Последниот дел за влијанието на енергетскиот вампиризам ќе го завршиме со анализирање на психолошкиот профил на енергетскиот вампир, кој е комбинација од повеќе типови на вампири и кој е можеби најопасен од сите претходно наведени енергетски вампири. Според нашите истражувања, овој тип на енергетски вампир најчесто го сретнуваме на работното место и може да биде некој од претпоставените или колегите.

Колку и да се чувствувате добро, енергетскиот упад на овој вампир набрзо ќе ја вшмука и последната капка сила и последниот грам оптимизам и расположение кај соговорникот. Најчесто носи тежок психички товар од своето несреќно минато, а тие трауми ги нема надминато туку се длабоко закопани во нејзината/неговата потсвест и нагонски ја/го тераат да прави лоши работи на луѓето од својата непосредна околина, само за да ужива во нивното страдање. Практикува директен упад во интимното поле на соговорникот со интензивен очен контакт, наведувајќи го преку директни прашања кон добивање на одговорите кои сака да ги слушне. Овој енергетски вампир настојува да го контролира нашето однесување и да преиспита што работиме, а посебно како тоа го работиме.

Сопствениот душевен немир и длабоко незадоволство од животот се обидува да ги неутрализира и да најде утеха во посакувани несреќи што им се случуваат на другите. Зад маската на добронамерник и грижлив пријател, ќе се обиде со најдиректни прашања да продре во интимата на соговорникот и нема да се задоволи сé додека не слушне дека несреќите се суштина на сечиј живот, не само на нејзиниот/неговиот. Чувствува огромна скриена завист за добрите настани во туѓите животи и туѓото добро расположение, кои со своите скриени постапки ќе се обиде колку може побрзо на многу суптилен начин да ги уништи за конечно да ја постигне својата цел. Проблемот е уште поголем кога ваквите личности се на позиција претпоставени на работното место и глумат пријателски настроени работодавци, секогаш подготвени да сослушаат и да понудат моментална утеха и излез од проблемите. Тој/таа сепак имаат друг намера. Суптилно да продрат во нашето биополе и енергетски да нé исцрпуваат со тоа што ни ги ускратуваат пофалбите, делејќи наместо нив, ситничави критики и непотребни коментари за нашите грешки. Колку и да се трудиме, колку и да сме добри или колку и да се обидуваме да ги почитуваме правилата, тоа нема да биде доволно. Кога прв пат нешто ќе погрешиме, вампирот ќе ни стави на знаење дека сме мрзеливи, неспособни или во најмала рака, неодговорни.

Треба многу долго време да се разоткрие маската на овој енергетски вампир за што постои само еден начин – следење на неговите/нејзините постапки, а не зборови. Додека едно зборува и се труди преку зборовите да понуди утеха, зад грб го прави тотално спротивното искористувајќи ги слабите точки за кои дознал/а. Практикува и сексуално да ги искористува луѓето околу себе, демонстрирајќи ја и на ваков начин својата моќ, лечејќи ги сопствените комплекси на инфериорност, а истовремено цицајќи и дополнителна енергија од своите сексуални партнери кои брзо ги менува и воопшто не се интересира за перспективата на таквите односи во кои се впушта непромислено и површно. Неретко самото присуство на ваквите личности привлекува лоша енергија за соговорникот, па веднаш по средбата, тој може да почувствува нагло паѓање на нивото на енергија, караници со блиските колеги или семејство, неуспешни потфати, кршење на одредени лични предмети, и сл. За овој тип вампир во животот важи начелото: целта ги оправдува средствата, па воопшто нема да се обесхрабри од моменталната состојба на нештата сé додека не го добие посакуваниот исход за себе и воспоставување на посакуваната контрола врз животите на луѓето околу себе, од чии несреќи се храни. Пожелно е да не го гледаме директно во очи овој тип на енергетски вампир и колку што е можно да го избегнуваме.

Како заклучок ќе повториме дека вампиризмот е енергетска кражба, која завршува само доколку се дистанцираме од енергетскиот вампир и престанеме да ја прифаќаме неговата матрица на дејствување. Проблемот се јавува кога несвесно се соживуваме со улогата на донаторот и кога си умислуваме дека сé што правиме, правиме за заедничко добро. Последиците од таквото „донаторство“, може да бидат опасни за нашето здравје и за психофизичката кондиција на сопствената личност. Доколку сме константно напаѓани од енергетските вампири кај нас се јавува малаксаност, замор и поспаност, се зголемуваат проблемите со концентрацијата, стануваме раздразливи, нервозни и подложни на несоници, главоболки и психосоматски болести.

Многу од луѓето, соочени со разните предизвици и тешкотии на животот, наместо конструктивно да работат на подобрување на сопствениот енергетски потенцијал, свесно или, пак, несвесно се определуваат нивото на својата енергија да го подигнат со крадење на туѓата витална енергија. На тој начин, тие стануваат енергетски вампири, кои бараат разни начини за надополнување на виталноста, при што бираат донатори за акумулирање на туѓата енергија, со цел да ја обноват сопствената животна сила.

Енергетски вампири може да бидат и наметливите родители, но и децата кои не знаат за зборот граница, незадоволните сопружници кои со своите критики и омаловажувања го нарушуваат енергетското поле на партнерот, колегите од работа кои се склони кон драматизирање, пријателите кои со своите меланхолични и песимистички изблици, енергетски нé исцрпуваат. Повеќето од нив, енергетските атаци ги прават несвесно. Тие ни ја земаат енергијата, поради што стануваме поранливи и понапнати на психофизички план.

Од друга страна, постојат енергетски вампири кои на свесно ниво ги вршат нападите врз туѓото биополе. Нивната способност да се инволвираат во нашиот живот и константно да нé цицаат на енергетски план, претставува сериозна закана за поединецот, кој нема изградено силен механизам на самоодбрана. Затоа, кога околностите тоа ни го дозволуваат, треба да научиме да кажуваме „не“, но и да станеме свесни за сопствените права,  бидејќи некои луѓе како да се навикнати да ги наметнуваат исклучиво своите потреби, а да ги игнорираат туѓите.

Постојат поединци, кои поради секојдневните фрустрации, постојано размислуваат за неубавите ситуации, преувеличувајќи го нивното значење и на тој начин паѓаат во уште подлабока депресија. На крајот не издржуваат, па го земаат телефонот и ни се јавуваат, надевајќи се дека ние ќе им помогнеме да се чувствуваат подобро. Ако сме им секогаш достапни, ќе се претвориме во енергетско-емоционална депонија на која тие ќе можат да го исфрлаат товарот на своето очајување. Во контактот со таквите енергетски вампири клучно е да поставиме лимит на својата достапност за разговор во врска со емоционалните и егзистенцијални проблеми на соговорникот. Не треба целосно да ги избегнуваме, туку да одредиме време за почеток и крај на разговорот, бидејќи ако константно им стоиме на располагање, сериозно ќе го загрозиме енергетскиот виталитет на сопствениот организам.

Треба да имаме на ум дека некои лица манифестираат однесување кое не кореспондира со наведените типови на енергетски вампири или пак, во себе носат комбинација од повеќе профили на енергетски вампир. Како и да е, ќе продолжиме да го истражуваме овој феномен и со самото тоа, во некоја наредна колумна ќе предочиме нови согледби за енергетскиот вампиризам.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)