ЕУ ќе има единствена база на податоци за борба против криминалот

10

Европската унија планира да изработи единствена база на гранични и визни податоци, за да се избегнат пропустите и да се зајакне борбата против меѓународниот криминал и тероризмот.

Унијата денеска предложи унапредување на информативниот систем на државите членки, така што агентите на Европол да имаат пристап до доверливи податоци.

Еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос изјави дека планот има за цел да ги отстрани празнините и „мртвите агли” во информациските системи.

Планот предвидува полицијата, царинските службеници и судските власти да имаат единствен портал за пребарување на сите бази на податоци до кои имаат пристап.

Европската комисија соопшти дека таков план нема да ја загрози заштитата на податоците и ќе ги олесни проверката на информациите и апсењето на криминалци, кои користат повеќе или лажни идентитети.