ЕСТРАДАТА Е ВО ПАНИКА: Сега даваме и гаќи на продажба!

84

Во соседна Србија, на тамошната естрада, во тек е голема акција од страна на нивната даночна инспекција во која сега-засега на црно се фатени 19 пејачи, музичари кои работеле (пееле, свиреле) од почетокот на 2019 година без регуларни договори со газдите на угостителски објекти. Јавна тајна е дека естрадните ѕвезди земаат релативно големи хонорари на своите настапи по кафеани, ресторани, ноќни диско клубови, најчесто на свадби, а за тоа не плаќаат никаков данок или пријавуваат сосема мал данок кон државата кој всушност нема врска со вистински заработените пари.

Во српската Даночна управа велат дека Законот е сосема јасен, дека работодавецот, односно газдата на угостителскиот објект, е должен според тој Закон да потпише Договор со естрадните изведувачи и музичари, но дека тоа ретко кој го контролира. Сега е донесена дефинитивна одлука на дивјаштвото да му се застане на пат, па по спроведената акција на терен, фатени се 19 пејачи кои ги немаа договорите. Имињата на пејачите Даночната управа засега не ги открива со оглед на тоа дека следи детална истрага, а и казните што ќе ги добијат тие нема да бидат под 5 илјади евра.
– Ние како самостоен синдикат на естрадни уметници и изведувачи на Србија бараме да се применува Законот, Даночната инспекција да почне да работи како што треба, да почнат да прават редовна контрола, како што се прави за секој граѓанин. Даночните инспекции се на терен и интезивно ги чешлаат угостителските објекти во цела Србија, а уште поинтезивно ќе биде сега, 1и март, вели Драгиша Голубовиќ, претседател на Синдикатот на естрадни уметници на Србија. Тој објаснува дека според колективниот Договор, работодавецот, сопственик на кафеаната, дискотека, ноќниот клуб не може да му исплати хонорар на пејачот, музичарот помал од минималецот во Србија кој оваа година изнесува 27.022 српски динари.
– Ваков тип на Договор должни се сите да го имаат, како и оние пејачи, музичари, естрадни работници кои доаѓаат од странство, од српската дијаспора, но секако и од поранешните југословенски републики, а заработуваат во Србија на популарно наречените “тезги”. Не знам како е регулирана оваа тематика во Загреб, Скопје, Сараево, Љубљана, Подгорица, Сплит или во Бугарија, но, веројатно, дека и на нивните естради нешто слично се случува, па многу пејачи заработуваат на црно. Нивните даночни инспекции ќе мора ова под итно да го решаваат, бидејќи логично е дека никој не сака да плаќа големи казни.

Реакциите на пејачите (кои пеат во Србија) се изненадувачко позитивни, како на пример на Аца Лукас, Снежана Ѓуришиќ, Лепа Брена, Цеца Ражнатовиќ, Ана Бекута, Драгана Мирковиќ, Жељко Јоксимовиќ, Дејан и Саша Матиќ, Лепа Лукиќ, Бајага, Северина, Калиопи, Дино Мерлин, Тереза Кесовија, Петар Грашо, Нина Бадриќ, Горан Бреговиќ, Јосипа Лисац… Се разбира, тоа се реакции на оние пејачи и музичари кои се чисти пред Законот. Останатите молчат. А, најинтересен коментар, но и вистинит, даде пејачката Нада Топчагиќ:

– Доколку државата чека од нас пејачите нешто да заработи, даночниците нема да имаат ни за кисела вода. Помина тоа време кога се вртеа големи пари. Сега ако сакам да имам нова песна за која никој не ми гарантира дека ќе стане хит, јас морам на авторите да им платам 5 илјади евра. Од каде јас да ги заработам тие пари? Сите сме насукани како “Титаник”, сега ги даваме и гаќите на продажба!   Д.М.