ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Зависност

100

Дали зависноста, поистоветувањето и опсесивната емоционална врзаност за одредени лица и ситуации може да создаде штета за духовната состојба на нашата личност?

За стабилноста и интегритетот на нашата личност е мошне ризично целосно да зависиме од другите луѓе, да ја загубиме самостојноста и да станеме подредени на туѓите влијанија. Секој зрел и самосвесен човек треба да ја гради својата посебност, да ја развива самовредноста и да не дозволи другиот да го води и креира според сопствените погледи и потреби. Кога сме доведени во ситуација нашата судбина да зависи од добрата волја, способноста и одлуката на надворешните фактори, тогаш сме како птица без крилја, која немо исчекува каков ќе биде исходот од наметнатата ситуација. Такви моменти има кога се соочуваме со сериозни здравствени, финансиски, професионални, семејни и други егзистенцијални проблеми, како и со граничните ситуации на животот, кога преовладува прашањето: Да се биде или не.

Добро е да бидеме отворени за конструктивни совети и да соработуваме со лицата кои не опкружуваат, но не треба премногу да зависиме од нивните влијанија, како и од нештата произлезени од минатото.

Некои поединци не преземаат одлуки доколку не се консултираат со другите луѓе, така што постојано бараат совети или оправдувања за своите постапки. Да се префрли одговорноста врз родителот, партнерот, пријателот, колегата, психијатарот или советникот е знак за незрело, несигурно и лабилно однесување.

Суштината на зрелиот и самосвесен поединец е да се потпира на самиот себе, да верува во сопствените вредности, да го гради интегритетот на личноста и да го развива карактерот врз начелата на одговорноста, самостојноста и позитивниот пристап кон животот. Тоа не значи дека не треба да примаме корисен совет, да иницираме консултација со добронамерни личности и да го сослушаме мислењето на другите, напротив, тоа е мошне битно и препорачливо за развојот на нашата личност. Но, ако ги фаворизираме согледбите на другите, манифестираме малодушност, несигурност и зависност, тогаш максимално ќе ги намалиме шансите за напредок и за духовно воздигнување на својата личност.

Може да замислиме што ќе се случи со одредено општество, семејство или индивидуа, доколку ги загубат уздите на себевладеење и себеконтролирање, дозволувајќи некои странски емисари, надворешни фактори или туѓи влијанија да им определуваат како да живеат и размислуваат и какви вредности да негуваат.

За духот на човекот е поразително доколку тотално ја загуби самоконтролата и манифестира зависност од алкохолот, цигарите, наркотиците, седативите, коцкањето, ниските страсти, храната и разните задоволства. Во такви ситуации, наместо да биде субјект, поединецот нужно станува објект, кој не умеејќи да се справи со зависноста, инстинктивно им се предава на пороците и нагонските сили на телото. Патолошката врзаност за родителот и тоталната зависност од партнерот, исто така покажуваат дека се работи за сериозна криза на идентитетот и за незрело однесување, кое неизбежно ќе предизвика големи емоционални страдања и проблеми во животот.

Да бидеме во мир со себе, да умееме да ги контролираме ниските побуди на телото, да владееме со сопствениот дух и да не им подлегнуваме на негативните емоции е показател дека сме станале зрели, одговорни и самостојни личности, кои се способни да се справат и со најтешките искушенија на судбината.

Во градењето на својот животен пат, најмалку што треба да направиме е да се поистоветуваме или споредуваме со кои било личности, зашто секој човек има свои вредности, слабости и судбински патеки што лично треба да ги осознае и изоди во текот на своето постоење. Наша задача е да го пронајдеме посебното во самите себе, да го осветлиме и развиваме на најдобар можен начин.

Не треба да се споредуваме со никого на светот, зашто ако се споредуваме, тоа значи дека се навредуваме самите себеси и не веруваме во сопствената оригиналност и посебност. Треба да знаеме дека секој си е посебен на свој начин и поседува свои вредности, таленти и доблести, кои е неопходно што повеќе да ги осознава, развива и усовршува.

Зависничкиот однос, опсесивното врзување и поистоветување со другиот може сериозно да ја загрози нашата личност и да не доведе во ситуација на бесперспективност, несигурност и нереализираност. Тоа најчесто се случува откога ќе ја загубиме поддршката на која цело време сме се надевале и потпирале. Добро е емоционално да се врзуваме за лицата кои позитивно не мотивираат и стимулираат, но уште подобро е да бидеме независни, со силен дух и решителни во бранењето на сопствените права и вредности. Целта е да владееме со своите постапки, бидејќи “поединецот кој е постојано подложен на туѓо влијание е мртов човек”, напишал Тома Аквински.

Во Новиот завет се наведени зборовите на Исус Христос дека кога ќе дојде моментот треба да ги напуштиме своите родители и да тргнеме кон божјиот пат и духовната вистина. Поуката асоцира дека не е корисно за развојот на нашиот дух ако дозволиме родителите, партнерот, општествениот фактор или другите луѓе константно да ни наметнуваат какви треба да бидеме и што треба да правиме.

Тогаш не се работи за автономен, туку за хетерономен (наметнат) морал, кој не произлегува од нас самите, туку од туѓите правила на однесување. Суштината се наоѓа во решеноста да го креираме тоа што сакаме да бидеме, но исклучиво низ начелата на етиката, вредноста и добродетелта.

Позитивната определба, секогаш раѓа позитивни плодови.
Во будизмот се смета дека опсесивното врзување за надворешните нешта е мошне штетно и опасно, зашто предметите може да исчезнат, славата и успехот да избледат, а другите луѓе да не остават. И што ќе правиме тогаш?

Сите ние посакуваме блиските кои го напуштиле овој свет и убавите настани од минатото повторно да бидат присутни во нашиот живот, но како да ги вратиме саканите и да направиме нештата да бидат, какви што некогаш биле. Тоа е невозможно! Затоа најреално и најкорисно е да се врзуваме за вредностите на сопствената личност и да се ориентираме кон сé што не мотивира да одиме напред, создавајќи го мирот во душата и среќата во актуелниот миг од своето постоење.

Заслепеноста од авторитети и некритичкото потпирање на туѓите влијанија се мошне опасни за самовредноста и интегритетот на нашата личност.

Полтронството, кодошењето, безрбетништвото и улизувањето се негативни карактерни појави, кои создаваат лоша слика за самиот поединец, но и за напредокот на колективот, посебно ако таквите некадарни личности заземат видни општествени функции. Тие се како притаен паразит, кој бавно, но сигурно ги загрозува сите витални институционални клетки на државата. Детекцијата на таквите лицемерни индивидуи е спас за заедницата и можност едуцираните, независни и квалитетни поединци да дојдат до израз. За жал, со својата полтронска способност на упикување и одработување, многу често се случува одредени лигавци да се пробијат на значајни раководни функции и со својата неспособност, лажна подобност и неодговорност да го уништат напредокот на институцијата, компанијата или државата.

Некои луѓе присутни во нашата непосредна околина споделуваат позитивна, додека други предизвикуваат негативна енергија.

Поткажувачите, улизувачите и полтроните, иако најчесто се претставуваат како добронамерни и насмеани личности, носат во себе голема горчина, гнев и отпор кон поуспешните и поспособните и скоро секогаш зрачат со негативна енергија.

Лекот е навреме да ги забележиме и да се дистанцираме од нивното ментално и енергетско влијание, зашто тие се луѓе кои од се сакаат да придобијат, а со ништо добро да не возвратат. Најлошото нешто кое може да си го направиме на самите себе е со таквите индивидуи да оствариме блиска интимна релација и да се доведеме во ситауција да зависиме од нивната одлука, внимание и влијание.

Нема поголема мудрост од способноста автономно да владееме со сопствената судбина и самите да одлучуваме за животните патеки што сакаме да ги изодиме во текот на своето постоење. За да го постигнеме тоа, неопходно е да се заштитиме од поединците кои се обидуваат да ја загосподарат нашата личност, да се дистанцираме од негативците и да не дозволиме нивната енергија, страв, малодушност и несигурност да станат наша судбина.

Постојат луѓе кои се иритираат од туѓата среќа – дружењето со таквите персони е лоша одлука која може скапо да не чини во текот на животот.

Изборот секогаш треба да ни бидат ведрината, радоста, позитивната енергија, решителноста, самостојноста и храброста, без оглед дали некому тоа ќе му се допадне или со завист ќе гледа на таквата наша состојба. Ние не живееме поради одоброволувањето на јавноста и задоволувањето на туѓите желби и потреби, туку за да бидеме среќни со самите себеси и исполнети од чувството дека со своите постапки не ги прекршуваме моралните закони и не им наштетуваме на другите.

Заклучокот е дека колку повеќе владееме со сопствените нагони, копнежи и зависности, толку помалку ќе бидеме под удар на надворешните фактори и дистанцирани од негативните вибрации на лошите луѓе и неповолните животни ситуации

(авторот е доктор по филозофски науки, едукатор, мотиватор и тренер за личен развој)