Едно од бројните македонски семејства кои годишниот одмор на море годинава го минуваа во Грција за весникот „Вечер“ раскажа дека поминале низ вистински пекол.

Невремето што ги зафати речиси сите места на полуостровот Халкидики, зад себе остави пустош, повредени и загинати.

Во Сарти, од каде што се јави нашиот читател, повеќе од 30 часа луѓето останале без струја и вода. За време на најголемата силина на невремето разорните ветришта носеле се пред себе и, како што вели, „летаа ќерамиди на сите страни“.

-Детето многу ни се исплаши. Ужас доживеавме! Не знаевме што ќе се случи, па малечкиот го сместивме во тоалетот каде што немаше прозорци. Целата соба почна да се полни со вода… Одвај чекаме да се вратиме дома, вели нашиот читател кој ни ги испрати и фотографиите.

Дознаваме дека во Сарти нема потешко повредени, но тешко се оштетени над 30 возила, додека силниот град ги оштетил фасадите на сите куќи во местото.