Низ фазата на енергетскиот вампиризам поминува секој човек, но некои со помош на љубовта, духовноста и радоста се извлекуваат, додека други до смрт остануваат вампири. И како минуваат годините, тие манифестираат сé поголемо и поголемо незадоволство и егоистичност. Таквите поединци се себични по природа и определени многу повеќе да земаат, отколку да даваат. Според Астрогор: „Енергетските вампири неретко ги надживуваат своите донатори, а ние се чудиме што емотивните луѓе многу повеќе заболуваат и побрзо го напуштаат овој свет“.

Покрај енергетските вампири за кои пишувавме во претходната колумна, ќе наведеме и други типови на енергетски вампири:

Драматург: ситниците ги претвора во неописливи драми, сé е страшно добро или страшно лошо. Тој често користи тактика на исцрпување на жртвата со празна приказна и со измислени сценарија, кои константно се повторуваат. Живее за да добие внимание и признание. Додека се чувствува и изгледа добро, сето останато е небитно. Мајстор е во криењето на вистинските мотиви, така што е способен да ги изврти туѓите зборови и дела, за да се претстави себеси како позитивен и безгрешен лик. Кога се ставаме во служба на другиот, тогаш се даваме целосно, само што не знаеме до каде е границата на другиот, што него го задоволува. Во тој контекст, драматургот е мошне опасен, бидејќи скоро ништо не го задоволува. Доколку во прв момент посакаме да му пружиме рака и да го утешиме, подоцна ќе откриеме дека тешењето на овој тип на вампир е работа со полно работно време. Интересна препорака дава Алберт Џ. Бернстин: „Депресивниот драматург не можете да го утешите на повеќе од неколку минути. Немојте ни да се обидувате. Само ќе се измрцварите, а нема воопшто да му помогнете. Уште полошо, вие ќе станете единствена личност која го разбира, со што за себе ќе си обезбедите уште многу празни разговори, често среде ноќ или во некој мошне незгоден момент“.

Параноик: постојано си замислува некои работи, така што смета дека сите се свртени против него, дека постојат опасности и ризици за неговата личност. Овој тип на енергетски вампир станал опсесивно-компулсивен со некоја случка од минатото и мисли дека таа може да му се повтори – дали како болест, губење на финансиската поткрепа, дали во професионалната сфера или во односите со луѓето, кои пак, може да ги чувствува како закана. Со тоа манифестира црни и депресивни мисли, на тој начин и нас не дисхармонизира. Опасноста за нашето биополе е што постојано ќе ни повторува едни и исти животни приказни и со тоа сериозно ќе нé исцрпи на енергетски план. Според Бернстин: „Параноичните вампири по многу нешта се најкомплицираните од сите емоционални вампири. Тие се обидуваат светот да го вклопат во тесните рамки на своите уверувања, сечкајќи ја и развлекувајќи ја стварноста за да се вклопи во нивните стандарди“. Со нив ништо не е сигурно, зашто не се знае што ќе им падне на ум и како ќе реагираат на некоја наша постапка. Тие се меѓу најопасните енергетски вампири за создавање брачна заедница.

Контролор: опседнат е со желбата да ги контролира и владее другите, така што секогаш знае најдобро што и како треба да се работи. Во говорот често ги користи глаголите „треба“ и „мора“. Тој е диктатор зашто во секоја пригода сака да го наметнува своето мислење и однесување. Живее според конкретни правила за кои верува дека се непроменливи и очекува сите други да се однесуваат по тие правила. Доколку е на висока раководна функција врши суров мобинг врз подредените, кои во секој момент мора да му се на располагање. Неретко им се јавува и во доцните ноќни часови, поставувајќи најбанални деловни прашања.  Овој тип на вампир нуди чувство на сигурност сé додека не ја открие слабата точка на жртвата, тогаш почнува испитувачка тортура. Тешко на оние чии емоции и однесување не се во согласност со неговите очекувања, зашто без никаков проблем, може да ги отстрани од тимот и обвини за некомпетентност и несоодветност во исполнувањето на работните задачи.

Неуморен говорник: хроничен дрдорко кого не го интересираат нашите чувства, бидејќи се интересира единствено за себе и за своите животни приказни. Тој е човек кој постојано нé прекинува додека зборуваме, всушност и не го интересира тоа што сакаме да му го кажеме. На почетокот е забавен, но наскоро ќе ја загубиме рамнотежата. Многу зборува, а ништо конкретно не кажува. Ако сакаме да се заштитиме потребно е да не поставуваме дополнителни прашања и потпрашања, таквиот поединец и онака само бара повод да ја наметне својата приказна.

Итен случај“ (пациент): драматизира и постојано бара наша помош, поставувајќи прашања и за најбанални нешта. Ни ѕвони во секое време и нé заморува со своите проблеми, станувајќи потполно зависен, како дете. Еден од начините на заштита е одредување на граници – ова можам да го направам за тебе, а тоа не можам.

Вампир со маска“: сé звучи и изгледа убаво, но ние не се чувствуваме добро кога сме во негова близина. Тој е површен и неорганизиран поединец, кој од нас постојано бара некои услуги. Вампирот со маска умее на мошне софистициран и притаен начин да ни се „вовлече под кожа“ и вешто да манипулира со нашата енергија. Играјќи на картата на алтруизмот и сочувството, тој е способен максимално да нé исцрпи на психофизички план и сериозно да нé измести.

Напорен и суров агресивец: одмаздољубива и лоша личност која малтретира, навредува и понижува. За да се откачиме од таквиот вампир, најдобро е да му кажеме дека е во право и да не дозволиме нашето его да нé навлече во неговата замка и на злобата да ѝ возвратиме со злоба. Тој има за цел целосно да завладее со нашата личност и да нé доведе во ситуација да му го предадеме раководството и моќта, за да донесува одлуки за нас. Овој енергетски вампир нема да го победиме во рингот, туку во сопствената глава. Ако останеме смирени, дури и кога сме смртно преплашени, ќе ја неутрализираме неговата опсесивна потреба постојано да предизвикува караница.

Еве неколку совети кои можат да помогнат во моментите кога сме атакувани од овој тип на вампир: Да побараме доволно време за размислување; да го натераме енергетскиот насилник да престане да вика; да не му ги објаснуваме намерите; да го прашаме: што сакаш да направам; и пред сé, да не ги сфаќаме критиките лично. Како што укажува Алберт Џ. Бернстин: „Ако сте во брак со насилник, веќе знаете што значи да се живее на минско поле. И најмалиот погрешен чекор може да предизвика експлозија. Неговиот бес може да биде насочен кон вас, вашите деца или некој предмет. Најдобар начин да се изборите со животот на минско поле е всушност да сфатите дека живеете на минско поле“.

По контактот со „напорниот и суров агресивец“, пожелно е да се истушираме и да пиеме многу вода. Треба да согориме и стапче со мирис на жалфија во просторијата во која претстојувал овој тип на енергетски вампир. Тој во многу нешта е сличен на соларниот вампир, за кој пишувал рускиот писател и истражувач Астрогор.

(продолжува)

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)