ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ВРОДЕНОСТ НА ЗЛОТО

354

 

Богомилите сметале дека со преголемо оддавање на телесното и материјалното, човекот се оддалечува од духовното, кое е асоцијација на божественото. Затоа се залагале за аскетизам, скромност, искреност и сиромаштво. Водени од основните начела на евангелијата, тие остро ги напаѓале световните и црковни власти кои наместо кон духовните вредности, целосно се ориентирале кон стекнувањето огромни феудални поседи и материјални добра. Богомилите проповедале откажување послушност на господарите како слуги ѓаволови. Според нив, црковните раководители се натпреварувале со световните власти во алчното трупање богатство и во подјармување и експлоатирање на народот. „Полесно камила ќе се провре низ иглени уши, отколку богатиот во царството небесно“, вели нивниот омилен цитат од евангелието.

Сфаќањата на богомилите се спротивставени на официјалното христијанско учење според кое светот е создаден од семоќниот и предобар Бог, а злото е производ на грешната човекова природа (произлезена од првородниот грев). Богомилите сметале дека човекот е творба на два творца: добриот и злиот. Според нив, Сатаната станал господар на земјата, така што првиот човек, Адам бил принуден да му даде написмено дека тој и неговите потомци ќе му слугуваат на нечестивиот.

Оваа теорија укажува дека ѓаволот ги вмешал прстите во постанокот на светот и го предизвикал злото – сфаќање кое го отфрламе како верување во мистицизам.

Втората теорија укажува дека многу од луѓето во себе носат вроденост на злото, така што поради генетскиот детерминизам се ориентираат кон негативноста. Асоцијацијата е дека многумина како да се оперирани од сочувството, алтруизмот, хуманоста и од определбата да создаваат хармонични и позитивни односи со другите.

Одредени германски и норвешки научници истакнуваат дека кај многу луѓе постои мошне силно изразен ген на моралот, затоа тие имаат моќен капацитет за иницирање на доброто. Со испитување на мозокот, научниците откриле дека кај некои други поединци доминира воинствениот ген, кој ги прави агресивни, темпераментни и насилни. Научните истражувања ги извршиле и врз голем број криминалци и сериски убијци и откриле дека им недостига хормонот на среќата – серотонин, поради што често се гневни, фрустрирани и нервозни.

Тоа значи дека некои лица, можеби среќата и исполнетоста ја постигнуваат кога ги уништуваат, напаѓаат и деградираат другите, што може да се види и од денешен аспект – кога војната станува решение за сите проблеми. За жал, постојат лица кои вршат терористички напади, убиваат невини или крволочно и садистички сечат глави на несреќници, кои не претставуваат никаква закана за нивните воени цели.

Наспроти религиозното сфаќање за пренесување на наследниот грев, во поново време се наметна теоријата за пренесување на наследниот материјал. Таа асоцира дека одредени поединци се генетски предиспонирани за експонирање на злото. Оваа теорија укажува дека злото, иако е вродено, сепак многу ретко може на најбрутален начин да биде манифестирано, бидејќи за да се случи тоа, треба да се исполнат и други предиспозиции.

За тие нешта се зборува во третата категорија, која асоцира дека за манифестација на злото, неретко е виновна и социјалната средина или влијанието на околината.

Однесувањето на човекот е поразлично во периодот на мир и доброто социјално живеење, за разлика од периодот кога има војна, борба за опстанок и деградација на условите за живеење. Тоа во психологијата се асоцира преку енвироменталистичката теорија која тврди дека влијанието на социјалната средина го детерминира однесувањето на човекот. Причинителите за злото и негативните ориентации, може да ги бараме и во околностите на детството и младоста, каде поединецот можеби се соочувал со насилства и конфликти, со живот во растурено семејство во кое родителите нé асоцирале на морал и духовни вредности.

Детето или младиот човек го впива тоа што го гледа, а што ако во себе има и генетска предиспозиција за злото и негативноста, кои постепено се зголемуваат со насобирање на разни фрустрации и емоционални трауми.

Сето тоа е научно преиспитано кај дел од масовните убијци и злосторници. Од една страна, тие имале вродена предиспозиција за ширење на злото, но од друга страна, живееле во лоша социјална средина и не ја добиле мотивацијата за практикување на љубовта и позитивноста, напротив биле нападнати, малтретирани и понижувани од другите. Потоа некои од нив, можеби ја повредиле главата и дополнително го оштетиле делот од мозокот задолжен за практикување на алтруизмот и позитивизмот, со што станале максимално предиспонирани кон манифестирање на злото и негативизмот. На крајот, им се отвориле предусловите за ширење на злото и тие станале тоа што станале – срам за себе (доколку имаат трошка грижа на совест) и срам за човештвото.

Четвртата теорија е дека човекот, сепак ја има слободата на изборот. Многу луѓе доаѓаат во ситуација да го иницираат негативното, како на пример: крадење пари, уништување на колективните добра и работната организација, агресивно однесување кон другите. Тие имајќи ја слободата на волјата, се определуваат во одредена ситуација да се приклонат кон злото, иако во суштина не се зли и негативни личности. Тоа укажува дека им недостига духовност, одговорност и позитивно експонирање на слободата на волјата. И тука, ќе се оттргнеме од сите претходно наведени категории и ќе заклучиме дека човекот е лично одговорен за сé што прави во животот, за злото, но и за доброто.

Со неосвестеното добро во себе, луѓето побрзо и полесно ќе итаат кон злото.

Според евангелието од Матеј: „Кога страстите ќе ја зафатат душата и ќе почнат да ја владеат, тие како оган што паѓа на суви дрва, многу често ги разгоруваат и го предизвикуваат злото и негативноста“.

Потребна ни е висока свесност и разумност за да успееме да го избегнеме злото и да не потпаднеме под ниските страсти. Живееме во неразумен свет, каде многу нешта ни се натурени преку медиумите. Можеби немаме директно соочување со злото, каде лично сме атакувани, но индиректно сме заплистнати со разно разни информации, во кои доминираат неубавите вести: сообраќајни несреќи, економски рецесии, воени судири, мигрантски кризи, губење на работни места, несигурност на материјален план, опасност од болести, пандемија, социјални потешкотии, лоши односи помеѓу партнери…

Сето тоа ги прави луѓето малодушни и стегнати, или пак, затворени во сопствените мисловни ќелии и процеси, кои не им дозволуваат да ја погледнат пошироката слика. Што треба да направат за да ги отворат очите и да се нурнат во сé што претставува хармоничен мозаик на нештата?

Човекот треба да тргне кон себеспознанието, кон сопствените капацитети и кон законот на афирмација.

Ако одиме реалистички навистина има причина од сé и сешто да стравуваме: не знаеме колку е загаден воздухот за без страв да го дишеме; не знаеме колку е безбедна храната што ја консумираме; дали постои искреност, верност и посветеност во меѓучовечките односи; колкава е сигурноста на работните места и ред други аномалии кои се насекаде околу нас. На крајот на краиштата, може да бидеме опкружени и со многу несреќни луѓе, со лица кои шират енергетски вампиризам и со сите оние кои се незадоволни од себе и од животот. Тоа може да нé доведе во ситуација емоционално да се стегнеме, блокираме, со цел да се заштитиме од надворешните упади во нашата енергетска и психофизичка подлога. Сепак, решението не треба да го бараме во бегството и во целосното повлекување, туку мора да најдеме начин да се отвориме и сплотиме со лицата кои позитивно зрачат и нé влијаат негативистички кон нашата личност.

(продолжува)

 

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)