ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: БРАТОУБИСТВО

405

 

За вредноста на душата, доброто и позитивното зборувале и големиот мудрец Буда, спасителот Исус Христос, пророкот Мухамед и многу други врвни духовни личности. Душата ни помага да се оддалечиме од сé што е лошо и негативно. Сепак, сé додека доминира телесното, се живее според начелата на потрошувачкото општество и опстојува експлоатацијата на сепостоечкото, тогаш душевноста и духовноста ќе им бидат подредени на материјализмот и ниските страсти. Експлоататорскиот однос (кој започнал да се развива уште од времето на робовладетелството, феудализмот, па сé до раниот капитализам) кон работникот го наоѓаме дури и во 20-от век, кога пред и по Првата светска војна постоела огромна експлоатација и деградација на работниот труд. Тоа покажува дека моралот и душевното, како да исчезнале, така што и денеска одредени поединци и групации се со тенденција да заграбат огромни богатства и да остварат сé поголема и поголема финансиска моќ на глобален план.

Прашањето е до кога, како и зошто сето ова се наметнува и како ќе опстане духот и душевноста на човекот во светот на телото и материјата. Старозаветната легенда за Каин и Авел, најдобро ни покажува колкава штета предизвикува високото его и желбата да се биде „посебен“. Двајцата браќа влегле во личен судир, кого повеќе Бог ќе го сака, дали едниот кој се занимавал со сточарство или другиот кој работел земјоделство. Таа его борба предизвикала Каин да го убие својот роден брат Авел.

Луѓето и во денешно време продолжуваат меѓусебно да се убиваат и уништуваат, а всушност сите ние имаме еден ист генетски материјал, според научниците произлезен од Африка. И таа братоубиствена војна никогаш не завршила, константно трае. Огромен број на луѓе настрадале, дури се смета дека во период од 3400 години се случило само 243 години да нема воен судир, така што имало нон – стоп уништувања, деградации и насилства извршени од страна на човек кон човек. Помеѓу 1900 и 1989 година околу 86 милиони луѓе се убиени во воени судири, од кои 2/3 во двете светски војни. Ако тој број рамномерно се подели на целиот период, ќе добиеме просек од преку 110 мртви во војни секој час во текот на 20-тиот век.

Познат е геноцидот во Руанда, каде што во 1994 година околу 800 000 припадници на племето Тутси, биле убиени од припадниците на племето Хуту. И сето тоа произлегло од политички и идеолошки цели. И толку брзо ги уништувале со мачети, така што ни нацистите не биле толку ефикасни во убивањето на затворениците во концентрационите логори. Да не зборуваме за холокаустот и за уништувањето на Евреите, поради идеологијата за создавање чиста ариевска раса и умислената предопределеност дека Германецот е создаден за да владее со светот. Во тие случаи, целта не била да се создадат уништувања поради грабање на територии или економски интереси, туку определбата за чиста ариевска раса, предизвикала да се уништува цел еден народ.

Да не анализираме тоа што се случуваше во поранешна Југославија, меѓу поранешните „браќа“, соседи и пријатели, како и во комунистичките гулази. Да не зборуваме за масакрите кои се извршиле во Источен Тимор и Индонезија, за геноцидот кој го извршиле Османлиите врз Ерменците, Јапонците врз Кинезите во втората светска војна, за злосторствата што ги правеле Пол Пот и Црвените кмери. Тотални геноциди и уништувања, деградации и злосторства. Голем број на злосторства се извршени и врз македонскиот народ, кој низ својата историја морал да ги трпи разните освојувачко-колонизаторски заложби на „братските“ околни држави.

Како што наведува норвешкиот философ Лаш Свенсен, нацистите за само неколку години убиле преку 25 милиони луѓе, а комунизмот во подолг временски период успеал да убие најмалку 100 милиони луѓе. Двата система имале неверојатна волја да ги жртвуваат човечките животи поради „повисока цел“. Мао Це Тунг верувал дека еден човек од 20 е народен непријател, а тоа подразбирало дека треба да се отстранат 30 милиони од 600 милиони луѓе што во тој момент живееле во Кина. Само за време на Културната револуција (траела од 1966 до 1976 година) од глад умреле повеќе од 20 милиони луѓе.

Дури и таканаречените високи демократии, во својата историја изнедриле големи злосторници, како што бил белгискиот крал Леополд втори, кој им ги сечел ушите на слугинките и ги ловел и гонел со кучиња малите црнчиња во Конго. Во периодот на владеење на Белгија (1880-1920), домородното население во Конго било редуцирано од 20 милиони на нешто помалку од 10 милиони жители. Познато е што се случило со империите на Инките и Астеците, кога во нивните планински предели биле посетени и освоени од шпанските конквистадори на Франсиско Пизаро и Ернандо Кортес. Одредени европски држави со својот колонијализам и империјализам имаат предизвикано големи страдања, експлоатации и уништувања на домородни народи.

На што сето тоа асоцира? Дека за жал, духот на човекот и неговата ориентација кон хуманоста многу малку еволуирале. Дали за сето тоа се виновни одредени групации, кои во освојувањата, уништувањата и грабежите на туѓите национални блага го гледале својот интерес за стекнување уште поголеми материјални богатства или за задоволување на своите агресивни пориви. Во чие име тие го наметнуваат злото и вршат геноцид и истребувања на цели народи. Дали тоа го прават во името на егото, парите и моќта? Дали овие категории можат да ги надвладеат вредностите на душата, позитивноста, срцето и хуманоста? Секако дека долгорочно гледано, злото не може да го надвладее доброто, но за жал злото сериозно се наметнува и го деградира човештвото.

Во прилог на злото оди и митолошката приказна за Прометеј, кој го украде огнот од боговите и им ја донесе светлината на луѓето, ги научи со плуг да ја обработуваат земјата, им асоцирал на вредности, знаења и ги поттикнал да бидат самостојни и независни. И на крајот, каде заврши Прометеј? Го распнаа на карпата! Иако тој е митолошки лик, сепак зборува за судбината на поединецот, кој се обидел да дејствува во името на човекољубието, доброто и позитивното. Прометеј не сакал луѓето да живеат во духовна темнина и незнаење и да им робуваат на лажните авторитети. Неговата цел била да им ги олесни животните тешкотии и да ги направи посреќни и порадосни. Затоа, како што асоцирал Карл Маркс: „Прометеј е еден од најблагородните светци и маченици во философскиот календар“, бидејќи претставува олицетворение на храброст, револуционерност и непоколебливост во остварувањето на слободата и хуманите идеали на постоењето.

Спасителот Исус Христос дојде на овој свет, со идеја да ги мотивира луѓето кон љубовта, ненасилството, духовноста и понизноста и да ги ослободи од првородените гревови. Тој ги асоцирал и осведочил најголемите вредности, поттикнал етичко реформаторство, и каде завршил – го распнаа на крстот.  Значи, луѓето и човештвото не се доволно свесни и способни да ги препознаат највредните личности и вистинските вредности. Тоа е така перцепирано од индивидуалистичка гледна точка. Но, гледано низ поширока призма, односно од аспект на вечноста – божјата промисла наумила сето тоа зло што се наметнува низ кој било сегмент, да биде уништено и деградирано.

Ние луѓето имаме за задача да веруваме во судниот ден, во есхатологијата, но и активно да придонесуваме и да се бориме за воспоставување на начелата на мирот и доброто. Тоа што е добро да го прифатиме како добро, да го продуцираме позитивното и да го браниме афирмативното, зашто само така сите ние ќе опстанеме и имаме шанса да живееме во разбирање, мир и хармонија.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)