со слободата на волјата и во неспособноста на поединецот да го избере вистинскиот пат? Но, дали повеќето млади се способни разумно да избираат или со какви опции се соочени за да можат правилно да изберат? Многу млади немаат изградено соодветно ниво на свест за да можат да го изберат правилниот пат, бидејќи се водени од некои други мотивации и вибрации. Тие гледаат примери на „просечни“ личности кои се наметнале во општеството, перципираат што се пропагира во глобални рамки, приклучени се на интернет, каде што има многу корисни, но и уште повеќе деградирачки содржини, па согледуваат дека без пари, моќ и статус си никој и ништо! И постепено во нивната свесност се вметнуваат лажните вредности, кои им ја трујат личноста и ги прават подложни на опасните искушенија. Затоа, повеќето млади имаат големи тешкотии да го пронајдат хармоничниот пат во животот и правилно да ја искористат слободата на волјата.

Незаштитен, оставен на ветромет и на ударите на судбината, младиот човек станува неспособен да ги пронајде вистинските вредности, поради што нужно се губи себеси и сè повеќе станува жртва на злото и негативните искушенија.

За културолошката загаденост и за проблемите со кои се соочуваат младите, вината може да се пронајде во многу сегменти. Еден сегмент е и семејството? Факт е дека некои родители недоволно ги советуваат децата, малку разговараат за проблемите, вредностите и опасностите на животот. Повеќето од нив се преангажирани така што немаат време за себеси и за своите најмили. Многу од родителите во трката да заработат што повеќе пари стануваат робови на еден вид машинерија. Тоа предизвикува некои од младите да бидат запоставени, да не чувствуваат сигурност и немајќи ја опцијата да се потпрат на родителите, тоа што им недостига го заменуваат со законите на улицата или со зависничката ориентираност кон интернетот. Каде владее профитот, владеат некои други „идоли“, таму има некои други околности и тие постепено ги навлекуваат младите кон неморалот, бесмислата и деградацијата. За жал, на улицата може да владеат и криминални структури од подземјето кои на младите ќе им продаваат дрога, подведуваат на проституција, ги тераат да работат за туѓ финансиски интерес, а на интернетот може да налетаат на содржини кои мотивираат кон ниски страсти и изопаченост на постоењето. Незаштитен, оставен на ветромет и на ударите на судбината, младиот човек станува неспособен да ги пронајде вистинските вредности, поради што нужно се губи себеси и сè повеќе станува жртва на злото и негативните искушенија.

А потоа многу од нас се запрашуваат: Кој е виновен за таквото однесување? Ќе погрешиме, ако сè и припишеме на лошата судбина, зашто неретко добрата судбина се повикува, се гради и воспоставува. Таа не произлегува самата по себе, туку произлегува од следењето на позитивните вредности и од вложувањето во морално-духовниот развој на личноста. Без оглед што секојдневно гледаме примери на лоши, неодговорни и алчни поединци, кои се експонирале во општеството, тоа не значи дека тие се наградени од добрата судбина. Напротив, иако на материјално и статусно поле се реализирани и воздигнати, сепак мерило за добрата судбина никогаш не се парите, моќта и славата, туку духовниот мир, алтруизмот и придонесот за светлата страна на постоењето.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)