Женското лидерство, особено лидерство во науката е нешто што му е неопходно на нашето општество и воопшто на човештвото. Свесна сум за напорите што една жена и мајка треба да ги направи за на професионален план да биде еднакво почитувана и ценета како и колегите, но и да најде време и енергија да се посвети на науката и на професијата. Земјава има жени квалитетни кадри во сите области и тие заслужуваат да го предводат развојот и на науката и на општеството воопшто, истакна сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска на собирот „Глобален женски појадок 2020“ во организација на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.
-Верувам дека денешниот собир е извонредна прилика за споделување, искуства, вештини, знаење информации, контакти и идеи. Она што се случува на локално ниво, вмрежувањето на национално ниво, натаму да прерасне во вмрежување на интернационално ниво и со тоа да се придонесе во градење на идни лидери во науката, но и воопшто во останатите делови на живеењето, рече Ѓоргиевска
-Се уште треба да се работи на целосна родова еднаквост во политиката, во бизнисот и науката, но за жал и во нашите размислувања менталитет и култура на живеење. Затоа мора уште поенергично да се бориме за потполна еднаквост, рамноправност, институционално, но и индивидуално во нашата средина и нашиот дом. Борбата да биде за квалитет, не за квалитет. Не се соменевам дека имаме извонреден потенцијал, дека имаме жени лидери кои можат да го предводат развојот и на нашата наука, но и да бидат лидери и во општествените процеси, рече Ѓоргиевска.
Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија, кој е организатор на настанот, се согласува дека и натаму е потребно да се работи на промоција на родовата еднаквост во нашето општество.
-Освен тоа, ние треба и меѓу себе да се поттикнуваме едни со други, да се подржуваме едни со други за да преземеме позначајни чекори и да заземеме некои позначајни позиции во општеството кои ќе ни помогнат на сите заедно да одиме напред, рече Стефова.
На средбата беа упатени и пораки дека треба да се зголемат средствата за науката во земјата, а младите да се мотивираат да ги изучуваат природните науки. Претставници од Фондот за иновации и технолошки развој, потенцираа дека можат да се користат и средства за развој на образованието и образовни активности, за отворање сопствени бизниси и за комерцијализација на иновации.