ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Енергетски вампири (1)

407

Брзото темпо на живеење, постојаното контактирање и разменување идеи со многу луѓе, егзистенцијалните притисоци, како и настојувањата за брзо и ефикасно реализирање на плановите, предизвикаа современиот човек константно да се чувствува заморен и истоштен на психофизички план. Ако кон тоа ги додадеме и психичките напади извршени од лицата, кои се определиле да се хранат со туѓата позитивна енергија, тогаш ќе констатираме дека сите ние живееме во свет во кој владее и борбата за воспоставување на менталната и емоционална доминација, која може да се  нарече – енергетски вампиризам.

Луѓето се сметаат за социјални суштества, па во меѓусебната интеракција, освен зборови и допири, се разменува и енергија. Со некои лица убаво се чувствуваме и разменуваме пријатни енергетски вибрации, со други немаме многу допирни точки, ниту пак, нивното влијание може да нè измести на психофизички план. Во третата група се наоѓаат луѓето кои неретко целосно нè исцрпуваат и своето биополе го хранат на сметка на нашето. Тие се енергетски вампири кои имаат постојана потреба за доток на туѓата енергија, така што нивната тенденција е да земат, без да размислат дека треба и да дадат.

Поимот енергетски вампиризам ѝ е недоволно познат на науката и медицината, но очигледно е мошне присутен на многу нивоа од животот. Под терминот енергетски вампиризам треба да ги подразбираме  меѓусебните односи на луѓето, кај кои доаѓа до насилно одземање на животната сила, а со тоа и до подобрување на виталитетот на едниот поединец на штета на другиот. Недостатокот на креативна и витална енергија, може да биде причина за појава на многу болести, за пасивност, за телесен замор и за емоционална и ментална затвореност.

Енергијата кај Кинезите се нарекува чи, кај Јапонците ки, кај индиските следбеници на јогата го носи името прана. Сега е широко распространет терминот биополе, а современата медицина таа сила ја нарекува психичка енергија.

Позитивната енергија е најмоќната сила во универзумот, која претставува главен вител за иницирање на креативноста, духовноста и мудроста. Човекот поседува голема психичка моќ, која доколку е водена од импулсот на позитивната енергија, може да создаде најинспиративни дела и да допре до најголемите тајни на постоењето. Впрочем, како што вели Никола Тесла: „Мојот мозок е само приемник – во универзумот постои некое јадро од кое ние црпиме знаење, сила и инспирација. Немам продрено во тајните на ова јадро, но знам дека тоа постои“.

Тоа јадро, колку и да е скриено во интелигибилната димензија на вселената, овозможува да ја осознаеме и почувствуваме неговата вибрација – потребно е само да се отвориме за радоста, љубовта и мудроста и пред сè за позитивната енергија. Овие изблици претставуваат главен извор на животна сила, здравје и инспирација и со себе носат духовен мир и највисок степен на енергетска хармонизираност. Нивоата на страст, оптимизам, виталност и енергичност, претставуваат моќно орудие во борбата со искушенијата, исто како што безволноста, песимизмот, болежливоста и апатичноста се знаци за непродуктивноста и пасивноста.

Благодарение на своите психофизички капацитети и енергетски потенцијали, човекот е способен да најде решение и за најголемите тешкотии и да се извлече од најопасните удари на судбината. Сепак, сите луѓе не се исти, некои се карактеризираат со прекумерна чувствителност и ранливост, додека други се нечувствителни, сурови и егоистични. Затоа, мошне често позитивците стануваат лесна цел на агресивците, манипулаторите и експлоататорите.

Вампиризмот е енергетска кражба, која завршува само ако се дистанцираме од енергетскиот вампир и ако престанеме да ја прифаќаме неговата матрица на дејствување. Проблемот се јавува кога несвесно се соживуваме со улогата на донаторот и кога си умислуваме дека сè што правиме, правиме за заедничко добро. Последиците од таквото „донаторство“ може да бидат опасни за нашето здравје и за психофизичката кондиција на сопствената личност. Доколку сме константно напаѓани од енергетските вампири кај нас се јавува малаксаност, замор и поспаност, се зголемуваат проблемите со концентрацијата, стануваме раздразливи, нервозни и подложни на несоници, главоболки и психосоматски болести.

Енергетски вампири може да бидат и наметливите родители, но и децата кои не знаат за зборот граница, незадоволните сопружници кои со своите критики и омаловажувања го нарушуваат енергетското поле на партнерот, колегите од работа кои се склони кон драматизирање, пријателите кои со своите меланхолични и песимистички изблици, енергетски нè исцрпуваат. Повеќето од нив, енергетските атаци ги прават несвесно. Тие ни ја земаат енергијата, поради што стануваме поранливи и понапнати на психофизички план.

Од друга страна, постојат енергетски вампири кои на свесно ниво ги вршат нападите врз туѓото биополе. Нивната способност да се инволвираат во нашиот живот и константно да нè цицаат на енергетски план, претставува сериозна закана за поединецот, кој нема изградено силен механизам на самоодбрана. Затоа, кога околностите тоа ни го дозволуваат, треба да научиме да кажуваме „не“, но и да станеме свесни за сопствените права,  бидејќи некои луѓе како да се навикнати да ги наметнуваат исклучиво своите потреби, а да ги игнорираат туѓите.

Постојат поединци, кои поради секојдневните фрустрации, постојано размислуваат за неубавите ситуации, преувеличувајќи го нивното значење и на тој начин паѓаат во уште подлабока депресија. На крајот не издржуваат, па го земаат телефонот и ни се јавуваат, надевајќи се дека ние ќе им помогнеме да се чувствуваат подобро. Ако сме им секогаш достапни, ќе се претвориме во енергетско-емоционална депонија на која тие ќе можат да го исфрлаат товарот на своето очајување. Во контактот со таквите енергетски вампири клучно е да поставиме лимит на својата достапност за разговор во врска со емоционалните и егзистенцијални проблеми на соговорникот. Не треба целосно да ги избегнуваме, туку да одредиме време за почеток и крај на разговорот, бидејќи ако константно им стоиме на располагање, сериозно ќе го загрозиме енергетскиот виталитет на сопствениот организам.

Треба да знаеме дека нашата енергија ја исцрпуваат и електричните апарати, „црните хроники и информации“, високиот атмосферски притисок и лошите временски услови. Зошто? Бидејќи ние сме енергетски битија и низ нас проаѓа енергија. Нешто нè полни, а нешто нè празни.

Според Астрогор (руски истражувач на феноменот енергетски вампиризам): „Кога почнуваме да се нервираме поради провокациите на вампирот, таа енергија емоционално нè повредува со својата разорна сила и се манифестира низ симптомите на болест. Но, доколку не се возбудуваме, туку му се насмевнуваме на предизвикувачот, тој фрла на нас сноп на негативна енергија во вид на грубост на која ние не реагираме и продолжуваме да се смееме. Таа енергија двојно му се враќа нему, како бумеранг. Истовремено, лунарниот вампир може да падне, да се онесвести, додека соларниот експлодира од бес, се црвени, вика и се тресе. Во тој момент треба да бидеме внимателни, зашто може да стане максимално агресивен и да нè удри“.

Меѓу љубовните партнери, прв доказ за вампиризам е љубомората, која во себе ја крие потребата да се контролира и доминира животот и личноста на саканиот. Честите караници, оправдувања и докажувања, кој каде бил и со кого, максимално го троши енергетскиот потенцијал на едниот, но не придонесува ниту за зајакнување на биополето на другиот. Имено, бидејќи и мислата е еден вид енергија, опсесивно љубоморниот поединец постојано се разјадува со негативни мисли и проектира ситуации, кои целосно го исцрпуваат на психофизички план. Затоа, некогаш жената процветува кога ќе го напушти партнерот – вампир, исто така и мажот наоѓа мир кога ќе си замине од жената – вампир.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

(продолжува)