ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Вистинска љубов

607

Дали во денешно време е реално да се надеваме на искрена, долготрајна и вистинска љубов?

Проблемот не е во постоењето туку во опстојувањето на љубовта. Прашањето е колку долго ќе траат страста, надополнувањето, менталната поврзаност и емоционалната блискост или, пак, можеби се работи за љубовен импулс, кој со текот на времето ќе загуби од својот интензитет. Според одредени научници, љубовниот занес е најсилен на почетокот од врската, потоа, како што најчесто се случува, хормоналната привлечност се намалува и на површина излегува реалната слика за квалитетот на односот. Добро е да постои флуид и страст, но најважно е да се согледа колку и дали партнерите се надополнуваат и на духовна основа.

Денес сè поретко сме сведоци на вистинска љубов, бидејќи повеќето луѓе се преокупирани со материјалното, со кариерата или со работата, така што помалку се вложуваат во љубовниот однос со партнерот.

Брзото темпо на живеење го наметна концептот на индивидуализмот, кој подразбира свртеност кон себе и потреба да се биде концентриран кон создавањето успех, статус и материјални добра. Како резултат на тоа, многумина чувствуваат психофизички замор и не се во состојба соодветно да го возвратат вниманието и да споделат страст и емоции со својот партнер. Притоа очекуваат другиот целосно да им се приспособи и да ги прифати околностите и ограничувањата присутни во љубовниот однос. Проблемот е што таквите барања се премногу себични и нереални, бидејќи невозможно е некој постојано да се подредува и да му биде на услуга на другиот.

Проблемите се јавуваат ако и двајцата негуваат сличен пристап и постојано анализираат кој колку дал и вложил во љубовниот однос.

Дали во тој случај се работи за вистинска љубов?

Главно начело на љубовта е: сподели позитивни емоции, уживај, чувствувај се исполнет, бидејќи ти така сакаш, а не затоа што некој тоа го бара од тебе. Суштината е во иницирањето на љубовните вибрации, посебно ако тие ни овозможуваат убаво да се чувствуваме и да станеме посреќен и подобар човек. Таквиот пристап е плод на афирмативната насоченост и законот на позитивната енергија. Тој целосно се разликува од аналитичкиот пристап и од законот на отпорот, кој гласи: колку љубов ќе  добијам со толку ќе возвратам, односно очекувам соодветно да ми биде возвратено за љубовта што ја вложувам. Овие ментални борби и преиспитувања почнаа доминантно да надвладуваат, поради што се наметна прашањето: Каде во таквиот однос се наоѓа љубовта?

Во некои други времиња, љубовта подразбирала подготвеност за жртвување, себепотиснување и целосна посветеност и насоченост кон партнерот. За таквиот тип на љубов, пишувал и Јохан Гете во книгата „Страданијата на младиот Вертер”, во која укажал дека среќата на саканата личност треба да биде ставена пред сопствените тесни интереси и дека вистинската љубов не е водена од разумот туку од срцето.

Кога го истакнуваме рационалното, а го потиснуваме емоционалното, многу тешко ќе ја воздигнеме љубовта и ќе бидеме сплотени со партнерот.

Денес живееме во свет на рациото, кое го издоминира срцето, поради што се наметна мислењето дека вистинската љубов не постои, бидејќи сè е водено од интересот и физичката привлечност. Љубовните импулси наместо да се темелат врз емоционална блискост и посветеност, многу повеќе се водени од страста и површните задоволства.

Во некои други времиња, љубовта подразбирала подготвеност за жртвување, себепотиснување и целосна посветеност и насоченост кон партнерот. За таквиот тип на љубов, пишувал и Јохан Гете во книгата „Страданијата на младиот Вертер”, во која укажал дека среќата на саканата личност треба да биде ставена пред сопствените тесни интереси и дека вистинската љубов не е водена од разумот туку од срцето.

Сепак, за да констатираме дека постои вистинска љубов, неопходно е и двајцата да бидат среќни, задоволни и исполнети. Ако не постои вистинска љубов, тогаш и двајцата ќе страдаат – мажот ќе се чувствува осамен и нереализиран, а жената ќе смета дека е неприфатена и ќе стане несреќна и емоционално неисполнета. Љубовната нереализираност подеднакво ги погаѓа и мажите и жените.

Овој свет се прокламира како свет на материјата, парите, моќта и страстите, поради што уште од праисториска епоха мажите тежнееле да освојат, да поробат, да бидат ловци, да се борат против непријателските животни околности, со цел да го прехранат семејството. Во денешно време, нештата се променија, така што и жената почна да обезбедува средства и финансиски да придонесува за себе и за семејството. Пред повеќе од 50 години, мажот ги обезбедувал средствата, додека жената најчесто била ориентирана кон семејството, се грижела за децата и се истакнувала во домаќинството. Тој шаблон на семејна организираност целосно се почитувал, така што жената си го наоѓала своето место во заедницата, без оглед дали и колку сето тоа ја исполнувало.

Еманципацијата колку што ги истакна позитивните вредности на жените толку им создаде и проблеми и ги остави без слободно време и со хроничен замор, бидејќи им наметна високи барања и ги направи поиндивидуално насочени кон животот.

Свесни дека не постои друга опција, многу од жените биле задоволни од таквата наметната улога. Од друга страна, мажот бил должен да се докаже преку обезбедувањето средства, грижа и заштита на семејството. И денес, мажот не е ослободен од тие задолженија, бидејќи ретко која ситуирана и статусно етаблирана жена ќе одлучи да влезе во брак со маж кој работи на ниско платено работно место или, пак, нема висок капацитет за стекнување материјални добра. Повеќето од таквиот тип на жени, без размислување ги игнорираат овие мажи, дури и по цена да останат сами. Еманципацијата колку што ги истакна позитивните вредности на жените толку им создаде и проблеми и ги остави без слободно време и со хроничен замор, бидејќи им наметна високи барања и ги направи поиндивидуално насочени кон животот.

Жените станаа автономни креатори на својот живот, тие повеќе не се орудие во рацете на мажот и не чекаат на неговите средства туку сами ги обезбедуваат.

На жените во прилог им оди и тоа што сè повеќе се образуваат, вложуваат во личниот развој, стануваат независни и умеат да ги бараат и бранат своите права.

Во претходните векови, жените немаа многу опции, затоа мораа да трпат разни шиканирања и да се подредуваат пред авторитетот на мажот. Денес ретко која жена ќе се задоволи со половични решенија, така што повеќето од нив вршат притисок врз партнерот, кој и во современата епоха е должен да обезбедува средства за семејството и да се докажува во креветот. Тоа отсекогаш било прашање на машкоста.

Негативниот пристап кон нештата може да создаде фрустрација и незадоволство кај партнерите, да предизвика  конфликти и да ги направи подложни на нервозни реакции.

Oдносот е успешен, хармоничен и функционален само ако двајцата си помагаат еден на друг и се надополнуваат во разни животни ситуации. Но, ако наместо разбирање, толеранција и почит кон тоа што партнерот го работи, постојат наредби, критики и барања кои го нарушуваат мирот на другиот, тогаш таквиот однос однапред е осуден на неуспех.

Личното незадоволство и его тенденциите создаваат терен едниот партнер да се изживува врз другиот, да иницира непотребни конфликти и да манифестира нетолеранција, доколку неговите/нејзините барања не бидат веднаш исполнети и одоброволени.

За напредок на одреден однос, клучно е да постои почит, тактичност и културно однесување. Тоа не значи дека треба да ги потиснуваме своите барања и да не очекуваме партнерот да ни помогне во одредена ситуација. Напротив, односот е успешен, хармоничен и функционален само ако двајцата си помагаат еден на друг и се надополнуваат во разни животни ситуации. Но, ако наместо разбирање, толеранција и почит кон тоа што партнерот го работи, постојат наредби, критики и барања кои го нарушуваат мирот на другиот, тогаш таквиот однос однапред е осуден на неуспех.

Затоа, не треба да се претерува со наметнување на барања за нешта кои не се итни и неопходни, ниту пак, да вршиме притисок врз партнерот за работи кои и самите можеме да ги извршиме, посебно ако другиот во моментот не чувствува потреба да го направи тоа што ние го бараме од него.

Треба да имаме на ум дека голем број  љубовни проблеми започнуваат од ситници и од неисполнети очекувања кои до тој степен сме ги предимензионирале, што од мравка сме направиле слон.

 

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)