Во ракометот се подготвува вистинска револуција, а се работи за правило за кое никој не можеше да се надева дека некогаш ќе биде воведен во овој спорт. Имено, Извршниот комитет на Европската ракометна федерација на последниот состанок донесе неколку одлуки, а една е особено важна.

Станува збор за одлука поврзана со промена на ракометните правила, а со тоа и во ракометот се воведува таканаречениот „Предизвик“ за тренери. Предложената иновација превидува дека за време на натпреварот тренерот може да оспори одлука на судиите, но има право да го стори тоа само еднаш во текот на натпреварот.

Судиите потоа ќе ја прегледаат спорната ситуација користејќи видео анализа, по што ќе ја потврдат или поништат нивната претходна одлука. Конечната пресуда за овој предлог ќе ја дадат Комисијата за техничко судење и натпреварувачката комисија на седницата на 23 и 24 февруари.